Европа
Забранет влезот на крузерите во историскиот центар на Венеција

Италијанските власти ја одобрија забраната за влегување на крузерите во историскиот центар на Венеција.
Министерот за култура, Дарио Франческини, рече дека одлуката следува како одговор на барањето на УНЕСКО.
Големите бродови сега ќе мора да се закотват во градското индустриско пристаниште сè додека не се најде трајно решение, објави Би-би-си.
Критичарите велат дека бродовите предизвикуваат загадување и ги поткопуваат темелите на градот погодени од редовните поплави.
Италијанските министри се согласија дека големите крстосувачи и товарни бродови повеќе нема да може да влегуваат во градскиот Канал дела Куека, што води до историскиот плоштад Свети Марко.
Франческини го поздрави потегот опишувајќи го како вистинска одлука што се чекаше со години.
Крузерите во моментот не може да влезат во Венеција поради ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот, а нивното отсуство доведе до подобрување на квалитетот на водата во лагуните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Италија ќе издаде половина милион визи за странски работници надвор од ЕУ во следните три години

Италија ќе издаде околу 500.000 нови работни визи за државјани на земји кои не се членки на ЕУ помеѓу 2026 и 2028 година, соопшти владата, како дел од стратегијата за проширување на легалните имиграциски патишта и одговор на предизвикот на недостигот на работна сила.
Вкупно 164.850 лица ќе имаат дозвола да влезат во земјата следната година, додека се очекува вкупно 497.550 лица да влезат во земјата до 2028 година.
Ова е втор ваков потег на премиерката Џорџа Мелони откако ја презеде функцијата пред речиси три години како лидер на десничарска коалиција. Владата веќе одлучи да издаде повеќе од 450.000 дозволи за мигранти помеѓу 2023 и 2025 година.
Покрај условите под кои им е дозволен влез на нови работници, Мелони зазеде цврст став во врска со нелегалниот влез, забрзувајќи го враќањето на нелегалните мигранти и ограничувајќи ги активностите на хуманитарните организации кои спасуваат мигранти во Средоземното Море.
„Квотите се одредуваат според потребите изразени од социјалните партнери и фактичките барања за работни дозволи примени во претходните години, со цел програма што одговара на потребите на компаниите и е реална“, се вели во соопштението.
Стареењето на населението и опаѓањето на стапката на наталитет се причините за потребата од привлекување странски работници во третата најголема економија во еврозоната. Во 2024 година, имало 281.000 повеќе смртни случаи отколку раѓања, а населението се намалило за 37.000 на 58,93 милиони, продолжувајќи го трендот што трае со децении.
Европа
(Видео) Топлотен бран во Европа, Шпанија забележа рекордни 46 Целзиусови степени

Топлотниот бран продолжува да зафаќа големи делови од Европа, а властите во многу земји издаваат здравствени предупредувања поради неподносливата топлина. Јужна Шпанија е најтешко погодена со температури над 40 Целзиусови степени регистрирани во Севилја и околните области.
Според Шпанската национална метеоролошка служба, нов јунски температурен рекорд од 46 °C е поставен во градот Ел Гранада во саботата. Истиот извор извести дека овој месец е на пат да стане најжешкиот јуни досега.
⚠️ Récord nacional de temperatura para junio.
→ El día 28 se han alcanzado 46 °C en El Granado (Huelva). El dato, pendiente de validación, supondría la temperatura más alta medida en España en junio desde que hay registros.
→ Supera los 45.2 °C de Sevilla (junio de 1965) pic.twitter.com/0Qb1KJir3W
— AEMET (@AEMET_Esp) June 28, 2025
Црвени предупредувања за екстремна топлина се во сила во делови од Португалија, Италија и Хрватска, а многубројни портокалови предупредувања опфаќаат области од Шпанија, Франција, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Србија, Словенија и Швајцарија, пишува Би-би-си.
Во Барселона жена почина откога ја заврши својата смена како чистач на улици во саботата кога температурите беа многу високи. Локалната самоуправа ги истражува околностите на нејзината смрт.
Во Италија одделенијата за итни случаи во болниците во целата земја забележаа пораст на случаи на топлотен удар, главно кај „стари лица, онколошки пациенти или бездомници“, изјави Марио Гуарино, потпретседател на Италијанското друштво за итна медицина, за АФП.
Болниците, како што е „Оспедале деи Коли“ во Неапол, воспоставија посебни протоколи за лекување топлотен удар за да им овозможат на пациентите пристап до клучни терапии, како што е потопување во ладна вода што е можно побргу.
Градот Болоња отвори седум климатизирани засолништа со вода за пиење, а Рим им им дозволи на луѓето над 70 години бесплатно да влегуваат во градските базени. Лекар во Лисабон, главниот град на Португалија, изјави за „Ројтерс“ дека веќе има случаи на топлотен удар и изгореници и покрај предупредувањата да се остане во затворен простор во најжешкиот дел од денот.
Топлотниот бран го погоди и Западен Балкан со температури над 40 Целзиусови степени. Србија ја забележа највисоката температура на 26 јуни откога почнаа евиденциите во 19 век. Словенија ја забележа највисоката јунска температура во саботата. И Македонија беше погодена од екстремна топлина, со температури што достигнаа 42 Целзиусови степена во петокот.
HISTORIC HEAT IN SLOVENIA
Yesterday new national record of June highest tempeture with 38.4C.
Nearly all stations in the country (similarly to Croatia,Serbia and Bosnia) broke their monthly records.
Tables by Arso Vreme pic.twitter.com/hzZ0R88jyZ— Extreme Temperatures Around The World (@extremetemps) June 27, 2025
Лондон денес ќе достигне 35°C
Температурите ќе продолжат да растат во некои области до средината на неделата, а во следните неколку дена се очекува нов топлотен бран во Франција, Германија, Италија и во Велика Британија. Овој викенд беа во сила жолти и портокалови временски предупредувања за делови од Англија, а се очекуваше температурите во Лондон денес да достигнат 35°C.
Жештината се зголемува под голема област со висок притисок, со сув воздух што се спушта и се затоплува. Бидејќи овој процес продолжува неколку дена, температурите постепено се зголемуваат. Областа со висок притисок ќе се движи кон исток во следните неколку дена носејќи високи температури на север и на исток.
Иако е тешко директно да се припишат одделни екстремни временски настани на климатските промени, топлотните бранови стануваат сè почести и поинтензивни токму поради оваа промена.
Научниците од организацијата World Weather Attribution, која го анализира влијанието на климатските промени врз екстремното време, велат дека јунските топлотни бранови со три последователни дена над 28°C сега се речиси десет пати поверојатни отколку во прединдустриското време.
Европа
Германскиот министер за надворешни работи пристигна во Киев: ќе им оддаде почит на жртвите на нацистите

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес пристигна во Киев со ветување дека ќе продолжи со воената помош за Украина додека таа продолжува да се бори против руската инвазија.
„Слободата и иднината на Украина се најважните задачи на нашата надворешна и безбедносна политика“, рече Вадефул за време на својата прва посета на украинскиот главен град по преземањето на функцијата минатиот месец.
Тој додаде дека Германија „цврсто ќе застане покрај Украина за да може таа да продолжи успешно да се брани – со модерна воздушна одбрана и друго оружје, хуманитарна и економска помош“.
Патувањето беше чувано во тајност од безбедносни причини до неговото пристигнување во понеделникот наутро, а Вадефул пристигна во Киев со воз со претставници на германската индустрија за оружје. Германија е клучен снабдувач на воена опрема, оружје и финансиска помош за Украина.
Се очекува Вадефул да разговара со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибихa и да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Бабин Јар во 1941 година, каде што нацистичките окупаторски сили убија повеќе од 33.000 Евреи.
„Украина ќе одлучи дали Европа ќе остане место на кое преовладуваат слободата и човечкото достоинство или ќе стане континент во кој насилството ги преобликува границите“, рече Вадефул. Тој нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин не бара мир, туку освојување по секоја цена.
„Затоа ние остануваме целосно посветени на поддршката на Украина“, рече тој. Вадефул исто така го критикува Путин за отфрлање на вистинската дипломатија наведувајќи дека иако Украина постојано покажува подготвеност да се вклучи во сериозни преговори за завршување на војната, Путин останува непоколеблив во своите ригидни барања.