Македонија
(Видео) Пендаровски: Првата година од членството во НАТО потврди дека не сме сами во справување со предизвиците

Веќе една година учествуваме во сите работни комитети и тела и носиме заедно стратешки одлуки, рече претседателот Стево Пендаровски во негото обраќање на централната свеченост по повод годишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО, што се одржа во касарната Илинден во Скопје.
„ Како рамноправна членка имаме целосен пристап кон најрелевантните информации со кои располага Алијансата. Тој механизам за размена на информации ни помага да ја превенираме опасноста и подобро информирани да креираме политики и носиме одлуки за виталните безбедносни и надворешно-политички прашања. Во исто време, дел сме од координативните механизми на НАТО за справување и со хибридните закани и кампањите за дезинформирање на јавноста“, истакна во обраќањето претседателот Пендаровски.
Во однос на пандемијата, претседателот Пендаровски посочи дека НАТО беше и се уште е ангажиран здравствената криза да не премине во безбедносна.
„ Преку солидарните механизми на НАТО уште на самиот почеток добивме неопходна медицинска опрема и материјали, но и споделено знаење и искуства“, додаде Претседателот.
Во рамки на свеченоста беше извршен приказ на способности од страна на единиците на Армијата и беа доделени признанија за досегашната соработка со странски Воени Аташеи во земјава.
Присутните на свеченоста со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите и починатите припадници на Армијата и на жртвите од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грција ќе екстрадира македонски државјанин, кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија

Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.
Македонија
Поради дефект на водоводна цевка, се суши тутунот во Прилепско Поле, алармира СДСМ

Пукната цевка во хидросистемот кој го наводнува плодното Прилепско поле, е причина што повеќе од месец и пол огромни површини засадени со тутун се наоѓаат пред сушење, велат од СДСМ Прилеп.
Сашо Јорданоски, од партиската Комисија за земјоделство во овој град рече дека прекинот со водоснабдување на земјоделските површини настанал уште во периодот на расадување на тутунот. Оттогаш па до денес, десетици хектари засадени со тутун, но и со градинарски производи, немаат видено капка вода.
„Срамота е во 21 век, во ерата на секојдневен напредок на технологијата, дефект на водоводна цевка да го сотре тутунот во најтутунарскиот регион во државата. Надлежните од „Прилепско поле“ и „Водостопанство“ креваат рамена и немаат одговор дали и кога дефектот ќе биде отстранет. Нема ништо од ветената грижа за тутунопроизводителите од страна на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а од пратениците од власта и градоначалникот Борче Јовчески – ни трага ни глас“, изјаваи Јордановски.
Се додава дека прилепските тутунопроизводители се заборавени и препуштени сами на себе.
Македонија
Општина Центар почнува со проект за рано откривање сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основните училишта

Општина Центар и „Синергија Скопје“ во септември започнуваат пилот проект за рано откривање на сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основни училишта на подрачјето на локалната самоуправа . Проектот е договорен во рамки на месецот за подигнување на свеста за сколиоза и ќе се реализира во училиштата: „ Свети Кирил и Методиj“ и „11 Октомври“.
Прегледите ќе ги спроведуваат лиценцирани физиотерапевти и ортопеди во училишни простории, со цел навремена детекција и стручна поддршка.
„Здравјето на децата е наш приоритет. Во пубертетот, кога телото брзо се менува, важно е да се реагира навреме. Неправилното седење, мобилните телефони и тешките ранци го оптоваруваат ’рбетот , затоа секое дете треба да има можност за превентивен преглед,“ порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Сколиозата често се развива незабележано, а навременото откривање е клучно за детскиот развој.
„Превенцијата не е привилегија , туку потреба на секое дете. Раната дијагноза и редовно следење се клучни за да се спречат компликации.
Ако се третира навреме, децата можат да имаат целосно нормален живот “, велат од Здружението.
Општина Центар е поддржувач на кампањата за подигање на свеста за сколиозата и на настанот одржан по тој повод во Паркот на Франкофонија.