Свет
Во светот повеќе од 561.000 новозаразени со Ковид-19
Повеќе од 561.000 случаи на заразени со коронавирус се потврдени во светот, известува Светската здравствена организација.
Во извештајот на СЗО се наведува дека се разболеле 131.020.967 лица, а починале 2.850.521 пациент, јави ТАСС.
Бројот на луѓе кои страдаат од Ковид-19 се зголеми за 561.783 во претходните 24 часа, а во истиот период починале 8.196 лица.
Европа има најголем број новозаразени случаи со коронавирус, дури 207.369 лица или 36 проценти, следуваат Северна и Јужна Америка со 170.252 лица, потоа Југоисточна Азија со 118.051 новозаразени со Ковид-19.
Властите на Нов Зеланд денес објавија дека ќе ги укинат ограничувањата за патување во Австралија на 19 април.
Одлуката да се дозволи патување без задолжителен карантин меѓу двете соседни земји, кои покажаа добри резултати во борбата против пандемијата со Ковид-19, беше поздравен од голем број семејства кои беа поделени со пандемијата, но и од туристичките работници, соопштуваат агенциите.
Австралија претходно дозволи граѓани на Нов Зеланд да влезат во земјата без карантин, но властите на Нов Зеланд беа повнимателни и сакаа патниците од Австралија да поминат две недели во изолација.
САД се повеќе се плашат од можниот четврти бран на пандемијата Ковид-19, со оглед на тоа што бројот на заразени со коронавирус расте.
Бројот на новозаразени се зголемува како што се интензивира кампањата за вакцинација.
Во Индија потврдени се 96.982 нови случаи на заразени со коронавирус, а од почетокот на пандемијата се регистрирани вкупно 12,7 милиони случаи на заразени со Ковид-19, покажуваат податоците на индиското Министерство за здравство.
Индија е на третото место во светот според бројот на потврдени случаи на коронавирус, по САД и Бразил и е четврта по бројот на смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: Трамп е единствениот западен лидер кој ја разбира Русија
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изјави дека Доналд Трамп е „единствениот западен лидер“ кој ја разбира позицијата на Русија во врска со Украина.
Според државната агенција ТАСС, тој го пофали Доналд Трамп како „единствениот западен лидер“ кој покажува разбирање за позицијата на Москва во врска со Украина, пренесува „Скај њуз“.
Лавров се осврна и на Обединетото Кралство и на Европската Унија, велејќи дека двете страни се во „безнадежно политичко слепило“ и се залажуваат со илузијата дека можат да ја надминат Русија.
ТАСС, исто така, објави дека Лавров рекол дека Москва нема намера да војува со Европа.
Наместо тоа, Русија останува подготвена да одговори доколку во Украина бидат распоредени војници.
Фото: депозитфотос
Свет
(Видео) Објавена снимка од апсењето на Луиџи Манџионе во „Мекдоналдс“
На суд беше прикажана снимка од полициска камера која ги покажа моментите непосредно пред апсењето на Луиџи Манџионе, која наместо да биде клучен доказ, би можела сериозно да му наштети на случајот на обвинителството. Снимката од „Мекдоналдс“ во Пенсилванија стана фокус на правна битка што би можела да го одреди исходот од целото судење, објавува „Телеграф“.
Иако се очекуваше видеото да го поддржи случајот на обвинителството, одбраната сега го користи за да ја доведе во прашање легалноста на дејствијата на полицијата. Деталите снимени на видеото, велат адвокатите на Манџионе, ја зголемуваат можноста дека клучните докази против нивниот клиент се добиени нелегално.
Судот сега мора да одлучи за правната тежина и прифатливоста на самата снимка. Одлуката ќе биде клучна не само за судбината на Луиџи Манџионе, туку и за понатамошниот тек на едно од најгледаните судења во Соединетите Американски Држави.
Неговите адвокати тврдат дека полицијата не му ги прочитала правилно неговите уставни права пред да го уапси и дека ги претресла неговите работи без налог.
Манџионе е обвинет за убиството на Брајан Томпсон, извршен директор на „Јунајтед Хелткеар“, во Њујорк. Тој се изјасни за невин по федералните и државните обвиненија за убиство.
фото: Depositphotos
Свет
Песков повика на претпазливост поради можно прислушување од страна на странски служби
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека руските претставници мора да бидат исклучително внимателни поради заканата од прислушување од страна на странски разузнавачки агенции.
„Разузнавачките агенции си ја работат својата работа. Особено непријателските. Ова бара руските претставници да бидат исклучително внимателни“, рече Песков, реагирајќи на неодамнешната изјава на раководителот на главниот разузнавачки оддел на Министерството за одбрана на Украина, Кирил Буданов, дека официјален Киев можеби ги прислушкува претставниците на Кремљ, пренесува Интерфакс.
На крајот на ноември, порталот „Блумберг“ објави транскрипти од телефонски разговори наводно водени меѓу специјалниот претседателски претставник на САД, Стив Виткоф, и помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, и специјалниот претседателски претставник, Кирил Дмитриев.
Иако Ушаков не ги коментираше разговорите, тој призна дека доста често комуницира со Виткоф, вклучително и преку социјалната мрежа WhatsApp. Ушаков посочи дека информациите протекуваат од некаде или прислушувањето го вршат „оние кои се заинтересирани да го нарушат дијалогот меѓу Русија и САД“.
Фото: депозитфотос

