Македонија
995 ковид-пациенти во болниците низ државата, во Скопје за 24 часа хоспитализирани 55 лица

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 995 и има околу 400 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, со исклучок во главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 589 пациенти позитивни и суспектни на вирусот.
Во болниците во Скопје тој број изнесува 406 пациенти, од кои 55 биле примени во последните 24 часа. Во изминатото деноноќие дома биле пуштени 32 оздравени пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 54 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 38 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 24 пациенти, во Велес се лекуваат 41 болен, а во Куманово 95 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 63 пациенти, во Прилеп 81, во ковид-центарот во Гостивар 26, а во Струга 18 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 37 пациенти, во Кочани 7, во Кичево 9, Кавадарци 73, во Гевгелија 10 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на вирусот“, се наведува во соопштението од ресорното министерство од каде додаваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Исто така се нагласува дека во скопските ковид-центри бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 76 слободни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Воз удри во автомобил кај Зелениково, нема повредени

Во сообраќајна несреќа што се случи денеска кај Зелениково, воз удрил во патничко моторно возило, но за среќа, во инцидентот нема повредени лица.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека несреќата е пријавена во СВР Скопје во 18:10 часот. Според пријавата, воз удрил во автомобил управуван од Ж.М.К. (51) од Скопје, додека возот бил управуван од С.М.
На местото на несреќата веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош Скопје, која констатирала дека нема повредени.
Полицијата изврши увид и работи на целосно расчистување на случајот.
Македонија
Гаши демантира дека ја напушта коалицијата Вреди, останува лојален на гласачите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку објава на Фејсбук ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека ја напушта коалицијата Вреди. Тој истакна дека останува член на партијата Алтернатива и дел од коалицијата Вреди, истовремено потенцирајќи дека како собраниски спикер ќе продолжи да ги извршува своите обврски согласно уставните надлежности.
„Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Вреди. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратенички групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам“, напиша Гаши.
По неодамнешните несогласувања со Арбен Таравари, лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, од коалицијата Вреди најавија нов чекор кон поголемо политичко единство. Според најавите, следната недела ќе започне процедурата за создавање на единствена политичка партија што ќе ги обедини постојните партии од оваа коалиција.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, во интервју за емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија, изјави дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, програма и советнички листи за претстојните локални избори.
Македонија
Фетаи жестоко го нападна Ахмети: Лицемерно е да зборувате за достоинство, додека замижувавте пред злосторства

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, остро реагираше ден по изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој оцени дека само Арбен Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Владата се понижувачки. Фетаи го обвини Ахмети за лицемерие и му порача дека тој „не е ничиј слуга“.
„Ахмети рече дека Арбен Таравари разбрал оти Албанците во Владата го понижиле и девалвирале својот народ. Колку дрско лицемерие. Ахмети, јас не сум ничиј слуга. Чувајте го овој епитет за себе, вие кои посветено им служевте на антиалбанските сили и го легитимиравте секое злосторство врз Албанците“, напиша Фетаи на социјалните мрежи.
Тој постави и неколку директни прашања до Ахмети, обвинувајќи го за молк и неактивност во клучни моменти за албанската заедница.
„Каде бевте кога вашите министри уапсија мајка и ќерка Албанка лажно обвинети за исламистички тероризам? Дали некогаш сте проговориле кога државните структури убиваа албански патриоти? Дали кренавте прст кога толпи хулигани тепаа Албанци по улиците на нашите градови? Каде беше тогаш вашето достоинство?“, праша Фетаи.
Во неговата реакција, Фетаи го обвини лидерот на ДУИ дека ја прифатил агендата на ВМРО-ДПМНЕ и ги изневерил интересите на Албанците.
„Ти си тој што дозволи институциите финансирани од нашите даноци да ги навредуваат Албанците на национална основа. Ти си тој што прифати „Скопје 2014“ како национален проект и лавот на ВМРО-ДПМНЕ како илирски симбол. Замижувавте пред манипулациите со пописот. Испразнивте цели региони од Албанци. Никогаш во историјата немало поголемо понижување, повеќе предавство и мизерија отколку за време на вашето мрачно владеење“, порача Фетаи.
Според него, ДУИ единствено успеала во „збогатување на тесен круг луѓе“, додека народот, како што рече, останал да страда.
„Албанците не забораваат. Албанците не простуваат. Вашиот проблем е сметката – и таа ви тропа на врата“, заврши Фетаи.