Македонија
СПМ ги повика другите полициски синдикати да се спротивстават на незаконските прераспоредувања во МВР
Синдикатот на полицијата во Македонија ги повикува вработените во Министерството за внатрешни работи, членовите на двата синдиката – Македонскиот полициски синдикат и на Независниот синдикат на полицијата, да се приклучат во борбата за заштита на работните права на вработените во МВР.
Сидикатот преку проглас укажува на алармантна состојба од зголемено кршење и повредување на работните права, вознемирувањето на дел од вработените и нарушувањето на човечките односи во речиси секоја организација. Од Синдикатот наведуваат дека ова особено се однесува на незаконски прераспоредувања во полицијата, кои се спроведуваат преку злоупотреби на службени положби од страна на правната служба и претседателите на комисиите во МВР.
Таквите прераспоредувања, потенцираат од Синдикатот, имаат нанесено огромни штети на вработените спротивно на нивната волја, што е докажано по извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за труд.
„Наша законска обврска е да ги штитиме Уставот и законските прописи да не дозволиме нанесување штета и на буџетот на РМ од предизвикување тужби и продолжување на натамошни злоупотреби. Оттука ги повикуваме останатите два синдиката, МПС и НСП, да излезат со своја реакција и да ни се приклучат во натамошната битка за заштита на загарантирани права на вработените во МВР. Особено го повикуваме МПС, односно претседателот на репрезентативен синдикат да упати остра рекација до министерот поради грубото кршење на правата на работниците, особено поради заобикуловање на нивните два члена кои се дел како претставници од комисиите за распоредување во МВР и воедно јавно да го праша министерот Спасовски кој одлучувал во нивно име?, се вели во прогласот на Синдикатот.
Тие велат дека е потребно заедно да се спротистават на, како што посочуваат, игнорантскиот однос на министерот Оливер Спасовски. МВР е единствено што не добило никакво покачување или награда во оваа состојба со пандемијата, се додава во прогласот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

