Македонија
Камчев на распит, надвор го чека Савова и адвокатот Менкиновски

Бизнисменот Орце Камчев е спроведен во Кривичниот суд, а пред зградата го чекаат три лица, меѓу кои и Наташа Савова, вработена во една од компаниите на Камчев.
Тие се пред судот по спроведувањето на Камчев, кој беше донесен со полициско присуство.
Досега не е забележливо присуство на бранител на Камчев да влезе во судот.
Бизнисменот Орце Камчев е уапсен откако Агенцијата за национална безбедност алармирала дека тој се спрема да се даде во бегство.
Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, за „А1он“ вели дека надлежните обвиниели кои го водат случајот поврзан со плацевите на Водно, Гордана Смаѓовска и Лиле Стефанова, ќе побараат притвор за Камчев од судија на претходна постапка.
Инаку, Орце Камчев е приведен утринава и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка, каде ќе се одлучува за побараната мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мециновиќ побара да не се носи Закон за медиуми без дискусија со медиумите

„Јас барам точката седумнаесет, а тоа е Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми во прво читање, да биде тргната од дневниот ред поради низа причини. Пред сè, добро е што воопшто е ставена во редовна постапка. Очекувавме дека ќе оди во скратена постапка, како што досега беше праксата за ова парламентарно мнозинство“, истакна пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, на собраниската седница.
– Во комуникација со медиумски чинители, сепак, сметаме дека и ова е избрзување на носење на ваква битна материја, затоа што сметаме дека таа треба да ги вклучи сите општествени чинители, кои се занимаваат со оваа материја. Политичките партии, медиумите и граѓанскиот сектор се три одделни елементи во општествениот дискурс. Треба да се рашири дебатата! Затоа, повикувам оваа точка да биде симната и пред неа да претходи опширна и инклузивна јавна расправа во која ќе бидат вклучени тие релевантни фактори на оваа материја – појасни Мециновиќ.
Од Левица сметаат дека во ова законско решениe има некои опасности што може да се појават.
– Сметаме дека, апсолутно, е потребна регулација на оваа материја, затоа што, генерално, овие луѓе се оставени без никаква законска заштита. Но, сакам да потсетам дека секогаш кога собранијата пробувале да го регулираат интернетот, тоа е ловење на воздух, затоа што ако има малициозни намери и ако има ресурси за тоа да се направи, на интернетот многу пати може да се заобиколат регулациите – додаде портпаролот на Левица.
Според Мециновиќ, со овој Предлог – закон се фаворизираат веќе постоечките медиумски магнати и тие кои имаат ресурси да играат околу законите.
– Наспроти фаворизирањето на постоечките медиумски магнати, искрените портали кои се со помал број на вработени и кои работат на специјализирани теми, како на пример што се: спортските портали, автомобилските портали, религиските портали – тоа се портали за кои не е потребен толкав тим или таква инфраструктура како што се предлага во овој закон.
Поради наведените причини, пратеникот од Левица повика да биде тргната оваа точка.
– Сметам дека сѐ додека политичката каста пробува без комуникација со медиумските претставници да го регулира овој простор, многу лесно тоа може да западне во авторитарно однесување кое потоа ќе го гледаме преку негативни последици кои се одразуваат врз совкупниот демократски амбиент во Република Македонија и во ослободувањето на мислата и поткрепувањето на транспарентноста во дискурсот во општеството – појасни Мециновиќ.
Македонија
„Новото’’ лице на СДС, преточено во Филипче е само продолжение на Заев, на неодговорност, на криминал и на корупција, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Тоа што СДС спадна на тоа нивниот „лидер’’ да има 18 илјади гласови на внатрепартиски избори, а на рејтинзи имаат околу 7%, говори за фактот дека СДС веќе не е втора партија во државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што упорно им го говоревме дека не треба да го прават додека беа власт СДС и Филипче, им се удира секојдневно од глава. За жал, гледаме дека и ден денес, политиката на СДС е само бледо продолжение на политиката на Заев.
Покажувањето на моќ, нетранспарентноста, тендерите во четири очи, синови и ќерки со стипендии и вработувања по државни институции, некомпетентни кадри во државните институции, виткањето кичма на меѓународно поле, лошите образовни програми, 2% доверба во правосудството кое тие си го одбраа со ДУИ, изживувањето на полициските службеници, ваучери за млади и спорт наместо кај спортистите, завршуваа во џебовите на раководните лица, стотици илјади евра за тренинзи за магариња, рецепти за пица и фризерници, богатење на маката на граѓаните преку давање на вода наместо физиолошки раствор на Онкологија, набавка на вакцини со цел провизиите да завршат во џебовите на Филипче и Заев во договор со непостоечка фирма од Хонг Конг, немањето на одговорност за случаи како модуларна болница, Беса транс, Дурмо турс, Мартин Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље и еден куп други случаи, поради кои граѓани ги губеа своите животи, а никој не понесе одговорност“.
И по Заев, Заев, додадваат од владејачката партија.
Тука, како што посочуваат е проблемот во СДС.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се извинат и со нови кадри да понудат избор на граѓаните, тие повторно со „Филипче, Фани Сорос, Чупеска гласноговорникот кој работеше за СДС пред да стане потпретседател, Јон Фрчкоски директор на аналитички центар, пратеници им се луѓе кои претходно ја водеа Владата во Македонија, заради кои сме дојдени до ова дереџе денес“.
Од партијата на Мицкоски оценуваат дека СДС и Филипче, немаат никаков кредибилитет да говорат за работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со оглед на тоа што дочекавме кога ја презедовме државата која беше на раб на банкрот, сега сме сведоци на поголеми плати, намалена инфлација, нови образовни програми, развивање на туризмот, рекордни странски инвестиции, зголемување на бодови на здравствени работници, редовни плати, субвенции за земјоделци, дигитализација на административните услуги, расчистување со криминалот по македонските улици, корупцијата се намалува, и после долго време, има одговорност“.
Денес, според соопштеното од ВМРО-ДПМНЕ, одговорноста има име и презиме, а не како порано, кога криви беа пајаците, каблите и слично.
Македонија
„Повисоки плати во трите најважни сектори- здравство, образование и безбедност“, велат од Владата

„Растат платите на вработените во здравството, образованието и безбедноста. Вработените во здравството добија покачување од 5 проценти со мартовската плата исплатена во април, додека платите во образованието за 7 проценти, а на 12.000 полицајци платите се зголемија за дури 10 проценти“, соопшти Владата.
„Квалитетното образование е наша цел и токму затоа просветните работници и сите вработени во образованието земаат покачување од 7 проценти, со што конечно се враќа изгубеното достоинство и вреднување на нивниот труд. Платите на сите вработени во образованието до крајот на мандатот ќе пораснат за 46 проценти.
Воспоставување на ред и поредок на цела територија на државата е наша заложба како Влада. Со покачување на платите на 12.000 вработени службени лица за 10 проценти покажуваме дека сигурноста и безбедноста на граѓаните е најважно.
Понатаму, покачување на платите од 5 проценти добија и вработените во јавните здравствени установи, додека пак за матичните лекари и гинеколози се зголеми капитациониот бод за 33 проценти, односно од 75 на 100 денари, а за стоматолозите се зголеми за 23 проценти односно од 61 на 75 денари. Платите во здравството за четири години ќе се зголемат за дури 50 проценти.
Здравствените работници и медицинските сестри се грижат за здравјето на граѓаните и нивната пожртвуваност мора соодветно да биде вреднувана.
Три најважни сектори- обезбедување на подобар образовен систем, ефикасна и квалитетна здравствена заштита за пациентите и обезбедување ред и поредок се клучни за функционирање на државата но и враќање на довербата на граѓаните.
Затоа, работиме посветено за да придонесеме кон подобрување на целокупната состојба во институциите и системот.
За разлика од претходно, кога растеа функционерските плати, оваа Влада донесе одлука да растат само платите на вработените, но не и на функционерите.
Владата продолжува со водење на одговорна политика. Домаќинското работење носи резултати и поквалитетен живот стандард за сите граѓани“, се наведува во соопштението на Владата