Македонија
Османи на средбата со Борисов: „Остануваме цврсто посветени на имплементација на договорот за пријателство“
Во исклучително пријателски тон поминала средбата помеѓу министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и бугарскиот премиер Бојко Борисов, кои без претходна најава се среднаа утрово на софискиот аеродром. Од македонското МНР велат дека на состанокот станало збор за билатералните односи, внатрешнополитичките случувања во двете земји, како и европските перспективи на Република Северна Македонија и целиот регион.
Средбата, како што посочуваат од МНР, се случува во рамките на дипломатската мисија на Османи, кој денеска замина во официјална посета на Швајцарија и Шпанија.
„Добрососедските односи се наш прв приоритет и нашата искрена заложба е зајакнување на односите со Република Бугарија. Тоа е и наш државен интерес за што остануваме цврсто посветени на имплементација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка како важна алка во зајакнувањето на довербата меѓу нашите граѓани“, истакнал Османи за време на средбата.
Османи и Борисов се согласиле дека патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ дополнително ќе ги зацврсти билатералните релации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Меѓународен ден за стоп на насилството врз сексуалните работници: „Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита“
Оваа година, сексуалните работници здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот спроведуваат симболична онлајн кампања по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.
„Овогодинешната онлајн кампања ‘Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита’ ја посветуваме на симболот што веќе 18 години нè обединува и заштитува – црвениот чадор. Преку него ја раскажуваме нашата приказна, го покажуваме нашето присуство и ја истакнуваме нашата борба за почитување на основните човекови права.
Во фокусот на кампањата е моќно видео во кое три сексуални работнички ги споделуваат своите лични приказни, за стравовите што ги носат, за насилството со кое се соочуваат, и за потребите што ги имаат“, велат од Здружението.
„Сексуалните работници, особено жените и трансродовите лица, се мета на различни форми на родово базирано насилство во јавен, приватен простор и/или онлајн. Насилството врз нас е често неказнето, невидливо и институционално игнорирано. Присутно е од страна на клиенти, партнери, полицијата, па дури и во здравствените и социјалните служби“, се додава во соопштението.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.

