Македонија
Премиерот Заев и министерката за одбрана Шекеринска на средба со адмиралот Бурк

Премиерот Зоран Заев го прими командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој со делегација на НАТО е во посета на нашата земја по повод одбележувањето на првата годишнина од членството на Северна Македонија во алијансата.
На средбата, на која присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и бригадниот генерал Симеон Трајковски, началник на Ј-5 секцијата во Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, премиерот Заев му се заблагодари на Бурк за честа што алијансата со присуство на свои високи претставници ќе учествува во одбележувањето на првата годишнина од членството на земјата во НАТО.
„Членството во НАТО е остварување на определбата на граѓаните и на политичките елити во земјата негувана и афирмирана низ годините наназад уште од прогласувањето на независноста на Северна Македонија. Во таа насока, во текот на периодот што претходеше на тој чин, работевме на исполнувањето на политичките критериуми во делот на унапредување на демократијата, слободите и владеењето на правото, како и на трансформацијата на нашата армија во согласност со стандардите на алијансата“, потенцираше премиерот Заев.
Тој информираше дека Владата продолжува да инвестира во Армијата на Северна Македонија со буџетска поддршка која расте дури и во време на пандемијата кога приоритет е поддршката за санирање на социоекономските последици за која до сега се издвоени 1,3 милијарди евра.
Командантот на Сојузничката команда на здружени сили во Неапол, адмиралот Роберт Бурк од своја страна нагласи дека му е чест што предводи делегација на алијансата по повод првата годишнина на Северна Македонија во НАТО и го истакна придонесот што земјата го даваше и во периодот пред пристапување во членството во сојузот, и дека значаен удел за успешното остварување на овој процес имаше лидерството на земјата во последните 4 години кога се донесоа најзначајните одлуки за остварување на оваа цел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Град Скопје известија дека викендов (26.07 и на 27.07.2025 година), во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, дополнуваат надлежните.
Македонија
Денес пеколно топло со температури од 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени Целзиусови.
И во Скопје че биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој животот го загубија 1.070 лица

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје ќе положат цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот. Градот како и секоја претходна година се сеќава на катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој засекогаш го промени.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.