Економија
АСОМ: Со законските измени илјадници вработени ќе останат на улица, а се отвора и пат за нелегално обложување

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на Предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри поставени на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР) и изразува жалење што и покрај многуте обиди од нивна страна за конструктивно делување во унапредување на регулативата, повторно се предлагаат измени кои водат кон затворање на цела една стопанска гранка, губење на илјадници работни места и огромни загуби за државниот буџет.
Забелешките на Асоцијацијата кои во најкус можен рок ќе бидат и официјално доставени преку ЕНЕР се однесуваат на зголемувањето на даноците и давачките, правните имликации по однос на скратување на стекнатото деловно право преку важечките лиценци, но пред сé на оддалеченоста од 500 м на деловните објекти од образовните инсититуции.
„Измените за одалечување на деловните објекти се целосно неприфатливи и подготвени сме силно да се спротивставиме на ваквиот предлог. Растојанието од 500 м оддалеченост на нашите деловни објекти од образовните институции значи затворање на 98% од уплатно-исплатните места, односно гасење на целата стопанска гранка. Со ова директно се загрозува егзистенцијата на повеќе од 8.000 семејства, односно повеќе од 8.000 вработени кои преку ноќ ќе останат без работа. Ефектите од ова ќе се прелееат и врз други стопански гранки како и врз повеќе од 50.000 работни места, кои индиректно зависат од нашата работа.“– велат од Асоцијацијата.
Дополнително АСОМ посочува дека со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и укажуваат на домашни и меѓународни правни импликации доколку им се скрати ова право на компаниите.
Иако во повеќе наврати досега, АСОМ укажуваше дека ваквото законско решение ќе создаде услови за развој на сивата економија и нелегалното обложување, институциите не ги земаа предвид овие последици при носење на предлог измените на Законот.
„Несфатливо е како инстуциите не можат да ги предвидат ризиците од измените на Законот кои се предлагаат. Ако ние ставиме клуч на врата на легалните спортски обложувалници, практично ќе згасне една веќе добро регулирана стопанска гранка. Затворањето на спортските обложувалници нема да го запре обложувањето, играчите ќе бараат алтернатива, а обложувањето ќе се префли на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците. Ова де факто ќе значи дека државата ќе се соочи со нелегално обложување и ќе отвори пат за развој на сива економија“- предупредуваат од АСОМ.
Во однос на предлогот за зголемување на давачките, АСОМ потенцира дека приредувачите во РС Македонија и сега плаќаат највисоки даноци во Европа, а наведената причина за нивно зголемување е целосно контрадикторна со оддалечувањето на објектите. Aко интенцијата на Регулаторот била да се зголемат приходите на државата, истиот мора да го земе предвид фактот дека тие средства едноставно нема да можат да се наплатат. Сосема спротивно на тоа, тие драстично ќе се намалат, бидејќи ќе следи забрзано затворање на уплатно-исплатни места и губење на работни места на илјадници граѓани.
„Каква нелогичност е зголемувањето на даноците, наспроти растојанието на кое нé обврзуваат. Ако ние ставиме клуч на врата на нашите објекти, државата не само што нема да има бенефит од поголеми даноци, туку ризикува да изгуби повеќе од 250 милиони евра кои од игрите на среќа се слеваат во државниот буџет. Ова само потврдува дека законските измени се направени без економски анализи и без да се земат предвид импликациите врз државната економија која во моментов е силно погодена од пандемијата.“ – истакнуваат од АСОМ.
Конечно, заклучоците на Асоцијацијата се дека ова не е европски закон. Европските закони не предвидуваат оддалеченост на објектите, затоа што ниту едно истражување во светот не покажало дека близината на објектите до образовните институции влијае врз навиките на младите. Законодавната пракса во европските земји не познава ограничувања, туку превенција која се врши со целосна забрана за влез на малолетници и големи казни за прекршување.
„И кај нас, во постоечкиот Закон за игри на среќа прашањето за забрана на учество на малолетници веќе е строго пропишано со членот 20 кој вели „лицата под 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа и не им е дозволен влез во просториите во кои се приредуваат игрите на среќа“.- нагласуваат од АСОМ и бараат стопирање на процесот и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на современ закон по европски терк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Муцунски: Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд-инвестиции

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, денеска одржаа тематска прес-конференција, на која говореа за последниот извештај на „Фајненшл Тајмс“ – fDi Intelligence, според кој Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП.
„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл Тајмс’ – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“, истакна министерот Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина – дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија.
„Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните: тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни: ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер“, додаде министерот Муцунски.
На прес-конференцијата тој истакна и дека граѓаните очекуваат чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци. Во таа насока, нагласи дека целта не е постигната и дека Владата го забрзува чекорот:
„Денес не велиме ‘целта е постигната’. Денес го забрзуваме чекорот. Поедноставуваме постапки, кратиме рокови, ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите. И, најважно – создаваме систем во кој никој не е над законот, затоа што довербата е нашата најсилна валута за раст“, заклучи министерот.
Директорот Димоски, пред медиумите, истакна дека денешниот успех претставува признание за стратегијата, пристапот и политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции, каде клучни приоритети се економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекувањето инвестиции со висока додадена вредност за македонската економија.
„После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува ‘fDi Intelligence’, специјален истражувачки оддел на ‘Фајненшл Тајмс’, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ“, истакна Димоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции – со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти – што е суштинската разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но и моментално во регионот.
Економија
Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување странски инвестиции по БДП

Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Така и ова ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година.
„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место“, истакна тој.
„Примарна наша цел беше да се консолидираме како држава, ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година ипол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите кое што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, посочи премиерот Мицкоски.
Економија
Советот на Народната банка донесе одлуки за унапредување на заштитата на потрошувачите на финансиски услуги

На својата последна седница, Советот на Народната банка усвои четири значајни одлуки насочени кон зајакнување на системот за заштита на потрошувачите, коишто треба да обезбедат поголема транспарентност, фер практики и ефикасно постапување по поплаките на граѓаните од страна на банките и штедилниците, како и соодветни контролни механизми од страна на Народната банка во оваа област.
Со Одлуката за обезбедување јасни, релевантни и навремени информации за производите и услугите, којашто беше усвоена од Советот, се воведува задолжителна обврска за банките да обезбедуваат точни, разбирливи и навремени информации на потрошувачите, особено пред склучувањето договори за кредити и депозити. Информациите треба да дадат јасни насоки во однос на основните придобивки, ризиците и условите за користење на производот или на услугата, вклучително и за трошоците поврзани со финансиските производи и услуги, извести Народната банка.
Со усвоената Одлука за обезбедување фер и транспарентен пристап при склучување и примена на договорите со потрошувачите се воспоставуваат стандарди за фер пристап кон потрошувачите, како и забрана за нефер, измамнички и агресивни деловни практики. Воедно, се дефинираат основните можни ризиците кои треба јасно да им бидат објаснети на потрошувачите пред склучување на договор, а банките се задолжуваат да донесат интерни акти со кои ќе обезбедат фер практика и недискриминација, вклучително и во однос на потрошувачите со попреченост.
Одлуката за воспоставување систем за прием, евиденција и правично постапување со поплаките на потрошувачите го уредува начинот на поднесување, прием и разгледување на поплаки во банките, како и обврска за почитување на рокови за одговарање на поплаките и формирање посебна организациска единица или назначување лице задолжено за заштита на потрошувачите во банките и штедилниците.
Одлуката за начинот на вршење контрола над работењето на финансиските институции во доменот на заштитата на потрошувачите ги пропишува основните видови на контроли во доменот на заштита на потрошувачите. Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување“ по примерот на напредните европски практики.
Со овие четири одлуки, Народната банка поставува правила и механизми за подобра заштита на правата и интересите на потрошувачите, придонесувајќи кон потранспарентна и пофер средина за користење на финансиските услуги, како и поголема финансиска инклузија, се додава во соопштението на Народната банка.