Македонија
(Видео) Галијата од Вардар се отстранува на сопствен трошок
Градот Скопје денеска почна да ја отстранува првата од трите галии во коритото на реката Вардар, а станува збор за онаа што беше поставена во непосредна близина на хотелот „Холидеј ин“.
Демонтажата ќе ја вршат екипите на ЈП „Улици и патишта“ во наредните неколку недели, и тоа, како што соопшти Град Скопје, на трошок на фирмата која досега управуваше со галијата во својство на должник во извршната постапка. Увид во активностите за отстранување на овој објект денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

„Станува збор за целосно демонтирање, вадење прво на движните ствари кои што се наоѓаат внатре, а потоа демонтажа и на самата галија. Со ова, како континуитет на политиките што јас ги креирам како градоначалник, започнуваме со поизразено расчистување со криминалниот и подмолниот проект „Скопје 2014“. Овие галии не се само надвор од здравата естетика, тие се и опасност за граѓаните на Скопје, имајќи предвид дека сите анализи што ги направи Градот од една страна, но и според студијата на УНДП, зборуваат дека галиите во коритото на реката Вардар претставуваат сериозна опасност од поплави кои може да нанесат сериозна материјална штета и да ги загрозат животите на скопјани“, рече градоначалникот Шилегов.
Тој се заблагодари на граѓаните за покажаното трпение, зашто заради правните постапки и процедури се доцнеше со отстранувањето на галијата.
„Одлучив така да работиме, зашто ваквото отстранување на галијата нема да претставува никаква финансиска опасност за Градот, дури и отстранувањето што ќе го вршат „Улици и патишта“ ќе биде на сметка на фирмата корисник“, објасни Шилегов.

Според студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти, а галиите за третина ја намалиле проточноста на реката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.

