Економија
Визијата станува реалност – почна продажбата на електричниот Volkswagen ID.3

Пионерскиот ID.3 на Volkswagen пристигна во нашата земја. Ова возило е симбол на новата ера за Volkswagen. ID.3 ја проширува понудата на Volkswagen како прв модел на комплетно новата генерација на електрични возила – со нула емисии, извонредна ефикасност и целосна поврзаност. Во исто време, ID.3 го отсликува ребрендирањето на Volkswagen, кое јасно ја истакнува визијата за електрична иднина.
ID.3 е сеопфатен автомобил, погоден за секојдневна употреба. Тој е компактен, а како таков, нуди карактеристики на маневрирање на мал автомобил со просторност во внатрешноста како кај поголемите возила. Тој комбинира возбудлив дизајн со иновативна технологија и значителен досег.
ID.3 од Volkswagen отвора нова ера на мобилноста. Ова е прв модел од ID серијата на возила која се карактеризира со 0 емисии на штетни гасови, импресивна динамика на возење што е карактеристична за електричните автомобили и целосна поврзаност. Како и сите идни ID модели, ID.3 се заснова на новата модуларна матрица за електричен погон (MEB), која е дизајнирана за електричен погонски систем без компромис.
ID.3 го користи новиот дизајнерски јазик, што го прави веднаш препознатлив како возило со нула емисии. Наменето за електричната иднина, носи ново ниво за квалитет на дизајн во категоријата на компактни возила. Со ID.3, Volkswagen се движи кон иднината. Природниот стил и апсолутно интуитивно искуство за возачот демонстрираат нов, електричен начин на размислување.
Внатрешноста е исто така револуционерна. Долгото меѓуоскино растојание на MEB платформата, во комбинација со многу куси превиси, резултира со просторна внатрешност на возилото. ID.3 поставува нови стандарди во компактната класа. Дигиталните, целосно ново дизајнирани елементи и контроли на дисплејот гарантираат дека секој возач интуитивно ќе го најде својот пат во ID.3. Покрај дисплејот на кокпитот, ново развиениот, централно позициониран, десет-инчен дисплеј на допир им ги дава на возачите сите клучни информации.
Сите контроли – вклучително и оние на мултифункционалниот управувач – се управуваат со употреба на функции на допир. Само електричните прозорци и светлата за предупредување за опасност сè уште работат со тактилни прекинувачи. Ова е дополнето со интелигентна контрола со природен говор. Благодарение на App Connect, ID.3 може да се поврзе со вашиот паметен телефон за неколку секунди.
Од самиот почеток на продажбата, ID.3 е достапен со три опции за големина на батеријата. Основната варијанта има корисна енергетска вредност од 45 kWh и овозможува досег до 330 километри (според WLTP). Потоа следува варијанта на батеријата со 58 kWh, што му овозможува на ID.3 да постигне досег до 420 км. Енергетската содржина на најголемата батерија е 77 kWh, а нејзиниот електричен досег е до 550 километри. Благодарение на неговата можност за брзо полнење, можно е да се наполни ID.3 за досег од околу 290 километри во рок од 30 минути, користејќи моќност за полнење од 100 kW.
Самите батерии се интегрирани во подот. Ова позиционирање има позитивен ефект врз динамиката на возењето, бидејќи го поместува центарот на гравитација значително пониско. ID.3 се карактеризира и со оптимална дистрибуција на тежина помеѓу предната и задната оска.
Запознајте го новиот ID.3 одблизу, во вашиот најблизок салон на Volkswagen.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .