Македонија
„Меѓаши“: Родителската нeгрижа и зaнeмарување на децата е појава што зaгpижува
Од првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека се згрозени од чинот што се случи на 16 март во Гостивар кога мaлолетно дете изгоре врзано со синџири на нозете. Обвинителството извести дека според исказот на семејството, детето било врзано со синџир зошто било агресивно.
„Граѓанските организации при своите анализи на аномалиите на системот, освен теренските истражувања ги користат и информациите добиени од медиумите. Во дадениот случај, при анализа на информации пласирани во медиумите како класичните така и интернет-медиумите, можеме да заклучиме дека едни медиуми информираа дека семејството е семејство фантом, кое не е регистрирано во системот. Други медиуми известуваат дека Центарот за социјални грижи имал информации за семејството“, велат од амбасадата.
Од таму нагласуваат дека според информации на „Меѓаши“, само детето кое настрада во пожарот немало извод од матична книга на родените, односно не било регистрирано, а притоа дополнуваат дека совесни граѓани реагирале до Центарот за социјални грижи во Ресен и истиот бил информиран за состојбата во семејството, но не презеле никакви мерки.
Од „Меѓаши“ истакнуваат дека во најдобар интерес на децата е да се внимава на подробностите кои може да имаат негативен ефект токму над нив. Понатаму, тие потсетуваат дека државата треба да ја почитува усвоената Конвенција за детски права на ООН според која:
– Детето се пријавува веднаш по раѓањето и од раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и ако тоа е можно, право да знае кои му се родители и право тие да се грижат за него;
– Државите членки ги обезбедуваат остварувањето на овие права во согласност со националните закони и со соодветните меѓународни инструменти од оваа област, особено во оние случаи кога детето, инаку би било апатрид;
– Обезбедување на содветна заштита на мајката пред и по раѓањето на детето;
– Овозможување на сите сегменти на општеството, посебно на родителите и на децата, да бидат информирани и да им се пружи поддршка при користењето на основните знаења за здравјето, исхраната на детето, предимствата на доењето, хигиената и хигиенските услови на животната средина, како и за спречувањето на несреќите;
– Државите членки се обврзуваат ниедно дете да не биде изложено на мачење или на други свирепи, нечовечки или понижувачки постапки или казни.
Истовремено „Меѓаши“ во својата реакција прашуваат дали и зошто детето не било регистрирано во системот, дали било вклучено во системот на образование, но и каква заштита добила мајката по раѓањето на децата од страна на институциите. Тие укажуваат и дека според информациите од терен, граѓани на Ресен го пријавувале случајот во Центарот за социјална работа, па затоа прашуваат што презеле државните институции да ја спречат несреќата.
Од „Меѓаши“ реагираат и на известувањата на дел од медиумите кои го истакнаа местото каде се сместени децата, што претставува исто така кршење на нивните права. Затоа посочуваат дека треба да се известува етички и професионално кога се работи за дете жртва или сторител на некое дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Власта ги остави граѓаните сами, упорно бега од покачување на минималната плата на 500 евра
Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница побара од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, да објасни зошто Владата употрно одбива да ја покачи минималната плата барем на 500 евра, во услови на растечки трошоци, кога синдикалната потрошувачка кошница се зголемила за повеќе од 4.500 денари во последните 15 месеци.
„Индексот на трошоците на живот во октомври 2025 е за 4,5% повисок во однос на истиот месец лани. Кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата изнесува 7%. Тоа значи дека инфлацијата систематски го јаде секој денар што граѓаните го земаат на крајот на месецот. Но, наместо да барате начин како да го затворите овој јаз, вие излеговте со изјава дека „проценките покажале оти со минимална плата од 500 евра може да се очекува инфлација од 8 до 9 проценти“. Со други зборови, според вашата логика, проблем не е тоа што граѓаните веќе плаќаат поскапени (повисоки) сметки, туку тоа што ако конечно добијат 500 евра минимална плата – тие ќе бидат виновни за нов бран инфлација.
Истовремено, синдикалната потрошувачка кошница се движеше нагоре како лифт кој ретко се симнува.
Дополнително, економските аналитичари укажуваат дека поради инфлацијата денешните 24.379 денари реално вредат колку околу 18.000 денари пред три години“.
Во оваа економска ситуација која е корозивна за животниот стандард на граѓаните, додава Тренчевска, барањето на синдикатите за минимална плата од најмалку 500 евра беше само обид за минимален праг на достоинство.
„Зошто Владата систематски бега од темата за минималната плата и во Буџетот за 2026 година не нуди јасен, временски прецизен план како и кога работниците ќе стигнат – па и ќе го надминат – прагот од 500 евра? И како очекувате граѓаните да веруваат во ПР приказни за „зголемени плати“, кога нивната минимална плата реално вреди колку 18.000 денари од пред три години?
Долги месеци од страна на Владата слушавме сè, од најави за буџетската дисциплина до големи најави за нови инвеститори, само не и јасен став за минималната плата“.
Сега, рече Тренчевска, во момент кога во јавноста отворено кружат идеи за реконструкција на Владата, одеднаш се појавувате со најава дека во март 2026 минималната плата ќе се зголеми за околу 2.000 денари. Таа бројка, според неа, звучи како лесен политички слоган, односно доволно голема за наслов на некои медиуми, но недоволно објаснета за да биде веродостојна.
„Во меѓувреме, Сојузот на синдикатите на Македонија веќе најави дека нивното барање за 500 евра минимална плата е застарено и дека ќе бараат износ над 500 евра, токму затоа што – парафразирам – „сите земји од регионот нè поминаа и со минимална и со просечна плата“. Додека кај соседите растот на минималната плата се брои во евра, кај нас уште се калкулира дали плус 1.500 или плус 2.000 денари ќе биде доволно за смирување на незадоволството.
Во целото тоа, социјалниот дијалог е практично парализиран. Економско-социјалниот совет не функционира како место каде што се договараат овие политики, туку како институција која постои само на хартија. Синдикатите бараат минимална плата на 500+ евра, работодавачите бараат предвидливост, а вие, односно Владата најавува „плус 2.000 денари“ без да објасни дали зад тоа стои реален трипартитен договор или само внатрепартиска пресметка.
Моето второ прашање до вас е, кога долги месеци избегнувавте да понудите јасен став за минималната плата, а сега во момент на најави за реконструкција на Владата одеднаш излегувате со бројка од плус 2.000 денари, на што точно е заснована оваа најава? Дали станува збор за бројка произлезена од реален и транспарентен социјален дијалог во функционален Економско-социјален совет или пак на примена на законската формула од 2022 година која ја врзува минималната плата со инфлацијата и просечната плата“, праша Тренчевска.
Македонија
Пратениците на СДСМ поднесоа иницијатива за основање Анкетна комисија за трагедијата во Кочани
Пратениците на СДСМ и Коалицијата, денеска поднесоа иницијатива за основање на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, на којашто, како што информираатм се придружија и пратениците од Левица а беше дел и од барањата на семејствата на загинатите и повредените.
Анкетната комисија, појаснуваат од СДСМ, треба да ја утврди целата вистина, како и на кој начин била загрозена безбедноста на присутните во објектот во Кочани, да ги утврди институционалните пропусти, прекршувањата на законските одредби, како и да лоцира политичка одговорност.
„Врз основа на наодите, пратениците предлагаат Анкетната комисија да изготви и на Собранието да му поднесе Извештај најдоцна еден месец по завршување со работа.
Ги повикуваме сите пратеници од сите политички партии да ја поддржат оваа иницијатива, активно да учествуваат во процесот, Собранието што поскоро да ја формира и Анкетната комисија да започне со работа“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Минчев на регионален министерски состанок во Рим: Македонија значително напредува во административните реформи
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес учествуваше на регионален министерски состанок со колегите од земјите од Западен Балкан предводен од италијанскиот министер за јавна администрација, Паоло Зангрило.
Средбата се одржа на маргините на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим.
Фокус на состанокот беше во насока на напредокот во реформите во регионот, зголемување на административните капацитети, дигиталната трансформација и подобрувањето на професионалниот развој и управувањето со човечките ресурси.
Во своето обраќање, Минчев ја истакна силната поддршка од Италија и значењето на партнерството со РеСПА:
„Оваа конференција и средба се силна потврда за посветеноста на Италија кон поддршката на реформите во јавната администрација во земјите од Западен Балкан и за нашата заедничка визија за модерна, ефикасна и европска администрација.“ – истакна Минчев.
Министерот ги презентираше клучните реформи што Република Македонија ги реализираше во 2025 година, со посебен акцент на пакетот системски закони за професионализација на администрацијата, воспоставувањето на мерит систем, зголемената мобилност и формирањето на новата Академија за јавни службеници.
Тој посочи дека следниот период ќе биде фокусиран на имплементација на новата законска рамка, целосно воведување на Информациониот систем за управување со човечки ресурси – ИСУЧР и зајакнување на капацитетите на Академијата за јавни службеници. Минчев ја нагласи и потребата од продлабочување на партнерствата со земјите членки на ЕУ, со особен акцент на Италија.
„Европскиот пат не е само стратегиска определба, тоа е обврска за резултати. Затоа поддршка од Италија и регионалната соработка ни овозможуваат да ги забрзаме реформите и да испорачаме администрација која работи брзо, професионално и во интерес на граѓаните.“ – истакна тој.
На крајот од состанокот, министрите се согласија дека 2026 мора да биде година на забрзана имплементација, регионална усогласеност и јасни мерливи резултати во јавната администрација – цел која, како што потенцираше Минчев, Македонија е подготвена да ја испорача.

