Свет
Германија се затвора за велигденските празници
Германија ги продолжи рестриктивните мерки до 18 април и ги повикува граѓаните да останат дома пет дена за време на велигденските празници во обид земјата да го спречи третиот бран на пандемијата.
„Ние сме во нова пандемија поради ширењето на новите варијанти на коронавирусот. Имаме суштински нов вирус, се разбира од ист тип, но со сосема различни карактеристики, многу посмртоносен, многу позаразен“, рече канцеларката Ангела Меркел.
Според новата одлука, Германија ги продолжува ограничувањата за уште еден месец и воведува некои построги мерки за време на велигденските празници во обид да се запре ширењето на коронавирусот.
Повеќето продавници ќе бидат затворени, а верските служби ќе бидат откажани за велигденскиот викенд од 1 до 5 април.
Собирите, како и рестораните на отворено, ќе бидат забранети од 1 до 5 април, а само продавниците за храна можат да бидат повторно отворени на 3 април.
Покрај тоа, голем број ограничувања што се во сила од крајот на 2020 година, како што се забраната на приватни собири, затворањето на културните објекти и ноќните клубови, се продолжени до 18 април.
„Ситуацијата е сериозна, бројот на случаи експоненцијално расте и креветите на интензивна нега се полнат“, рече канцеларката на прес-конференција по 12-часовните разговори со гувернерите.
Таа рече дека станува збор за експоненцијален раст на епидемијата предизвикан од британскиот вид на вирусот.
Стапката на инфекција во Германија вчера надмина 107,3 случаи на 100.000 жители, со нови 7.700 случаи и 50 смртни случаи.
„Ние сме во трка што побрзо да се вакцинираме“, рече канцеларката. Додаде дека ситуацијата ќе биде подобра кога ќе се вакцинираат повеќе луѓе.
Во Германија, само околу девет проценти од населението се вакцинирани со првата доза на вакцината, а четири проценти ги примиле двете дози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Секој пилот имал име на човек што треба да го убие“ – како се одвивдала ликвидацијата на ајатолахот Хамнеи
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја покрене операцијата против Иран, во координација со Израел, следела по недели дипломатски притисоци и интензивна разузнавачка подготовка, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на официјални и регионални извори.
Според израелскиот „Џерусалем пост“, месеците собирање разузнавачки податоци резултирале со детална листа на цели, вклучувајќи локации на клучни ирански команданти и високи функционери. Во подготовките учествувале израелските и американските служби, при што биле разменувани информации на повеќе нивоа.
Како што наведува медиумот, во првиот бран учествувале околу 200 авиони, а „секој пилот и екипаж добил прецизно дефинирани цели, со утврдена рута и време на извршување“. Нападите биле насочени кон командни центри и оперативни простории поврзани со иранските безбедносни структури.
Околу два часа по почетните удари, Иран возвратил со напади врз цели поврзани со САД во Заливот и со ракетирање кон Израел. Во тој момент, според наводите, ајатолахот Али Хамнеи веќе бил убиен.
Во анализата, „Џерусалем пост“ го опишува Хамнеи како идеолошки тврд лидер кој во текот на своето долгогодишно владеење ја зацврстил улогата на Иран преку поддршка на сојузници како Хезболах и Хамас, како и преку развој на безбедносната и нуклеарната инфраструктура.
Текстот заклучува дека неговото наследство ќе биде клучен фактор за идниот правец на Иран, додека останува отворено прашањето како ќе постапат неговите наследници.
Свет
Илјадници летови откажани поради ескалацијата на Блискиот Исток
Илјадници летови беа откажани викендов на Блискиот Исток и во Заливот откако повеќе држави го затворија својот воздушен простор по нападите на САД и Израел врз Иран.
Бахреин, Иран, Ирак, Израел, Јордан, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати најавија целосно или делумно затворање на небото, што доведе до масовни откажувања и пренасочувања на летови и десетици илјади заглавени патници.
Според аналитичката компанија „Цириум“, во саботата биле откажани 966 од 4.218 планирани летови (22,9%), а во неделата уште 716. Платформата „ФлајтАвејр“ објави дека глобално биле одложени повеќе од 19.000 летови и откажани над 2.600.
Клучните аеродроми во Дубаи, Абу Даби и Доха привремено ги прекинаа операциите. Емиратес ги стопираше летовите од и кон Дубаи, додека „Катар ервејс“ чека одлука од властите за повторно отворање на воздушниот простор.
Иран изведе напади врз Израел и заливските држави во кои има американски бази. Пријавени се инциденти и на аеродроми во ОАЕ и Кувајт, со информации за повредени и загинати лица.
Бројни светски авиокомпании – меѓу нив „Виз ер“, „Туркиш ерлајнс“, „Ер Франс“, „Бритиш ервејс“, „Луфтханза“, „Финаир“ и други – ги суспендираа летовите кон повеќе дестинации во регионот.
Експертите предупредуваат дека нарушувањата може да продолжат, што ќе значи дополнителни доцнења, повисоки трошоци и можно поскапување на билетите. Патниците се повикани редовно да го проверуваат статусот на летот пред да заминат на аеродром.
Фото: flightradar24
Свет
Велика Британија тврди дека Иран истрелал две ракети кон Кипар, прв ракетен напад врз Европа
Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека две ирански ракети биле истрелани кон Кипар, во она што би претставувало прв ирански ракетен напад врз Европа.
– Прилично сме сигурни дека тие не беа насочени кон нашите бази – рече Хили во интервју за Скај Њуз.
Велика Британија има две големи суверени базни подрачја на Кипар.
Истовремено, „тоа е пример за многу реална, растечка закана“, нагласи тој.
Хили, исто така, откри дека 300 британски војници биле во близина на иранските напади во Бахреин.
– Некои од нив на само неколку стотини јарди од местото каде што паднаа ракетите – рече тој.

