Регион
Во Србија расте бројот на заразени, Брнабиќ најави построги мерки

Во последните 24 часа во Србија биле тестирани 12.149 лица, од кои 4.226 се позитивни на Ковид-19, а регистрирани се и нови 25 смртни случаи.
Премиерката Ана Брнабиќ најави средба со медицинскиот дел на Кризниот штаб. Таа истакна заострување на епидемиолошките мерки.
„Ќе мора да ги заостриме мерките, но ќе видиме што може да се направи и што би било најпаметно“, рече Брнабиќ.
Кризниот штаб инсистира на заострување на мерките.
„Се обидуваме да најдеме рамнотежа и мислам дека успеваме во тоа бидејќи сè уште имаме доста добри економски и здравствени индикатори“, додаде Брнабиќ.
Ситуацијата во Србија станува сè потешка, а вирологот Тања Јовановиќ изјави дека британскиот вид на вирусoт станува доминантен.
Според последната одлука на Кризниот штаб, од петокот сè е затворено, освен продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи. Исто така беше одлучено средношколците да продолжат со часови преку интернет, а од утре ќе им се придружат и основците од повисоките одделенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шмит: Додик ја загрозува безбедноста на БиХ

Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, денес пред Советот за безбедност на ОН изјави дека постапките на властите на Република Српска опасно го загрозуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот договор.
На сесијата одржана во Њујорк, високиот претставник го презентираше својот редовен шестмесечен извештај за ситуацијата во Босна и Херцеговина и истакна дека Дејтонскиот договор бил нападнат, што довело до невидена криза.
„Да бидеме јасни. Тековната криза е резултат на сериозни напади од страна на одредени политичари врз Дејтонскиот договор и правниот поредок во БиХ“, рече Шмит на седницата на Советот за безбедност.
Тој посочи дека овие напади уследија по пресудата на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој беше осуден на една година затвор, кога властите на РС се обидоа со своите закони да го спречат работењето на државните судски органи и безбедносните агенции во тој ентитет.
„Тој (Додик) дури и ја посочи можноста за отцепување“, рече Шмит, предупредувајќи дека е во тек „кулминација на долго планираните политики“.
„Станува збор за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата“, оцени високиот претставник, додавајќи дека е охрабрувачки што најголемиот број Срби вработени во властите на БиХ не ја следеле реториката на Додик.
Тој оцени дека во такви околности е важно меѓународната заедница јасно да ја поддржи територијалната целовитост и суверенитет на БиХ врз основа на Дејтонскиот договор.
Американскиот амбасадор Џон Кели потврди дека САД и администрацијата на Доналд Трамп остануваат посветени на стабилноста на Босна и Херцеговина и на Дејтонскиот договор. „САД цврсто се спротивставуваат на сецесијата и дестабилизирачката реторика“, рече Кели, изразувајќи јасна поддршка за високиот претставник.
Претставничката на Велика Британија и воедно специјална пратеничка на земјата за Западен Балкан, Карен Пирс, изјави дека прашањето за БиХ е клучно за стабилноста на Европа, а Додик ГО оцени како личност која претставува закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Таа силно го поддржа Високиот претставник и потребата тој да ги користи своите овластувања во сегашните околности.
Рускиот амбасадор Василиј Небензја се спротивстави на тоа што на Шмит му беше дозволено да се појави како висок претставник уште на почетокот на седницата, но неговиот приговор беше одбиен. Потоа Небензија ја напушти салата во знак на протест, а кога се врати, за време на дискусијата го обвини Шмит за дестабилизација на БиХ по наредба на Западот и ја бранеше политиката на Милорад Додик и неговите соработници.
„Би било добро да се ослободат жителите на БиХ од надворешни влијанија што ја трујат атмосферата“, рече рускиот амбасадор.
Регион
Град со големина на јајце: невреме попладнево ја зафати Србија

Денес попладне, невреме пропратено со обилни врнежи од дожд и град и силни грмотевици зафатија делови од Србија.
Околу 13 часот, градот го забеле поширокото подрачје на Лозница.
Исклучително силна бура се формираше и над источниот дел на Србија и донесе град со големина на јајце во Заечар.
Попладне, силните грмотевици ќе се движат подалеку кон североисток.
На некои локации во Србија се очекува да наврнат повеќе од 30, па дури и 50 литри дожд на квадратен метар, со ризик од урбани поплави и порои.
Регион
Турчин во Косово избодел до смрт една од своите ќерки, а другата тешко ја повредил

Маж утрово во Призрен, Косово, избодел до смрт една од своите ќерки и тешко ранил друга. Неговата сопруга исто така беше повредена. Осомничениот е уапсен, објавува порталот КоССев.
Во полициското соопштение се вели дека службите за итни случаи не биле во можност да им пружат помош на девојките на местото на настанот бидејќи осомничениот бил таму со нож во рака. Потоа беа испратени четири полициски патроли.
„На местото на настанот беше утврдено дека осомничениот, М.Г., роден 1981 година, маж, ги избодел своите две ќерки со нож. 15-годишната девојка починала на самото место, додека другата е тешко повредена и моментално се наоѓа во КБЦ во Приштина. Таа е во тешка состојба“, се вели во соопштението.
„Осомничениот, исто така, се повредил и е во Регионалната болница во Призрен. Неговата 35-годишна сопруга, исто така, се здобила со повреди“, се додава во соопштението. Станува збор за турски државјани кои имаат одобрена дозвола за привремен престој во Призрен.
Основното обвинителство во Призрен го окарактеризира овој случај како тешко убиство.