Македонија
Шаќири: Процесот на интеграција во ЕУ останува стратешки приоритет на Владата
Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, ја потенцираше посветеноста на нашата земја во однос на исполнувањето на сите задачи во рамки на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика во Европската комисија, на денешниот 17. состанок на кој имаше воведно обраќање во својство на копретседавач.
„Владата останува посветена на спроведувањето на клучните реформи истакнати во Извештајот на Европската комисија за 2020 година и организирање ефикасен пристапен дијалог со Европската Унија. Процесот на интеграција во ЕУ на Република Северна Македонија останува стратешки приоритет за развој, стабилност и просперитет на земјата и ние остануваме посветени на овој процес“, рече министерот Шаќири.
Според министерот, од особено значење е одржувањето на редовен дијалог со Европската комисија во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, со оглед на тоа што, како што рече, овој поткомитет претставува суштински форум за воспоставување и унапредување на континуираниот дијалог во важни области како што се образование и култура, информатичко општество и медиуми, социјална политика и вработување и наука и истражување.
На состанокот, меѓу другото се дискутираше за напредокот во однос на препораките од Извештајот од 2020, како и спроведувањето на заклучоците од Поткомитетот од 2020 година.
Инаку, Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика е едно од телата за дијалог помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, воспоставен во рамки на Комитетот за стабилизација и асоцијација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривични пријави во Гостивар за бесправна градба и фалсификување исправа
Полицијата во Гостивар поднесе кривична пријава против А.А. (42) од овој град поради постоење основи на сомнение за кривичното дело „бесправно градење“.
Пријави се поднесени и против фирма од Гостивар за „фалсификување исправа“, како и против Б.И. (33), сопственик и одговорно лице на правното лице, поради сомнение за „фалсификување исправа“ и „несовесно работење во службата“.
Според МВР, првопријавениот во периодот од 2022 година до 10 февруари 2024 година, како инвеститор, изградил индивидуален станбен објект спротивно на издаденото одобрение за градење.
Во пријавата се наведува дека Б.И. изготвил фиктивен завршен извештај за извршен технички прием, во кој внел невистинити податоци.
Македонија
Поранешниот министер најави тужби: „Ми го валкаат името со измислици и лажни тврдења“
Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски објави дека поради лажни пријави и клевети од ВМРО-ДПМНЕ, ќе преземе соодветни правни мерки.
Во својата реакција на Фејсбук тој обвинува дека наместо да се соочат со проблемите во земјоделството, власта се насочила кон напади врз него како опозициски пратеник.
Николовски истакна дека укажувал на проблемите со ИПАРД, на неисплатените субвенции и на тешката состојба во земјоделството, но наместо конкретни чекори бил соочен со, како што ги опиша, лажни пријави и клевети пласирани преку прес-конференции.
Тој додаде и дека постои тенденција неговото име да се валка со измислици и лажни тврдења, потенцирајќи дека таквите постапки потсетуваат на еден поранешен режим кој неславно заврши, а не на институции посветени на вистински развој на земјоделството. Според него, доколку енергијата била насочена кон поддршка на лозарите, тутунопроизводителите, оризопроизводителите, овоштарите, градинарите и сточарите, резултатите во секторот ќе биле поинакви.
Поради, како што наведува, неразумните обвинувања и обидите за нарушување на неговиот углед, ќе преземе правни мерки.
Македонија
Муцунски и Сијарто: Динамична соработка и силна унгарска поддршка за ЕУ-интеграциите
На маргините на министерскиот состанок на ОБСЕ во Виена, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Министрите изразија задоволство од динамичната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Унгарија, како и од континуираниот политички дијалог на високо ниво. Тие го нагласија силниот потенцијал за унапредување на соработката во низа сектори и за продолжување на меѓусебната поддршка во различни мултилатерални формати. Беше потенцирана подготвеноста на двете држави за натамошно интензивирање на соработката во претстојниот период.
Беше поздравено и неодамнешното одржување на петтата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу двете држави, како значаен механизам за зајакнување на билатералната соработка во повеќе области.
Разговорите опфатија и теми поврзани со актуелните случувања во регионот и Европа, партнерството во рамките на НАТО и процесот на членство во Европската Унија, при што беше истакната значајната поддршка што Унгарија ѝ ја обезбедува на Северна Македонија во овој процес.

