Свет
Во Британија пријавени 30 случаи на згрутчување на крвта по вакцината од „Астра зенека“
Регулаторот на Велика Британија соопшти дека досега се идентификувани 30 случаи на згрутчување на крвта по примени 18 милиони дози „астра зенека“ или 25 повеќе отколку во претходниот извештај.
На 18 март регулаторот пријави пет случаи на згрутчување на крвта по употребени 11 милиони дози од оваа вакцина. Вчера беа пријавени 25 случаи на згрутчување во мозокот и осум други случаи на згрутчување на крвта кај луѓе со многу мал број тромбоцити по 18,1 милиони дози од вакцината.
Агенцијата за регулирање лекови и здравство соопшти дека не добила такви извештаи по употребата на вакцината на „Фајзер“/„Бионтек“.
Здравствените власти продолжуваат да веруваат дека придобивките од вакцината во спречувањето на коронавирусот го надминуваат можниот ризик од згрутчување на крвта. Некои држави ја ограничија употребата на „астра зенека“, а други продолжија да ја користат. Извештаите за ретки тромби сѐ уште се испитуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пекинг: Преговорите остануваат единствениот одржлив пат кон мир во Украина
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, денес изјави дека ставот на Кина за кризата во Украина е конзистентен и јасен и дека Кина ги поддржува сите напори за мир.
Забележувајќи дека вратата за дијалог во украинската криза конечно се отвори неодамна, каде што сите страни водат разговори, таа изјави дека дијалогот и преговорите остануваат единствениот одржлив начин за решавање на проблемот, пренесува Синхуа.
„Се надеваме дека сите страни ќе ја искористат можноста да постигнат сеопфатен, траен и обврзувачки мировен договор, рече Мао на редовната прес-конференција.
„Кина е подготвена да соработува со меѓународната заедница за да продолжи да игра конструктивна улога во промовирањето на политичко решение за кризата“, изјави портпаролката на кинеското министерство.
Денес се одбележува четвртата годишнина од почетокот на војната во Украина, при што борбите на бојното поле продолжуваат заедно со трилатералните мировни преговори што ги започна американскиот претседател Доналд Трамп.
Свет
Орбан со предупредување: Додека нема нафта, нема пари за Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта нема да поддржи финансиска помош за Украина додека не се обнови снабдувањето со нафта преку нафтоводот „Дружба“, пренесува Анадолија.
Орбан изјави дека Украина, иако технички подготвена за нафтоводот, ги прекинала испораките за Унгарија од политички причини. Тој нагласи дека неговата влада нема да се согласи на таков пристап.
„Додека нафтата не тече низ „Дружба“, нема да има пари за Украина“, рече тој преку социјалната мрежа Икс. Тој исто така предупреди дека, без активирање на стратешките резерви, цените на горивата би можеле да достигнат 1.000 форинти (околу 2,64 евра) за литар веќе следната недела.
Орбан истакна дека Унгарија нема да дозволи да биде ставена во неповолна положба и потсети дека Будимпешта веќе ги прекина испораките на дизел за Украина и го информираше Брисел дека е подготвена да блокира пакет помош вреден 90 милијарди евра. Тој повтори дека Унгарија се залага за мир, а не за ескалација и дека нема да поддржи економска помош сè додека не се нормализира транзитот на нафта.
Транспортот на нафта до Унгарија и Словачка беше прекинат на 27 јануари по нападот врз „Дружба“. Владите во Будимпешта и Братислава го обвинија Киев за политичка злоупотреба на ситуацијата и спречување на продолжување на испораките. Како одговор, двете земји го прекинаа извозот на дизел гориво во Украина.
Во исто време, министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел не успеаја да се договорат за 20-тиот пакет санкции против Русија. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го оцени тоа како чекор назад, но рече дека разговорите со Унгарија и Словачка продолжуваат со цел да се постигне договор.
Свет
Жена избодена до смрт на гробиштата во Виена: уапсена 14-годишна девојка
65-годишна жена е пронајдена мртва со повеќекратни убодни рани во виенскиот округ Пенцинг доцна во понеделникот попладне. Безживотното тело е откриено на гробиштата Баумгартен околу 17:30 часот од страна на случаен минувач. Полицијата уапси 14-годишно девојче под сомнение за убиство, објавува „Хојте“.
Полицијата и брзата помош веднаш пристигнале на местото на настанот, но за 65-годишната жена било предоцна. „Обидот за реанимација не успеа“, изјави портпаролот на полицијата Филип Хаслингер за агенцијата АПА на местото на настанот. Веднаш е започната истрага.
Истрагата брзо ги одвела истражителите од Покраинската канцеларија за кривични истраги до 14-годишно девојче во кое полицијата се посомнева поради нејзиното однесување. Девојчето живеело во непосредна близина на гробиштата, каде што се верува дека е убиена жената. Се верува дека жртвата е избрана по случаен избор.
Тинејџерката е уапсена на нејзината домашна адреса и моментално е во притвор. Таму, истражителите запленија нож, за кој се сомнева дека е оружјето употребено во злосторството, како и облека поврзана со убиството. Таа се смета за главна осомничена, но сè уште не е познато дали е испрашана.
Полицијата сè уште не објави детали за идентитетот на жртвата или осомничената. Гробиштата беа затворени за јавноста до 21 часот, а имаше силно полициско присуство. Екипата на местото на злосторството работеше доцна во ноќта и истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.

