Свет
(Видео) Хирурзи оперираа додека болница гореше
Хирурзите и медицинските сестри во рускиот град Благовешченск не сакаа да го остават пациентот на операционата маса дури и додека зградата во која се наоѓаше гореше.
Покривот на болницата беше зафатен од пожар поради краток спој и 67 пациенти беа веднаш евакуирани, но храбрите медицински работници, по цели два часа, успешно извршија операција на отворено срце.
Имено, тие само што ја започнаа операцијата кога избувна пожарот, пренесува „Сибир Тајмс“.
“Ние дури и не размислувавме за запирање, моравме да ја продолжиме операцијата. Се разбира дека се плашевме, но мојот тим остана смирен и храбар”, рече хирургот Валентин Филатов.
Во овој потфат им помогнаа и пожарникарите, тие ја исклучија централната вентилација за да не се прошири пожарот и наместо тоа, тие инсталираа електрични вентилатори во ходниците на болницата.
Кон крајот на операцијата, пожарот беше изгаснат и нема повредени, пренесуваат руските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Размена на тела во Газа: Израел предаде 15 Палестинци
Министерството за здравство на Газа денес објави дека нивни претставници ги примиле телата на 15 Палестинци од Израел, со посредство на Црвениот крст.
Со последното предавање на тела, од почетокот на прекинот на огнот во Газа, Израел предаде 315 тела на Палестинци, пренесува АП.
Израел ги врати телата на Палестинците откако еден ден претходно палестинското милитантно движење Хамас го врати телото на припадник на израелската армија, Хадар Голдин, кој беше убиен во 2014 година.
Според договорот за прекин на огнот во Газа што стапи на сила пред еден месец, а кој беше постигнат со посредство на Соединетите Американски Држави, Израел се обврза да врати во Газа 15 тела на убиени Палестинци, за телото на секој израелски заложник вратен од Хамас.
Фото: принтскрин
Свет
Оставки во врвот на Би-би-си поради спорниот документарец со говорот на Доналд Трамп
Главниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, поднесе оставка, а кусо потоа тоа го направи и извршната директорка на „Би-би-си њуз“, Дебора Тернес, по жестоките критики за начинот на кој бил монтиран говорот на Доналд Трамп во документарецот.
Пред новинарите Тернес изјави дека Би-би-си не е институционално пристрасен, но дека презема лична одговорност за направените пропусти.
„Беше привилегија да водам тим од брилијантни новинари“, рече таа.
„Оставката ја поднесов затоа што одговорноста е моја, но Би-би-си останува најдоверлив извор на вести во светот“, додаде Тернес.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на својата платформа „Тру соушал“ ги нарече новинарите на Би-би-си „корумпирани и нечесни луѓе“ тврдејќи дека биле „фатени како го менуваат неговиот совршен говор од 6 јануари“.
Трамп им се заблагодари на медиумите што го откриле скандалот и изјави дека се работи за „страшна работа за демократијата“.
Документарецот емитуван една недела пред минатогодишните избори во САД прикажал дел од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, така што се добива впечаток дека тој ги повикал своите приврзаници „да се борат“ и да одат кон Капитол.
Во реалност, спорната фраза „ќе се бориме жестоко“ се појавува во сосема друг дел од говорот, а не непосредно пред повикот кон маршот, што предизвика обвинувања за манипулација.
Во својата порака до персоналот Тим Дејви наведе дека одлуката е целосно негова. Тој призна дека имало грешки и дека како главен директор мора да ја преземе конечната одговорност.
Иако не го наведе скандалот како единствена причина, рече дека дебатата за „Би-би-си њуз“ придонела кон неговата одлука.
Претседателот на корпорацијата, Самир Шах, го нарече ова тежок ден и ѝ се заблагодари на Тернес за нејзината работа.
Министерката за култура Лиза Нанди му се заблагодари на Дејви за „водството во време на големи промени“.
Конзервативната политичарка Кеми Баденок изјави дека е „исправно што Дејви и Тернес презеле одговорност“, но додаде дека „културата на Би-би-си сè уште не се променила“.
Либералниот демократ Ед Дејви побара „нова страница и враќање на довербата“ во јавниот сервис, а Најџел Фараж порача дека ова е „последната шанса за Би-би-си“ и дека е време за ново раководство од приватниот сектор.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Јапонија
Денес, Јапонија беше погодена од силен земјотрес со магнитуда од 5,8 степени според Рихтеровата скала, според податоците од Геолошкиот завод на САД.
Земјотресот, на длабочина од 11,2 километри, го погоди Јамада, крај брегот на источната префектура Ивате, околу 16.23 часот по локално време.
Според податоците од Јапонската метеоролошка агенција, земјотресот бил со јачина од 3 степени според јапонската сеизмичка скала од 7.
Нема извештаи за предупредување за цунами или материјална штета.
Еден ден претходно, земјотрес со магнитуда од 6,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди префектурата Ивате на длабочина од 10 километри.
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами, кое подоцна беше укинато.
Фото: принтскрин

