Економија
(Видео) Јованчев: ЕЛЕМ го испразни ХЕЦ Тиквеш

ЕЛЕМ го испразни ХЕЦ Тиквеш, нивото на водата е доведено на мининум, под знак прашалник е и сезоната за наводнување, обвини Зоранчо Јованчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со месеци на езерото речиси и не дошол човек од страна. Сопствениците на викендичките секојдневно ми се јавуваат и реагираат поради тоа што некои не можат да пристапат до нив. И сето тоа само поради неспособноста на менаџерите на електрани на Македонија кои поради тоа што не можат да обезбедат доволно електрична енергија за граѓаните на Македонија секојдневно ја користат акумулацијата Тиквеш за да ја надомести дневната потрошувачка и на тој начин го празнат езерото“, рече тој.
Но, додаде Јованчев, она што посебно нè загрижува жителите на општините Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман и Градско е тоа што во прашање е доведена поливната сезона која треба да започне за 20 дена.
„Осум до десет илјади хектари се под опасност поради немање доволно вода. Во овој момент нивото на езерото е на три метра под долниот праг на тунелот низ кој протекува водата за наводнување, а кој што се гледа на сликите како е далеку од нивото на водата, или да бидам поточен за да почне поливната сезона нивото на езерото за помалку од дваесет дена потребно е да се покачи најмалку 7 метри. Дали на овој начин владата на Заев преку ЕЛЕМ сака да ги уништи земјоделците“, праша тој.
Јованчев апелира ЕЛЕМ веднаш да го сопре производството на електрична енергија од акумулацијата Тиквеш и во Црна Река да пушта само одредена количина вода потребна за биолошки минимум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ангеловска-Бежоска на Kонференцијата на Светската банка: За повисок раст најважно е да се зголеми продуктивноста којашто е околу половина од европската

„Економијата постепено закрепнува од шоковите, а нивото на доход изнесува околу 42% од европското. За побрза доходовна конвергенција и за намалување на овој јаз важни се структурните реформи со кои ќе се зголеми потенцијалот за раст којшто во изминативе две декади во регионот на Западен Балкан, вклучително и во нашата економија, е речиси преполовен. А потенцијалот за раст може да се зголеми само преку вложување во човечки капитал, каде што значаен предизвик е емиграцијата, преку вложување во физичкиот капитал којшто во моментов изнесува околу 30% од европскиот просек и преку зголемување на продуктивноста којашто е околу 50% од европската.“ Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Конференцијата во организација на Канцеларијата на Светската банка на којашто беше презентирана студијата „Кон повисоки достигнувања: Патот до повисок доход во Европа и Централна Азија“.
„Во однос на физичкиот капитал, за да се зголеми нивото на приватниот и јавниот капитал, важно е да се засилат домашните, а уште повеќе странските инвестиции, што ќе обезбеди не само нов капитал, туку и нови знаења, менаџерски вештини, напредна технологија. Во овој контекст, добро е што се засилува јавниот инфраструктурен циклус и што значително забрзуваат странските директни инвестиции коишто минатата година достигнаа едно од историски највисоките нивоа (7,1% од БДП) и покрај зголемените геополитички тензии и трговски препреки“, истакна гувернерката.
За зголемување на продуктивноста особено е важно во фокусот да се стават иновациите и технолошкиот развој. Во овој контекст и согласно надлежностите, Народната банка постојано презема чекори за иновации во финансискиот сектор. „Во изминатиов период создадовме Центар за иновации којшто поддржува компании подготвени да вложуваат во иновативни финансиски активности. Беше донесена Првата национална стратегија за финтек и беше подготвена регулативната рамка за извршување на плаќањата, што ни го отвори патот кон членството во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Тоа ќе овозможи голем број придобивки за нашата економија, вклучително и поиновативни бизнис-модели и конкуренција во финансиската индустрија“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи и дека примената на дигиталните технологии има потенцијал да ја зголеми продуктивноста и да ублажи дел од структурните пречки за економскиот раст.
На Конференцијата се обратија и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи и Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во земјава, главниот економист на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, Иваjло Изворски, а на панел-дискусијата на којашто учествуваше гувернерката Ангеловска-Бежоска се обрати Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, како и Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.
Економија
Директорот на ТИРЗ Гоце Димовски дел од 28-миот Евроазиски Економски Самит во Истанбул

Директорот Гоце Димовски како дел од владината делегација предводена од министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, заедно со Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања, денес присуствуваше на 28-миот Евроазиски Економски Самит, во Истанбул, Турција, организиран од страна на Фондацијата за стратешки и општествени истражувања – Мармара Груп.
Димовски во своето обраќање на панелот со тема „Екологија, Економија, Енергија и Вештачка Интелигенција“ посочи дека одржливиот развој не е само избор, туку неопходност.
„Технолошко-индустриските развојни зони во Македонија се поставени како пример за интегрирање на еколошките стандарди во индустрискиот развој. Со фокусирање на лесна, незагадувачка индустрија и модерна логистика, создадовме услови за производство што ги минимизира негативните влијанија врз животната средина и овозможува квалитетен живот за локалните заедници.“ – изјави Димовски.
Тој ги истакна фискалните и царински стимулации, даночни ослободувања и поддршката за нови работни места, што директно влијае на привлекувањето најиновативни домашни и странски инвеститори.
„Само преку партнерства, размена на знаење и иновации можеме да изградиме економии кои се отпорни, инклузивни и одржливи. Македонија останува посветена на европските вредности, на зелената транзиција и на дигиталната трансформација – заедно со вас, нашите пријатели и партнери од евроазискиот регион.“ – кажа Димовски.
Воедно, директорот Димовски во рамки на самитот оствари успешни средби со бројни високи претставници и потенцијални инвеститори, при што беа разгледани можностите за потенцијални инвестиции и зајакнување на економските односи.
Целта на овој самит е да ги зближи бизнисмените, политичарите и академиците од различни земји, што ќе влијае на зајакнување на соработката во областите на економијата, демократијата и безбедноста.
Учеството на Македонија и Дирекцијата за ТИРЗ како институција на овој самит е потврда за успешната соработка со Турција, со напори за континуриано унапредување на економските и инвестициски релации меѓу двете земји.
Економија
Со 90 отсто сигурност кај нас нема да се случи прекин на струјата како во Шпанија и Португалија, вели министерката Божиновска

Прекин на струјата како оној што ги парализира Шпанија и Португалија минатата недела со 90 отсто сигурност нема да се случи кај нас во периодот што следува, рече денес Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини. Во летниот период таа уверува дека не се планирани ни исклучувања на фотоволтаиците за да се овозможи стабилност на електроенергетската мрежа по исклучувањето за велигденските празници кога фотоволтаичните електрани беа исклучени за да се растовари мрежата.
„На моја иницијатива, Министерството, во соработка со МЕПСО и со Регулаторната комисија, разговаравме и првпат за велигденските празници донесовме една одредба што траеше само за Велигден. Сите служби веднаш реагираа и имаше исклучувања многу мал период. Сега за Први мај немаше исклучувања, се работи активно, нема да има проблем во летото. Ова е само во овој преоден период, април – мај, кога сите се дома или кога не работи индустријата. Подоцна, налето, ќе работат климите, ќе има конзум. Ние сме спремни, не можеме да кажеме 100 %, но 90 % со сигурност може да кажам дека нема да има ‘блек аут’ како во Шпанија и во Португалија“, рече министерката Божиновска денес по потпишувањето на договорот за изградба на гасоводот за интерконекција со Грција.
МЕПСО работи на сите технички работи за одржување на елетроенергетската мрежа во соработка со Европската мрежа на системски оператори за електрична енергија, чии претставници ќе дојдат во земјата и ќе направат обука.
Министерката Божиновска рече дека уредбата со која фотоволтаичните централи беа привремено исклучени за Велигден, ќе биде во сила до октомври, но најави дека будно го следат секој час и оттогаш нема исклучувања.
Испадот во електроенергетската мрежа, кој минатата недела ги остави Шпанија и Португалија 12 часа без струја, експертите се сомневаат дека е предизвикан од предизвиците што ги носат обновливите извори на енергија. До овој став дојдоа откога беше утврдено дека не се работи за хибриден напад, а во моментот на прекинот на струјата речиси 70 отсто од енергијата во Шпанија и во Португалија доаѓала од обновливи извори.
Масовниот прекин на снабдувањето со струја во Шпанија и во Португалија минатата недела предизвика низа проблеми. Откажани беа повеќе од 500 лета, не работеа семафорите, луѓе останаа заглавени во метрото, не работеа телефонските линии, проблеми имаа банките, а граѓаните и една недела подоцна не добија официјално објаснување што го предизвикало прекинот.