Македонија
Маричиќ во Анкара на средба со турскиот министер за правда Ѓул

Министерот за правда Бојан Маричиќ за време на работната посета на Анкара се сретна со својот турски колега Абдулхамит Ѓул.
На состанокот, како што информираат од неговиот кабинет, се разговарало за продлабочување на соработката во секторот правда, со фокус на дигитализацијата.
Маричиќ на Ѓул му го претставил планот за дигитализација на над 100 судови во земјата и пренел дека искуствата кои ги има Турција во процесот на воведување на информатичка технологија во правосудството се од исклучително значење за нас.
Во однос на размената на искуствата со Турција за дигитализацијата на судовите, за време на посетата делегацијата на Министерството за правда предводена од Маричиќ ќе ја посети и Академијата за правосудство на Турција и Генералниот директорат за информатичка технологија, најавуваат од Министерството за правда.
Маричиќ на Ѓул му ги претставил реформите кои се преземаат со цел зајакнување на правната држава и длабоките реформи кои се спроведуваат во правосудството, а биле потврдени и традиционално добрите односи меѓу двете држави и двата народа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Во Гази Баба се гради огромна дива депонија без никакви дозволи, објави Арсовска

Во општина Гази Баба, фирма затекната од инспекторат на град Скопје при вршење нелегални активности, правење огромна дива депонија со градежен и опасен отпад и бесправна експлоатација на земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, што претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Апелираме до Министерството за внатрешни работи да постапи, бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на вакви дела да мислат дека се недопирливи пред законот. Фирмата која прави дива депонија и каде се експлоатира, го има поткопано 110kV кабловски и воздушен далновод кој го напојува со електрична енергија градот Скопје. На ова земјиште сопственост на Република Македонија се прави сериозна штета на главниот далновод, известени се сите надлежни институции за кои очекуваме да не се кријат и да постапуваат“, вели Арсовска.
Македонија
Кривични пријави против двајца угостители од Берово и од Пехчево за бесправно градење

Полицијата поднесе кривични пријави против правно лице – угостителски објект од Пехчево и против С. П. (43) од Пехчево и против правно лице – угостителски објект од Берово и В. К. (32) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела бесправно градење.
Пријавениот С.П., сопственик и управител на правното лице од Пехчево, на катастарска парцела во Пехчево во државна соспственост, без одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект и вршел угостителска дејност.
Пријавениот В.К., сопственик и управител на правното лице од Берово, на катастарска парцела, сопственост на Т.К. и М.К., на земјоделско земјиште, надвор од урбанистички план за град Берово, бесправно изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект во кој вршел угостителска дејност.
Македонија
Проектите што се реализираат не се на ВМРО-ДПМНЕ или на СДС, туку на македонските граѓани, реагира ВМРО-ДПМНЕ

СДС мора да почне да се однесува како сериозна партија, а не како мало дете на кое му ја земале играчката, велат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од СДСМ дека проектот за изградба на патот Охрид – Св. Наум е нивен.
„СДС мора да прифати дека проектите кои се реализираат, не се во нивна или наша сопственост, туку за граѓаните и за државата.
Исто така, многу е важно да се напомене дека проектите кои се почнуваат мораат и да се завршат. Е сега, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС е во тоа што ние кога работиме и остваруваме, се е во временски рок, јавно и транспарентно, а додека пак СДС, ако отпочне некаков проект, тој проект потоа е корумпиран, со тендери договорени во 4 очи, поскапи цени двојно од набавните, класифицирани договори или пак, проекти кои остануваат така да блеат во празно, и никој за ништо да не одговара.
Проекти кои СДС ги има до крај завршено се, проектот за златната виза на Филипче, пари од ископ на јаглен на фирми на Филипче и Заев, проектите за уништување на Македонија, како што беа името, знамето, идентитетот и Уставот, потпишувањето на Преспанскиот и договорот со Бугарија, проектот Француски предлог и многу други проекти слични на овие.
За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ вистински работи на реализација на проектите, без разлика која Влада ги започнала и ги решава на брз и ефективен начин во интерес на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.