Македонија
Заев на средба со Бетел: Луксембург е значаен глас за нас во ЕК

Премиерот Зоран Заев, оствари средба со својот колега од Луксембург, Ксавиер Бетел.
На средбата со Бетел премиерот Заев истакна дека Луксембург како еден од најгласните застапници на проширувањето на ЕУ е близок партнер на Северна Македонија и значаен глас во Европската комисија за нашата земја за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Премиерот Заев како принципиелен го оценил ставот на Луксембург во врска со бугарското вето како прашање за кое не може да се разговара бидејќи идентитетските прашања произлегуваат од правото на самоопределување, информирааат од неговиот кабинет.
Премиерот Бетел на средбата истакнал дека по сите храбри одлуки што ги донесоа премиерот Заев и Северна Македонија, земјата го заслужува своето место во ЕУ, и го поканил премиерот Заев преостанатиот дел од темите од интерес за двете земји, како што е поттикнувањето на вкупната економска соработка меѓу двете земји, како и можностите за директни странски инвестиции на компании од Луксембург во Северна Македонија, да ги разговараат за време на прошетката низ градот.
Премиерот Заев во Луксембург е придружуван и од министерот за финансии, Фатмир Бесими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски од Охрид: Поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите

Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид, Регионалниот центар за гранични работи Запад и Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.
Притоа ги посети на терен и полициските службеници од СВР Охрид кои патролираат со велосипеди низ градот, како и српските полициски службеници кои и оваа година учествуваат во заеднички патроли во текот на туристичката сезона.
„Во пикот на летната сезона, кога бројот на туристи и возила е драстично зголемен, МВР презема координирани мерки и динамички го адаптира полициското присуство. Во СВР Охрид веќе функционира засилен состав, преку распоредување на полициски службеници и од други сектори, што придонесува за ефикасна покриеност на целиот регион и зачувување на стабилната безбедносна состојба.
Во делот на граничното управување, РЦ за ГР Запад бележи континуирано подобрување на оперативната ефикасност. Податоците покажуваат позитивен тренд во откривање кривични дела, подобра организација на протокот на патници и одржување на стабилен ритам на граничниот сообраќај дури и во најоптоварените часови“, истакна министерот Тошковски, додавајќи дека Охридското Езеро годинава е покриено со значително повисок степен на полициско присуство.
„Обезбедена е поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите, а резултатите од контролните активности покажуваат подобри ефекти од претходните сезони. Видливоста на полицијата во градското подрачје е исто така засилена. Патролите на велосипед, веќе препознатлив белег на СВР Охрид, придонесуваат за побрзо реагирање, директна комуникација со граѓаните и чувство на поголема сигурност во јавниот простор. Присуството на српските полициски службеници, како дел од мешовитите патроли и годинава се потврдува како успешна пракса што позитивно влијае врз перцепцијата на безбедност кај туристите. Иако е зголемено присуството и делувањето на сообраќајната полиција, сепак бројот на жртви во сообраќајни незгоди покажува дека безбедноста во сообраќајот бара посистемски пристап, со силен акцент на превентивни, едукативни и инфраструктурни мерки“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заклучувајќи дека МВР функционира со зголемена ефикасност, подобра координација и подготвеност да одговори на зголемените предизвици, резултатите се видливи, напредокот е реален, обврска што продолжуваме да ја исполнуваме професионално, посветено и со јасна цел за создавање побезбедна држава.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Куманово – Крива Паланка

Од 15:00 часот сообраќајот на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, е нормализиран, објави АМСМ.
Претхиодно денеска, беше соопштено дека сообраќајот на тој пат е прекинат поради сообраќајна несреќа.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Законот за верските училишта отвора многубројни нејасности и институционални проблеми

СДСМ изразува сериозна загриженост по однос на предлог-законот со кој верските училишта добиваат статус на средни училишта, а нивните дипломи стануваат признати за запишување на високо образование. Иако не поднесовме амандмани, оценивме дека во предлог-законот постојат повеќе суштински нејаснотии и недоречености, кои може да отворат нови правни и институционални проблеми, рече пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната седница на Комисија за образование, наука и спорт.
Костадиновска посочи дека законот влегува во Собранието без јавна дебата, а граѓаните имаат право да знаат кои образовни модели ќе бидат легитимирани под државна капа. Тука се отвора прашањето за секуларноста и финансиската контрола на ваквите училишта.
– Иако државата формално не ги финансира овие училишта, загрижува отсуството на механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Тоа отвора простор за непознати влијанија и непрегледност во функционирањето на овие образовни институции, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа укажа и на фактот дека засега има отсуство на јасни критериуми за образовната содржина и според достапните информации, наставата во богословските и исламските училишта вклучува верски предмети изведувани од свештени лица, додека основните образовни и педагошки дисциплини се минимално застапени или нејасно дефинирани. Оттука, се поставува прашањето: дали овие ученици ќе имаат адекватна подготовка за да продолжат кон наставнички или други стручни факултети?
– Уставниот поредок мора да се почитува. Република Македонија е секуларна држава. Според амандманот 7 од Уставот државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми, констатираше пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.