Македонија
Франција поддржува проекти за заштита на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, оствари средба со регионалниот директор на Француската агенција за развој, Доминик Отберг, на која присуствуваа и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и директорка на регионална економска служба на Амбасадата со седиште во Софија, Флоренс Добел.
Регионалниот директор Отберг истакна дека Агенцијата има мандат од француската влада од 2018 година за присуство во повеќе земји од регионот, кои имаат аспирации за членство во ЕУ. Досега се присутни во три земји од Западен Балкан, а со потпишувањето договор за спроведување на активности на Француската агенција за развој во Северна Македонија се очекува конкретни активности во државава да почнат в година.
Отберг ги презентира областите на интерес на Агенцијата во регионот на Западен Балкан и посочи дека поддржуваат проекти од разни области, но, пред сѐ, оние што имаат директен и позитивен бенефит заснован на Парискиот климатски договор.
Најприоритетна област за Северна Македонија, според Отберг би биле проектите што имаат допирни точки со Парискиот климатски договор, а се поврзани со водите, енергетиката, урбаниот развој, транспортот, заштитата на природните ресурси, енергетската ефикасност и сл. Механизмот за поддршка подразбира техничка помош, обезбедување заеми, грантови, директни заеми на општини, наменети, пред сѐ, за идентификување и развивање проекти релевантни за одржлив економски развој.
Министерот Нурдини нагласил дека во правец на исполнување на целите од Парискиот климатски договор во тек е изработка на закон и долгорочна стратегија за климатска акција и дека се очекува до крајот на годината тие да бидат донесени. Но, дека поддршка и помош се потребни во процесот на нивна имплементација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.