Економија
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
Фирмата „Брачна игра“ ДООЕЛ, во сопственост и управување на Игор Џамбазов, познат шоумен во државата, е една од фирмите што зеле нeнаплатлив кредит од Еуростандард банка. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма нема платено ниту една рата 469 дена пред затворањето на банката, односно од 2019 година, се вели во денешното соопштение на здружението „Оштетени штедачи“.
Според билансите на фирмата, во годината кога е земен кредитот, фирмата немала ни приходи. Основана е во мај 2016 година, без вработени, со седиште во општина Карпош во Скопје и непаричен влог од 5 илјади евра. Во изминатите години од нејзиното основање фирмата плива во долгови, со задолженост од речиси 120 отсто. Без приходи, со меница како единствено обезбедување за земениот кредит, оваа фирма е сега кандидат за затворање како деловно неактивна, стои во информацијата.
„Џамбазов ја искористил својата фирма за да му биде одобрен ненаплатлив кредит, веројатно договорен со некој од раководните лица од Еуростандард банка, за да не го врати. Како е можно фирмата на овој шоумен да добие кредит само врз основа на обична меница, а таа да биде презадолжена уште кога е основана, уште повеќе и без приходи во годината кога ѝ е доделен кредитот!? Даден кредит што не може да се наплати од фирмата поради тоа што нема ни од што. Затоа, и овој наш шоумен, како и другите сопственици на 148 фирми од извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, ќе мора да сносат одговорност за нивното помагање и соучество во овој организиран криминал и висока корупција“, велат оштетените штедачи.
Според нив, вакви и слични криминални стории за Еуростандард банка има многу. Избрани фирми што зеле кредити и не платиле ниту една рата со години.
Оваа кражба остави над 3.000 семејства без нивните лични средства среде пандемија и тешка економска криза“, соопштуваат од „Оштетени штедачи“.
„Изминатиов период од кога почнавме јавно да го споделуваме криминалот направен преку давање кредити без почитување на кредитна политика на Еуростандард банка и воедно толерирањето од страна на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и нејзините ревизори, поранешниот сопственик Трифун Костовски комплетно се повлече и не излезе со ниту една реакција во врска со фактите што ги изнесовме во соопштенијата. Баш напротив, тој преку социјалните мрежи, користејќи ги своите пријатели, кои често се и јавни личности, преку споделување текстови за негова поддршка, како тој е прекрасен човек, филантроп и џентлмен, се обидува да ги прикрие вистината и фактите, кои говорат каков човек е тој всушност“, реагираат оштетените штедачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

