Македонија
Универзитетот во Тетово е дувло на непотизам и корупција, велат од Левица
Соопштение на политичката партија Левица
„Деновиве голем скандал го тресе Медицинскиот факултет при Државниот универзитет Тетово (ДУТ). Имено, беше обелоденето дека на студентите при Факултетот за медицински науки им предаваат професори чии научни трудови се плагијати.
Италијанскиот весник ‘Веритас во неодамнешен напис открива плагијат и копирање научни трудови од страна на неколку уважени професори на медицина од Универзитетот во Тетово. Како што се наведува во истражувањето на ‘Веритас’, станува збор за научни трудови на: Емира Беџети, Неџбедин Беадини, Албулена Беадини, Шеќибе Беадини, Мирлинд Беџети, Дестан Халиди, Екрем Исмани, кои се очигледен плагијат, во голем дел директно препишан текст, без да се наведат извори или, пак, да делата да бидат наведени во литературата.
Направена е анализа на спорните дела од страна на истражувачи и во споредба со оригиналните текстови, при што е утврдено дека научните трудови на овие професори се целосен плагијат. Имено, во овие трудови професорите автори имаат украдено буквално цели текстови, во кои променети се само името, презимето и државата каде што се објавува.
Ова треба да биде аларм за целата јавност, но и за академската заедница – дека во Македонија, додека се наметнуваат квазиреформи во образованието, лица објавуваат квазинаучни трудови, без никаква одговорност и врз основа на тоа добиваат академски звања и остваруваат други придобивки. Она што е највџашувачко е тоа дека вакви лица не само што заземаат улога на педагози тие дури се и професори на високообразовните институции, каде што предаваат знаења на идни генерации, а некои од нив можеби се и т.н. екперти, на кои се повикува министерката за образование, Мила Царовска.
Ова не само што го нарушува квалитетот на наставата туку го доведува во прашање и кредибилитетот на високообразовните институции. Деградацијата на високото образование, недостигот на контрола, финансиската мотивираност, непотизмот, партиските интереси, антиакадемизам, интелектуална мафија – се само некои од причините што доведуваат до вакви случувања. Сепак, на крајот најоштетени се студентите, кои не го добиват образованието што го заслужуваат, а кое патем и скапо го плаќаат.
Со цел да го прикрие скандалот, ректорот на ДУТ го суспендирал деканот на Медицинскиот факултет, д-р Кастриот Хаџиреџа, откога претходно неуспешно се обидувал да изнуди оставка од него.
Левицата стои зад ставот дека за професорите обвинети за плагијат треба да следи поништување и одземање на академското звање, а воедно и престанок на договорот за работа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.

