Економија
Во продажба новиот Tiguan – најуспешниот SUV на Volkswagen пристигна во Македонија
Силен, комфорен и поврзан како никогаш досега, новиот Tiguan суверено ги истакнува своите атрибути. Интелигентната технологија му овозможува извонредни способности. Како динамичен SUV, тој поставува нова дефиниција за возможното.
Бестселерот на Volkswagen се истакнува со моќен надворешен дизајн и врвни технолошки иновации. Новите погонски системи се составени од голем број на еколошко-одржливи технологии. Новите системи за асистирање на возачот, нудат уште поголема удобност во возењето и едноставност во ракувањето. Благодарение на “секогаш онлајн” системите, голем број на нови функционалности стануваат сега достапни со новата генерација на инфо-забавните системи MIB3. Понудата за мотори ги вклучува бензинските 1.5 ТSI со моќност од 150 к.с. (110kW) и 2.0 TSI со 245 к.с. (180kW), додека дизелските агрегати започнуваат со 2.0 TDI со моќност од 150 к.с. (110kW) и 2.0 TDI со 200 к.с. (147kW).
Богато опремен во основната верзија со “Life” ниво на опрема, кое вклучува 17 инчни алуминиумски фелни за преден погон и 18 инчни алуминиумски фелни за погон на сите тркала 4MOTION, предни светла во LED изведба со контрола на досегот и асистент за долги светла “Light Assist”, комфорни седишта, мултифункционален кожен волан, инфо-забавените системи, радио „Composition“ со 6.5 инчен екран во боја, чувствителен на допир, 8 звучници, FM/DAB + радио прием, Bluetooth поврзување, и како опционална опрема без доплата, радио “Ready 2 Discover” со 8 инчен екран во боја, чувствителен на допир, 8 звучници, FM/DAB + радио прием, Bluetooth поврзување во комбинација со App-Connect, Apple CarPlay, Google Android Auto, MirrorLink, “Air Care Climatronic” трозонска автоматска контрола на клима, паркинг сензори напред и назад, електромеханичка паркинг сопирачка со Auto Hold функција, систем за помош при задржување на лента “Lane Assist”, систем за препознавање на замор “Rest Assist” и систем за помош при возење на надолнина “Hill Descent Control”.

Просторната внатрешност на новиот Tiguan е место за визионери. Благодарение на интуитивните контролни елементи на кокпитот ориентиран кон возачот, отсега ќе може да се концентрирате само на она што е најважно. Тоа го овозможува, на пример, мултифункционалниот кожен волан кој во комбинација со дигиталниот кокпит со 10.25 инчен екран во боја и удобните комфорни седишта, ќе го направат секое ваше патување да биде вистинско уживање.
Новиот опционален музички систем од „Harman Kardon“ одушевува со неговиот софистициран, богат звук и рафиниран, елегантен дизајн. Направен за обожавателите на звукот, кои сакаат да уживаат во музиката за време на возењето. Очекувајте балансирани високи и ниски тонови, а покрај тоа и прецизни басови. Во Вашиот Tiguan, “Harman Kardon” озвучувањето, со својата вкупна моќност од 480 W, испорачува звук каков што не сте очекувале.
Системите за безбедност во новиот Tiguan достигнуваат напредно ниво на сигурност во возењето. Стандардните безбедносни системи, како “Lane Assist” системот за задржување на лента, електронската контрола на стабилизација ESC и “Rest Assist” системот за препознавање на замор кај возачот гарантираат удобно возење, додека предните воздушни перничиња за возач и совозач, со воздушни перничиња за колениците на возачкото седиште и воздушните завеси поставени напред и назад, како и страничните воздушни перничиња напред, се грижат за потполна безбедност на сите патници.

Volkswagen Tiguan е темел на понудата на Volkswagen уште од 2007 година. Компактниот SUV брзо еволуираше во најуспешниот модел на групацијата Volkswagen. Tiguan е меѓу најпопуларните SUV во светот и најуспешниот SUV во Европа со над шест милиони произведени возила од 2007 година. Volkswagen сега го отвора следното поглавје на успешната приказна на Tiguan со сеопфатно техничко и визуелно освежување.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
Потврда за квалитет и доверба: „Реплек“ по петти пат сертифициран со EU GMP сертификатот
„Реплек“ по петти пат ја потврдува својата усогласеност со највисоките европски стандарди за квалитет, безбедност и добра производна пракса. Најновото сертифицирање со EU GMP сертификатот е доказ за континуираната посветеност на компанијата кон унапредување на производствените процеси, што ја потенцира нејзината доверливост и професионалност во секоја фаза од производството. Новиот, петти по ред, EU GMP сертификат вклучува проширување на опсегот на производството со три нови форми, и тоа супозитории, вагитории, како и гранулати за орална употреба (сакети). Ова е потврда на континуираното проширување на капацитетите со нови фармацевтски форми, што е резултат на интензивни инвестиции во модернизација на производствените линии, примена на најсовремени технологии, како и постојано усовршување на вработените.
Во своите завршни забелешки инспекторите нагласија дека „Реплек“ демонстрира висок степен на зрелост во спроведувањето на добрата производна пракса, високо стандардизирани оперативни процеси, како и робусен систем за квалитет, што ја потенцира доверливоста и професионалноста на компанијата во секоја фаза од работењето. Сертификатот е веќе официјално објавен на дата базата на Европската агенција за лекови (EMA).
„Новиот EU GMP сертификат е потврда за нашата долгорочна посветеност кон квалитетот, иновациите и безбедноста на производственото портфолио. Проширувањето на опсегот на производство е резултат на континуирани инвестиции во технологија и знаење, како и на посветеноста на целиот тим на ‚Реплек’. Сертификатот е признание кое дополнително ја зацврстува довербата кај пациентите и партнерите, и ја потврдува позицијата на компанијата како современа, конкурентна и подготвена да одговори на најстрогите европски и меѓународни стандарди. Станува збор за признание кое е резултат на постојани вложувања во човечкиот капитал, експертизата на вработените и иновативните технологии“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Ваквата потврда ја зацврстува позицијата на „Реплек“ како сигурен и кредибилен партнер на европските и меѓународните пазари, истовремено реафирмирајќи ја континуираната посветеност кон примена на највисоките стандарди во сите сегменти од оперативните процеси. Со новото сертифицирање уште повеќе се засилува стратешката поставеност на „Реплек“ на 450-милионискиот пребирлив европски пазар, каде што компанијата веќе пласира сериозен дел од своето портфолио. Овој европски GMP сертификат служи како референтен и за партнерите од голем број на останатите пазари, што значи дека се прошируваат можностите за пласман на производите на „Реплек“ и во тие држави.
Овој успех ја потврдува долгорочната стратегија на компанијата за одржлив и стабилен раст и развој, зацврстувајќи ја нејзината позиција на меѓународните пазари, каде што „Реплек“ пласира над 75 отсто од своето портфолио и продолжува да го зголемува својот удел преку висока доверба од потрошувачите. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
МЕМО и словенечката енергетска берза БСП потпишаа договор со кој започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден
Во просториите на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, денеска официјално беше потпишан Договор со словенечката енергетска берза БСП, како избран економски оператор за обезбедување услуги на трговски платформи и клиринг платформа за пазарите на електрична енергија во сегментите ден-однапред (Day-Ahead Market) и пазар во тековниот ден (Intraday Market).
Пазарот ден-однапред во нашата земја успешно функционира од 10 мај 2023 година, кога започна тргувањето на организираниот пазар на електрична енергија и од тогаш соработката меѓу МЕМО, БСП и ЕПЕКС СПОТ бележи континуиран раст. Дополнително, во заедничка соработка до крајот на вториот квартал од 2026 година ќе биде воспоставен и пазар во тековниот ден.
Договорот, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го потпишаа управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник.
Со овој Договор, МЕМО прави значаен исчекор во насока на унапредување на функционалноста на организираниот пазар на електрична енергија и негова подготовка за идно поврзување со единствениот европски пазар, информираат надлежните.
„Договорот претставува континуитет на соработката со БСП и ЕПЕКС СПОТ, важен чекор во развојот на македонската берза за електрична енергија и зајакнување на нејзината техничка и институционална подготвеност за пазарна интеграција со Европската Унија. Изборот на реномирани берзи како БСП и ЕПЕКС СПОТ, со кои веќе имаме воспоствено соработка базирана на доверба и резултати е потврда за нашата посветеност кон транспарентен, сигурен и ефикасен пазар“, изјави управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека по потпишувањето на Договорот се одржа и kick-off состанок со претставници на БСП, на кој официјално започнаа активностите за дополнително воспоставување на пазарот во тековниот ден, со цел истиот да биде ставен во функција до крајот на вториот квартал од 2026 година.
„„МЕМО и Северна Македонија денес направија значаен и стратешки исклучително важен чекор кон интеграција во европскиот пазар на електрична енергија. Потпишувањето на договорот за воспоставување на пазарoт во тековниот ден и имплементацијата на проектот, чија реализација е предвидена да заврши во вториот квартал од 2026 година, претставуваат важна пресвртница во процесот на интеграција на земјата во европскиот пазар на електрична енергија.
Со јасна и амбициозна насока, како и со силна поддршка од надлежната министерка и министерството, Северна Македонија продолжува да остварува убедлив напредок на патот кон целосна интеграција во европскиот пазар на електрична енергија – препознаен и во регионот и во рамки на Европската Унија. Високоефикасните тимови на МЕМО и БСП и ЕПЕКС СПОТ, заедно со поддршката од министерката и Министерството, претставуваат силна и јасна гаранција дека Северна Македонија ќе биде меѓу првите земји во регионот што ќе се приклучат кон Единствениот европски пазар на електрична енергија.
Ова е наша заедничка и силна заложба, изградена врз експертиза, доверба и одлично партнерство. Горд сум што јас и мојот стручен тим од БСП сме дел од овој значаен проект“, изјави Предовник.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е суштински чекор за модернизација на македонскиот енергетски сектор и негова реална интеграција во европскиот пазар.
„Со вакви конкретни проекти ја градиме стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на пазарот. Министерството активно и континуирано ја поддржува институционалната и техничката подготвеност на пазарните оператори. Нашата цел е јасна – функционален, сигурен и европски усогласен пазар на електрична енергија. Пазарот во тековниот ден, носи поголема флексибилност, подобро управување со обновливите извори и намалување на системските ризици. Тоа е директна придобивка и за учесниците на пазарот и за енергетската стабилност на државата“, нагласи Божиновска.

