Македонија
Нов проект на ОБСЕ против злоупотребата на лесно оружје во Македонија

Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи денеска почнаа нов проект насочен кон намалување на ризикот од нелегална трговија и злоупотреба на мало и лесно оружје (МЛО).
„Безбедноста на националните залихи на МЛО е од најголемо значење за зголемување на безбедноста на границата, придонесување во борбата против организираниот криминал и избегнување на понатамошна нелегална трговија, што на крајот придонесува за безбедност на граѓаните во регионот и пошироко“, изјави шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, на отворањето на настанот за отпочнување на активноста.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека проблемот со неконтролирано ширење на мало и лесно оружје во последниве години се здобил со важност во меѓународните агенди.
„Глобалните околности, особено во доменот на масовните миграции и видоизменувањето на терористичките концепти, ги мултиплицираа можните опасни последици од неконтролираната пролиферација на малото и лесно оружје. Неретко сме сведоци дека овој вид незаконски и криминални активности претставува и еден од катализаторите којшто дополнително ги трансформира локалните инциденти во многу пошироки регионални и глобални настани“, нагласи министерот.
Ото Граф, заменик-шеф на мисијата во германската амбасада во Скопје, истакна дека целта на овој проект е да ја поддржи Република Северна Македонија во развивањето на своја професионална служба за подобро справување со транснационалните закани преку мало и лесно оружје, како и во борбата против организираниот криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски и Тошковски на пешачење во Градски парк: секој чекор е здравје

Градскиот парк денеска беше изборот на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Двајцата утрото го започнаа со пешачење низ алеите на паркот, во спортска опрема и ведро расположение.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија. Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила. Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.