Економија
Прометот кај домашните е-трговци пораснал за 135 проценти во 2020 година
Од започнувањето на пандeмијата со Ковид-19 е-трговијата на глобално ниво забележува значително забрзан раст. И во Република Северна Македонија се забележува значителен раст во бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции и тоа најмногу во трансакциите реализирани со домашни картички кон домашни е-трговци, покажала платежната статистика на Народна банка.
Согласно последните објавени податоци од таму, растот на вредноста на реализирани онлајн трансакции кон домашни интернет-продажни места изнесува 135% во 2020 споредено со 2019 година. Во 2020 година реализирани се 178 милиони евра кон домашните е-трговци, од кои 6% или 11 милиони евра се направени со странски картички, додека во 2019 вредноста на реализираните трансакции кон домашните е-трговци изнесувала 75 милиони евра.
Што се однесува до вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон странски е-трговци, истата бележи пад од 54% во 2020 година споредено со 2019 година или во апсолутен износ реализирани се 62 милиони евра во 2020, наспроти 135 милиони евра во 2019 година. Секако, ова е очекувано со оглед на пандемијата и рестрикциите за патувања. Оттука, падот на трансакциите направени кон странски е-трговци во најголема мера може да се каже дека се должи на авиобилети, хотелски сметувања и слично, анализираат надлежните.
Што се однесува до бројот на трансакциите, во текот на 2020 година реализирани биле вкупно 10 милиони онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 6,7 милиони во текот на 2019 година, што претставува пораст од 50,1%.
Доколку се погледне вкупната вредност на трансакциите, во 2020 година, Македонците потрошиле 229,5 милиони евра онлајн кон домашни и странски онлајн трговци.
Притоа промена има и во структурата на реализираните трансакции и сè повеќе се купува од домашни е-трговци. Споредено со 2019 година кога вкупната вредност на реализирани онлајн трансакции од Македонците изнесуваше 169 милиони, растот во 2020 не е значително поголем споредено со растот од претходните години, односно изнесува 35.6%. Меѓутоа, се забележува значајна промена во структурата на реализирани трансакции во 2020 година, односно ако во 2019 од вкупно потрошената вредност само 41% отпаѓаше на домашните е-трговци, во 2020 година кога 73% од вредноста на онлајн трансакциите е реализирана кон домашни е-трговци, сликата е сосема поинаква, упатуваат надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.

