Македонија
(Видео) Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ кочи закони и преку собраниските комисии
ВМРО-ДПМНЕ, освен законите што се наоѓаат на пленарни седници, ги кочи и законите што се распределени во комисиите, онаму каде што оваа партија има претседатели, тоа покажува дека единствена задача на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е да кочат сѐ што е во интерес на граѓаните, истакна пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, во одговор на новинарски прашања.
„ВМРО-ДПМНЕ апсолутно кочи сѐ во Собранието. Зошто е важно да не се дојде и да се гласа на дневниот ред, каде што има точки кои тие барале да бидат на дневен ред, меѓу кои се и двете нивни барања за интерпелации? Тука не се само тие точки на дневен ред, тука се и автентичните толкувања, исто така поднесени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, и не е проблем функционирањето само во рамките на пленарните седници. Што правиме во комисиите што во согласност со методологијата ги водат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и како претседатели, но и како заменици на комисиите? Токму таква е Комисијата за финансирање и буџет. Зошто се кочат закони, како, на пример, законот за заем за модернизација на земјоделството, како тие пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што доаѓаат од Ресен, Струмица или од тие региони ќе се оправдаат пред граѓаните дека кочат закон каде што се предвидува изградба на регионални откупни пунктови, кои се важни за луѓето што се занимаваат со земјоделство од овие региони“, порача Костадинов.
Костадинов истакна дека сите опозициски партии во Собранието се посветени на блокада на работата на парламентот дејствувајќи директно на штета на граѓаните што ги избрале повикувајќи ги да се откажат од намерите за деструкција.
„Да, и јас ќе ја искористам оваа пригода, ја искористи и претседателот на Собранието да повикаме на разум затоа што и при креирање на Уставот и на Деловникот ниту еден пратеник не можел да претпостави дека ќе имаме опозиција таква каква што ја имаме сега, која ќе кочи закони за поддршка на законите затоа што ова никогаш не се случувало во државата и не би требало да се случува доколку имавме разумна опозиција. Што се случува сега? ВМРО-ДПМНЕ и Левицата поднесуваат амандмани за законот за државјанство и за таа цел Алијансата и Алтернативата се договараат да кочат сѐ што во Собранието е важно за граѓаните. Ова не алудира на ништо, освен договор помеѓу опозициските партии, мислејќи и на ВМРО-ДПМНЕ, Левицата, Алијансата и на Алтернативата, за кочење на важните процеси во Собранието, што е срамно, жално и погубно за нив.
Костадинов оцени дека сето ова што опозицијата, а првенствено ВМРО-ДПМНЕ, го прави во Собранието, ќе се одрази и на следните локални избори.
„И, политички, многу е лесно да кажам – да, со сигурност тоа ќе се одрази на наредните локални избори, но што правиме сега. Сметам дека редно време е да се издигнеме над партиските интереси, да се ставиме во функција на граѓаните, во функција на оние што седиме овде и земаме плата или нека излезат и нека дадат одговор. Доаѓаат во сала, се потпишуваат на листата за присутни и си одат. Сме немале кворум затоа што сме имале позитивни и болни пратеници, имаме и веројатно дека ќе продолжиме да имаме, тоа не можеме да го предвидиме“, порача Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ има решение: Наместо луксуз на власта – 600 евра плати за работниците и поддршка за компаниите
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче понуди јасно, конкретно и остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра преку ребаланс на буџетот. Нема простор за изговори на власта: пари во буџетот има, но тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги трошат за луксуз и криминални тендери“, велат од СДСМ.
„За зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Само со рационално кратење на трошоците во две буџетски категории може целосно да се обезбедат потребните средства.
Кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, патувања, репрезентации, договорни услуги, возила, мебел и комфор на функционерите, може да се обезбедат меѓу 90 и 130 милиони евра.
Со кратење на делот „разни трансфери“ може да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
Со кратење само во овие две категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра.
Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите, со што компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, соопшти СДСМ.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Uncategorized
Поднесена кривична пријава против две лица од Битола кои се закануваа дека ќе убиваат полицајци на протестот за возачките дозволи
Независниот полициски синдикат поднесе кривична пријава против две лица од Битола кои се закануваа дека ќе убиваат луѓе на протестот за возачките дозволи.
„Поднесена кривична пријава против двете лица од Битола кои се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да го спроведат законот. Очекуваме обвинителството од Битола веднаш да постапи на истиот начин како што постапува против нас и уште утре да побара притвор за овие лица. Доколку ова не се случи во најкус можен рок, нека бидат сигурни дека нивното не постапување нема да остане незабележано“, велат од синдикатот.
Едниот од пријавените се извини на социјалните мрежи дека упатувал закани. Рафет Мемишовски на снимката вели дека бил изнервиран и под стрес затоа што полицијата му го одзела автомобилот на неговиот братучед, поради тоа што немал возачка дозвола. Тој неколкупати повторува дека таквото однесување нема да му се повтори и вели дека повеќе нема да се заканува.
Граѓани во Битола, Штип и Прилеп неделава протестираа со блокади на патиштата на кои палеа гуми и дрва, реагирајќи затоа што им биле одземени возилата затоа што немале возачки дозволи.

