Економија
Битиќи на средба со Француската агенција за развој

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, одржа работна средба со амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер, и со делегација на Француската агенција за развој, предводена од регионалниот директор за Западен Балкан, Доминик Отберг, на која се разговараше за евентуалните можности за соработка помеѓу нашата земја и Француската агенција за развој.
„Владата е посветена на реализација на проекти со кои ќе се подобруваат условите за живеење на граѓаните на Република Македонија, а со кои воедно ќе се трасира и патот кон целосна интеграција на земјата во Европската Унија“, истакна во своето обраќање Битиќи додавајќи дека влегувањето на Француската агенција за развој во Северна Македонија е чекор напред кон продлабочување на соработката помеѓу двете пријателски земји.
Амбасадорот Бомгартнер и регионалниот директор Отберг ја претставија мисијата на Француската агенција за развој и истакнаа дека станува збор за тело што остварува меѓународни проекти што се во согласност со политиките на владата на Република Франција, кое е воспоставено пред повеќе од 80 години и има активности во над 100 земји во светот.
Според нив, со отворањето на регионалната канцеларија за Западен Балкан пред речиси една и пол година Франција ја покажа својата силна намера да им помогне на земјите од регионот во подобрување на условите за живеење и евро-интеграциските процеси, притоа почитувајќи ги одредбите од Парискиот договор.
Вицепремиерот Битиќи и претставниците на министерствата ги презентираа тековните и идните планирани проекти од инфраструктурата и социјалното домување, поддршка на младите и заштита на културното наследство, унапредување на правосудниот систем, рамномерниот регионален развој, земјоделството, здравството, заштитата на животна средина, енергетика и енергетска ефикасност и поддршка на претпријатијата.
Се согласија дека постои широк спектар на можности за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Франција преку Француската развојна агенција во годините што следуваат, а пред сѐ во интерес на создавање подобри услови за живеење на граѓаните, но и исполнувањето на критериумите за членството на земјата во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 177.533.000 денари кон 1.636 лица за предадени јагне и јаре

Денеска се исплатија 177.533.000 денари кон 1.636 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за развојот на сточарството во Македонија.
Реализирана е исплата на дополнителни директни плаќања од подмерки 2.8 и 2.10 за предадено јагне и/или јаре од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства одгледувачи на овци и кози и се корисници од подмерка 2.8 и 2.10 кои имаат предадено јагне и/или јаре во регистриран кланичен капацитет во период од 26 декември 2023 година до 25 декември 2024 година.
Економија
Николоски потпиша договор за грант-средства со Европската банка за обнова во висина од 350 илјaди евра

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски го потпиша Договорот за грант средства со Европската банка за обнова и развој во висина од 350 илјaди евра наменети за техничка помош за изработка на Национална стратегија за полнење електрични возила и инфраструктура, извести Министерството за транспорт.
„Националната стратегија за полнење на електрични возила и инфраструктура, прва од овој вид во Македонија, ќе овозможи стратешки пристап кон развојот на патната инфраструктура за поддршка на воведувањето на електрични возила во патната мрежа.
Во овој момент во тек е постапката за избор на Консултант (се очекува крај на јули, почеток на август да се избере) кој ќе има задача во две фази да креира:
Подготовка на Стратегија за електрични возила; Акциски план со приоритетни активности и рокови кои треба да бидат одобрени од Владата, преку Министерството за транспорт и Европската банка за обнова и развој.
Покрај Консултанот, во изработката на Статегијата и Акцискиот план ќе бидат вклучени домашни и меѓународни експерти од области на експертиза за електрични возила, енергетската ефикасност, транспортот и екологијата“, се додава во соопштението.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,35 п.п., при што во мај таа изнесува 2,21%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,43 п.п. и изнесува 5,06%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска.