Регион
Грчкиот министер го претстави владиниот план за отворање на туризмот
Грчкиот министер за туризам Харис Теохарис, кој е во обиколка на земјите каде што редовно доаѓаат гости во Грција, го претстави планот на Владата за отворање на туризам.
Министерот за денешниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) повтори дека планот е Грција да започне да прифаќа странски гости оваа година од 14 мај, што зависи и од состојбата со пандемијата од Ковид-19.
Тој додаде дека доколку епидемиолошките податоци бидат поволни, за патниците од некои земји со голем процент на вакцинирани, Грција сака да ја отвори туристичката сезона во средината на април.
Теохарис на германскиот весник му ги претставил и „петте линии на одбрана“ на Грција, односно условите за влез на патници и престој во Грција.
„Првата линија на одбрана“ е дека секој странски турист мора да има потврда дека или бил вакциниран против коронавирусот, или дека се опоравил од заразата со тој вирус, или дека покаже негативен резултат на тест за коронавирус.
„Втората линија на одбрана“ е дека сами ќе тестираат од примерок од туристи по пристигнувањето. Оваа стратегија за контрола ќе биде насочена особено кон оние кои доаѓаат од земји каде што имало концентрација на позитивни случаи претходниот ден.
„Третата линија на одбрана на Грција“ е веднаш да се стават во карантин туристи во случај на позитивен тест, а потоа да се подложат на подетален тест за ПЦР.
„Четврта линија на одбрана“ се општи правила за безбедност, како што се задолжителна употреба на маска или држење далечина, ограничувања на ресторани, автобуси, туристички патувања и разгледувања.
Последната, „петта линија на одбрана“, подвлече министерот, е дека „сите треба да ги следат истите правила како Грците“.
„Доколку има обврска грчките граѓани да носат маска, истото ќе важи за сите, без оглед дали се вакцинирани или не“, нагласи министерот.
Теохарис кажал дека вакцинацијата на персоналот во грчкиот туристички сектор, исто така, ќе помогне во заштита од вирусот.
Министерот најави и можно продолжување на годинешната туристичка сезона.
Тој очекува, од септември, проблемот со вакцинацијата да биде решен и дека ќе има големо туристичко побарување, кое тогаш нема да биде задоволено, а некои ќе сакаат да дојдат во октомври или ноември, за што Грција веќе се подготвува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

