Македонија
Синовите на Мијалкови демантираат дека претепале момче
Синовите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и на ексдиректорот на Царинската управа, Влатко Мијалков, Александар и Филип, преку допис до медиумите реагираат и демантираат дека наводно претепале момче и дека заради тоа биле приведени. Тие велат дека во петокот нападнат бил нивни пријател, а тие се обидувале да ја смират ситуацијата, за да не ескалира.
„Свесни сме дека презимето кое го носиме предизвикува внимание во медиумите и јавноста, но тоа не ја намалува обврската за професионално известување и пренесување на двете страни пред да се изведе заклучок дека некој некого претепал или бил уапсен”, се вели во реакцијата.
Тие објаснуваат дека во петокот вечерта со неколкумина пријатели биле излезени во кафуле во Дебар Маало, а околу 20.45 часот еден од пријателите во друштвото имал расправија со девојката, по што бил нападнат од неколкумина нејзини другари.
„Еден од нив, кој делуваше дека е под дејство на алкохол, извади и боксирач и удираше со него. Ние двајцата ги двоевме двете групи и се обидувавме да ја смириме ситуацијата за да не ескалира. Откако момчињата од двете групи излегоа надвор, лицето кое имаше боксирач продолжи да напаѓа, а ние се трудевме да спречиме некој да биде повреден. За жал, нашиот пријател се здоби со три расекотини на главата од боксирачот на тоа момче. Подоцна разбравме дека токму напаѓачот е тоа 19-годишно момче кое го пријавило настанот. По случката заминавме дома, а нашиот пријател побара медицинска помош. Вчера не бевме приведени, туку бевме повикани од полицијата за да дадеме исказ во врска со настанот и веднаш постапивме по поканата и кажавме што и како се случи“, стои во реакцијата.
Мијалкови велат дека еден од нивните пријатели и во текот на вчерашниот ден продолжил да добива закани на мобилниот телефон.
„Исто така во текот на вчерашниот ден, Филип беше нападнат од истата група на момчиња кои со шипки и пендраци удираа по колата во која што седеше. Во полиција е пријавен и насилен напад врз Филип, при што беше оштетено возилото во кое се наоѓаше. Се надеваме дека полицијата ќе го расчисти случајот, а со тоа ќе запрат и дезинформациите во јавноста“, се вели во реакцијата.
Од полицијата вчера информираа дека „На 27.03.2021 во 00.30 часот во Полициска станица Центар, И.С.(19) од Скопје пријавил дека на 26.03.2021 околу 21.45 часот во и пред угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од шест лица“.
„Лицата се повикани во полициска станица и известен е јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјавија од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

