Соопштенија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ шират невистини во очај што не можат да го одбранат криминалот

ВМРО-ДПМНЕ упорно си тера со измислици и конструира непосточеки случаи за наводен нелегален тутун, иако нивните лаги повеќе пати беа демантирани, соопшти СДСМ по обвинувањата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Јавноста е информирана, но, по сè изгледа, не е информиран портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски дека за конкретниот случај за кој изнесува лаги, пред неколку месеци е отворена предистражна постапка во рамките на Царинската управа, известен е и надлежен Јавен обвинител.
Во белата палата очигледно им пречи што оваа влада води неселективна и бескомпромисна борба против корупцијата, па затоа шират лажни вести против вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и неговото семејство.
Денес правдата е еднаква за сите, секој што се огрешил пред законот одговара, нема повеќе недопирливи.
Очајни што не успеваат да го одбранат криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и избезумени од последователните порази на сите избори, губитникот Мицкоски и неговите соработници не знаат што друго да прават, освен да шират лажни вести во кои никој не верува.
Затоа губат на избори, затоа уште долго ќе останат во опозиција“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Герасимовски: На 19 октомври да гласаме „За Центар што го сакаме“, единствениот и победнички концепт за развој на Центар

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски, вчера на терен „од врата до врата“ со центарци дискутираше за проектите што треба да се реализираат во новиот мандат.
Тој, најави бројни капитални проекти како изградба на градинка со капацитет од 100 деца, изградба на дом за стари лица кадешто е предвидено вработување на 25 негователи, изградба на нов административно-граѓански објект, како и два затворени базени.
„Во новиот мандат работиме за сите граѓани поеднакво, реализираме проекти за децата, за младите, за возрасните, но и за пензионерите. Воведуваме бесплатен оброк за ученици во целодневна настава, а на учениците од петто до деветто одделение им следува бесплатна екскурзија низ Македонија. За 50% ги зголемуваме стипендиите за талентирани ученици, за 50% ги зголемуваме и субвенциите за новороденче. Вложуваме и во подобар квалитет на живот на пензионерите. Од 2.500 на 5.000 денари ја зголемуваме еднократната парична помош на пензионерите со пониска пензија“, вели Герасимовски.
Герасимовски, истакна дека на 19 октомври победува концептот „За Центар што го сакаме“ затоа што развојот на Центар мора да продолжи.
„Поддршката од граѓаните е голема, во изминатите четири години направиме многу за нашата општина. Реализиравме над 90% од програмата. Денеска, Центар е нова и успешна приказна која мора да продолжи да се развива по победата на локалните избори. Ги повикувам сите центарци да го направат вистинскиот избор за Центар, за поубава и подобра општина“, потенцира Герасимовски.
Соопштенија
(Видео) Паунов: Нови тротоарски површини во центарот на општина Карбинци за поголема безбедност но и модерен урбан лик

„Се движиме по новите тротоарски површини коишто ги градиме во овој момент. Ова е проект којшто е пример како треба да изгледа едно урбано, уредено населено место“, вели Виктор Паунов, кандидат за градоначалник на општина Карбинци од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние продолжуваме заеднички, за подобри услови за сите граѓани, за општина Карбинци“, изјави Виктор Паунов, кандидат за градоначалник на општина Карбинци од ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштенија
Сретен Стојковски од Коалицијата за зелена иднина: Потенцијалот на Куманово нема да се распарчува со импровизации

Носителот на листата на советници на Коалицијата за зелена иднина во општина Куманово, Сретен Стојковски, во видео-обраќање зборува за нови стандарди во локалното управување, како што се фер правила, транспарентност и зелени политики што служат на граѓаните.
„Во Куманово знаеме дека чистата општина почнува со чиста совест — со правила што важат за сите и со почит кон секој човек,“ истакнува Стојковски, додавајќи дека општината мора да се води од јавниот интерес, а не од привилегии.
„Општината не е каса за привилегии, напротив, треба да ја изградиме во заеднички зелен дом“, вели Стојковски.
Стојковски упатува и една од клучните пораки на коалицијата: „Нашата порака е јасна: Заедно до зелено и чесно Куманово.“
Тој нагласува дека како член на истиот состав на Советот ќе се спротивстави на партиски контролираните локални практики.
„Не прифаќаме општина зад паравани и партиски списоци. Бараме јавно управување, трага на секоја општинска одлука и отчет што се гледа за секој потрошен општински денар“, порачува Стојковски.
На крајот од обраќањето Стојковски испраќа порака за достоинствено секојдневие и одржлив развој на општина Куманово.
„Куманово има потенцијал што не смее повеќе да се распарчува со импровизации. Наместо цинизам, нудиме достоинство во секојдневието на кумановци и кумановки — почиста животна средина, култура на одговорност и инклузија како норма, а не како исклучок. Коалицијата за зелена иднина стои покрај вас. Нашата амбиција и цел е Куманово да го направиме место за живеење, а не за преживување“, порачува Сретен Стојковски, носител на листа за советници на Коалицијата за зелена иднина во општина Куманово.