Македонија
Османи од состанокот на НАТО: Имаме можност директно да го кажеме нашиот став за сѐ што се случува во светот

Во рамките на денешното учество на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, испрати пораки за првото присуство на Северна Македонија, на масата на алијансата како полноправна членка.
„Да се биде рамноправен со 30-те најмоќни во светот не е само лична сатисфакција, туку гордост за сите наши граѓани. Не е тоа само симболична разлика, туку суштина на нашиот напредок како држава: наместо како досега, кога за нашите прашања се разговараше на состаноци на кои информациите ги дознававме од нашите колеги, сега сме присутни на масата, директно да учествуваме и да го претставиме нашиот став за сè она што се случува во светот“, истакна Османи, упатувајќи и на првиот јубилеј, првата годишнина од нашето членство во НАТО на 27 март.
„Навистина убава можност, тука од Брисел, од седиштето на НАТО, да потсетиме дека со членството во НАТО не само што се смени нашата улога на меѓународната политичка и безбедносна арена, туку и суштински се засили улогата на алијансата во целиот регион“, истакна Османи, посочувајќи на подготвеноста на земјата кадровски, технички и политички да одговори на предизвиците на членството во алијансата.
„Мотото ‘Ние сме НАТО’ не е веќе само обична парола, ова е реалност и ние сме навистина НАТО. Бидете горди, во овие моменти ја исцртуваме нашата идна историја, го остваруваме сонот на голем број генерации пред нас, создавајќи безбедна, стабилна и просперитетна иднина за генерациите по нас“, заклучи министерот за надворешни работи.
Северноатлантскиот совет на министрите за надворешни работи се одржува денес и утре во Брисел, за првпат по една година со физичко присуство поради пандемијата Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.
Македонија
Од Осака до Венеција, Љутков е министер за култура или министер за туризам, прашува СДСМ

Додека над 3.000 културни работници беа во неизвеснот ја чекаа својата мартовска плата, министерот за култура Зоран Љутков не се задржа ниту еден ден во своето министерство. Од Осака па до Венеција, министерот постојано е на пат, повеќе е во странство отколку на своето работно место, велат од СДСМ.
Според оваа партија, во моментите кога вработените во културата протестираа пред Министерството, заборавени и игнорирани, Љутков позира на други континенти додека дома културата доживува финансиски колапс.
Ова, како што велат, не е културна политика.
„Ова е културна деградација. Ова е ароганција и расипништво со партите на граѓаните. Културата не е декор за туристичко позирање. Таа е жив систем кој бара посветеност, почит и вистинска грижа.
Додека Љутков патува, народот плаќа. Прашањето е: колку чинат екскурзиите на Љутков.
Зарем вредат патувањата во странство повеќе од тоа да се работи дома за да се решат проблемите во културата“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје во недела

СВР Скопје известува дека на 11.05.2025 (недела) со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.