Македонија
Следува променливо облачно и студено време со врнежи од дожд и снег
Облачно со врнежи од дожд, кои повремено ќе бидат поројни, на места проследени со ретки грмежи, а пообилни ќе бидат во северозападните и источните делови од земјата. Поради продор на студена воздушна маса, освен на планините, врнежите ќе преминуваат во снег и на повисоките места. Кон крајот на денот и во текот на ноќта појава на снег ќе има и на некои пониски места.
Од пладне ќе дува засилен северен ветер, што ќе услови нагло намалување на дневните температури. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12 степени. Времето и метеоролошките параметри за Скопје: облачно со повремен дожд и со умерен до засилен северен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежите ќе преминуваат во снег и на повисоките околни планини од Скопската Котлина. T = 10 °C, P = 963 hPa, U = 65 %, V = 5 m/s. (Т – температура, P – притисок, U – релативна влажност, V – средна брзина на ветер).
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно и студено време со сончеви периоди и со појава на локални слаби врнежи од дожд и снег. Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината. Утре и в среда ќе дува засилен ветер од северозападен правец, особено изразен по должината на Повардарието и во источните делови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: На идните генерации не им треба мрачното минато, туку светлата европска иднина
Бујар Османи, во својство на претставник на Европскиот Фронт, денес одржа отворена дебата на тема: “Исклучувачки национализам во мултиетничките држави”
Османи на дебатата потенцира дека баналната реторика на македонскиот опозициски блок за наводното отфрлање на настаните од 2001 година, не е ништо друго освен залуден обид да се намали вистинската сила на Албанците наредени во неспорниот победнички блок – Европскиот фронт.
“На идните генерации не им треба мрачното минато, туку светлата европска иднина, во постојан сојуз со НАТО и САД” рече Османи и повика еднаш засекогаш да се осуди мрачната и безнадежна путинистичка политика.
Воедно, Османо истакна дека: “Кампањата за претседателски и парламентарни избори на Европскиот фронт е најпозитивната и најпрогресивната кампања од сите политички опции во земјава досега”, при што додаде дека јасната програма со конкретни развојни проекти, како и конкретниот преглед на европскиот пат на Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ до 2030 година, се главните столбови на опцијата на коалицијата предводена од ДУИ која на 24 април доби плебисцитна поддршка кај Албанците и другите заедници и која ќе се заокружи на 8 мај.
Дебатата беше поткрепена со излагањата и на проф. д-р. Арта Билали, проф. д-р. Башким Селмани и Даут Даути, писател и публицист.
Панелистите во своите излагања ги истакнаа негативните ефекти од подгревањето на национализмот и владеењето на нееднаквоста во општеството, односно ја истакнаа потрбата за вистинска еднаквост меѓу Албанците, Македонците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и сите други граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Македонија
Делегација на Левица положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев
Денес, делегација на Левица, предводена од потпретседателот на партијата, Реџеп Исмаил-Хактан, заедно со уште двајцата соборци како членови на Централниот комитет на Левица, Александар Димитриевиќ и Мери Георгиевска, положи цвеќе на вечното почивалиште на апостолот на македонската националноослободителна борба – Гоце Делчев.
Во овој историски момент, како никогаш досега во историјата од независноста на Македонската држава, од страна на домашните квислинзи и вазали, а во спрега со странски емисари и останати империјалистички намесници, загрозени се фундаментите на националната свест на Македонскиот народ. Еден таков пример е токму т.н. Француски предлог со кој квислиншката власт, во име на некаквиси „европски вредности“, задоволувајќи ги великобугарските апетити, наметнуваат политики кои директно го сквернават ликот и делото на бастионот на македонската национална свест, Гоце Делчев.
Оттука, уште еднаш ги повикуваме сите политички чинители во Македонија да ги поддржат црвените линии утврдени во петте точки од нашата Македонска платформа, со што ќе ставиме до знаење на сите, како странски, така и на домашни поткопувачи на македонската државност, дека повеќе не се прифатливи никакви уцени и компромиси на штета на македонските национални интереси, сè со цел да се запре понатамошното разградување на Републиката, се вели во партиското соопштение.
Македонија
ЦУК: Пронајдено повозрасно лице изгубено на Плачковица
Во спасувачка потрага синоќа е пронајдено 66-годишно лице кое се изгубило на планината Плачковица.
Како што денеска соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК),лицето е пронајдено околу еден часот по полноќ од страна на спасувачите од Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани откако во 18:08 часот на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК била добиена информација за исчезнато лице.
– Лицето заедно со негов пријател дента се упатиле по пешачка патека кон езерото Дивичев Вир на планината Плачковица. Но, при крајот на денот, пријателот се вратил дома, а 66-годишникот не, бидејќи се изгубил во планината. Случајот бил веднаш пријавен во Полициската станица Кочани. Во потрагата на лицето прво се вклучиле членови од неговото потесно семејство. За итниот случај, од ЦУК биле известени ДЗС од Кочани и Горска служба, а на потрагата се приклучиле и други субјекти од локалната самоуправа. егионалниот ЦУК Штип пред полноќ информираше дека изгубеното лице на Плачковица е пронајдено живо и во добра состојба во 22.50 часот, од страна на членови на Доброволна планинска спасувачка служба „Осогово“ Кочани, информира ЦУК.
Поради подолгиот престој на студено време во планината, лицето било згрижено од страна на спасувачите, а потоа безбедно спуштено до селото Зрновци, каде што имало возила на полицијата и на Итната медицинска помош од Кочани.