Економија
Средба Деспотовски – Савада за нови инвестиции од Јапонија

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски, и амбасадорот на Јапонија во Северна Македонија, Хиронори Савада, остварија средба на која се разговараше за нови иницијативи за поттикнување инвестиции од Јапонија, но и за развој на човечкиот капитал во земјата.
„Во овие процеси, иницирани од Дирекцијата за ТИРЗ, веќе се вклучени неколку меѓународни партнери, а интерес за повеќе детали и идна соработка изрази и Јапонија. За таа цел договорено е продолжување на контактите и поврзување на Дирекцијата за ТИРЗ со соодветни владини тела од Јапонија“, велат од оваа институција.
Како што беше истакнато, економската активност во ТИРЗ веќе достигнува 47 % од вкупниот извоз во националната економија, со тенденција за натамошен пораст.
Последните податоци за февруари 2021 говорат за раст на извозот од зоните во однос на истиот месец во 2020 година, со стабилен број вработени.
Дополнително, Деспотовски информира дека само за последните три месеци во Дирекцијата за ТИРЗ се најавени или пристигнати писма за намери од повеќе постојни и нови инвеститори, со вкупен износ на нови инвестиции помеѓу 80-100 милиони евра.
Амбасадорот Сабада информира дека владата на Јапонија има донесено одлука за проширување на економското присуство на Балканот. Како дел од новата стратегија на јапонската надворешна политика за следниот неколкугодишен период е активно јакнење на присуството на јапонски компании во регионот на Западен Балкан. Тоа претставува голема можност и за Северна Македонија за што е договорено контактите и соработката да продолжат и натаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на кино „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број на граѓани претставниците од министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од Оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени и сите заинтересирани можат да аплицираат до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување на две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица кои се заинтересирани да аплицираат во било кој од 30-те Центри за вработување при Агенцијата за вработување низ државата“, кажа заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамки на јавните повици од мерката 1 „Поддршка за самовработување (претприемништво)“, во тек се три јавни повици со кои се дава можност на повеќе од 1700 лица да отворат сопствен бизнис и со истите се предвидени:
– Финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и започнување на бизнис за лица постари од 29 години.
– Финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и започнување на бизнис за млади лица до 29 години.
– Финансиска поддршка за здружување на две лица во ДОО, каде истата изнесува од 14.000 до 20.000 евра, зависно од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.