Македонија
Лабораторијата при „Водовод и канализација“ на листата на светски аналитички лаборатории

Микробиолошката лабораторија при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е на листата со светски аналитички лаборатории, според FAPAS.
„ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје континуирано продолжува со инвестициите во своите капацитети со цел подобрување и унапредување на работните процеси во согласност со европските и светските стандарди. На овој начин ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје овозможува услови за исполнување на сите работни процеси, кои се директно поврзани со дејноста на претпријатието, а се однесуваат на потребите на граѓаните на град Скопје. ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје, поставувајќи стандарди на работа во согласност со европските и светските регулативи и директиви, прераснува во јавно претпријатие кое го достигнува нивото на претпријатијата од истиот домен во европски и светски рамки“, посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Микробиолошката лабораторија, која работи во состав на секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и кананлизација“ – Скопје и која има акредитирано осум методи според МКС ISO 17025:2018, по четири години, учествуваше на меѓулабораториска проверка во организација на FAPAS (Food Analysis Proficiency Assessment Scheme). FAPAS преставува акредитиран proficiency testing-провајдер со седиште во Јорк, Англија, кој се занимава со организирање меѓулабораториски проверки во областа на храната и водата на светско ниво и чија дејност датира од 1990 година.
Секоја лабораторија за тестирање, која е акредитирана според барањата на ISO/IEC 17025:2018, мора на секои 4 години да учествува во програми за тестирање за оспособеност (proficiency testing – PТ), кои се всушност надворешни меѓулабораториски проверки на квалитетот на работењето, и тоа за сите нејзини акредитирани методи. Со овие тестирања за оспособеност лабораторијата ја докажува валидноста на методите што ги работи не само во својата држава туку и пошироко на меѓународно ниво.
„По пристигнувањето на тестовите, сите вработени во микробиолошката лабораторија зедоа активно учество во изработка на тестовите по осумте акредитирани методи. Изработените резултати му беа приложени на провајдерот во согласност со зададените рокови. Според резултатите од тестирањето за оспособеност (proficiency testing), на кое учествуваа вкупно 37 лаборатории од светот, микробиолошката лабораторија постигна исклучителни резултати, кои докажуваат дека таа, според точноста во работењето, слободно може да се класифицира како лабораторија што може да котира високо на светско ниво. Всушност, бенефитите од овие учества во меѓународните proficiency testing-шеми се состојат во тоа што доколку лабораторијата изработи добри резултати, како што е случајот со микробиолошката лабораторија на секторот за санитарна контрола, агенцијата FAPAS ги забележува во портфолиото на самата лабораторија и се вметнува во класата на светските аналитички лаборатории“, изјави Наташа Манолева, раководителка на микробиолошката лабораторија при ССК.
Ова е само уште еден доказ дека секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е чекор понапред во својата работа, која ја извршува одговорно, транспарентно и во согласност со сите европски и светски стандарди, регулативи и директиви.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со двојно поголем буџет, Мицкоски сака македонските универзитети да влезат во првите 1.000 на Шангајската листа

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека буџетот за науката е двојно зголемен во споредба со минатата година, достигнувајќи околу 650–660 милиони денари.
Тој додаде дека Владата обезбедила бесплатен пристап до двете најголеми научни бази за сите истражувачи, студенти и универзитети во земјава.
„Нашата цел е да ја стимулираме науката. Очекувам младите научници да ги користат овие бази, да ги следат светските трендови и да публикуваат свои трудови“, рече Мицкоски.
Според него, со оваа поддршка, универзитетите во Македонија би можеле да се приближат кон влез во првите 1.000 на Шангајската листа во текот на овој владин мандат.
Македонија
Мицкоски со остра осуда за скандирањата на ксенофобични пораки и национализам на натпреварот Македонија-Романија во Куманово

Премиерот, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата, и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, порача премиерот Мицкоски.
Македонија
Нови цени на горивата од ноќеска на полноќ

Од ноќеска на полноќ ќе има нови цени на бензините и дизелот, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,533 ден/кг и сега ќе изнесува 39,945 ден/кг.
Од 5.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,945 (денари/килограм)