Македонија
ЗНМ: Во извештајот на Стејт департментот истакнат проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите
Во објавениот извештај на американскиот Стејт департмент за минатата 2020 година за почитување на човековите права во Северна Македонија се вели дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава.
Сепак, Стејт департментот констатира дека сè уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари, објавија од ЗНМ.
„Во извештајот се нотирани речиси сите посериозни напади врз новинари за последните две години и е истакнат проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите, нешто за кое ЗНМ честопати алармираше во јавноста. Покрај ова, во извештајот нотирано е и дека во изминатата година одговорот од страна на властите на случаите на насилство и заплашувањето кон новинарите беше бавно и неефикасно“, посочуваат од ЗНМ.
„Во извештајот на Стејт департментот е нотирано дека во април новинарите и вработените во медиумите Душица Мрѓа, Наташа Стојановска, Горан Трпеноски, Влатко Стојановски, Билјана Николовска, Томе Ангеловски и Игор Јанковски поднесоа тужби пред Граѓанскиот суд во Скопје барајќи правда за инцидентите од 27 април во Собранието. Во извештајот се нотира дека судската постапка за овој случај сè уште е тековна“, додаваат од Здружението на новинари на Македонија.
Од ЗНМ го посочуваат делот од извештајот во кој пишува дека, „за жал, високите владини претставници имаат тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите. Културата на неказнивост е добро вкоренета во државата и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите. Бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка пракса на таканаречено онлајн, компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“.
Исто така, велат од ЗНМ, извештајот содржи дека заклучно со 24 октомври, Здружението на новинари на Македонија регистрирало 16 случаи на напади врз новинари, од кои 14 случаи биле вербални, од кои повеќето биле закани по живот на социјалните мрежи, а два биле физички.
ЗНМ го забележало фактот дека од сите вербални напади, осум се насочени против новинарки.
„Во сите случаи, ЗНМ ги повика полицијата и обвинителството да истражат и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата и ја повторија загриженоста дека неказнивоста останува сериозно прашање во врска со нападите врз новинарите. На 28 јули, ЗНМ го повтори својот апел до властите да го изменат и дополнат кривичниот законик за да осигурат дека нападите врз новинарите се третираат како кривични дела кои се гонат по службена должност. И оваа година во делот за медиумите и слободата на изразување Здружението на новинарите на Македонија , дури четири пати се спомнува како референтна организација која останува и понатаму веродостоен партнер на Стејт департментот“, стои во соопштението на ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

