Свет
Русија: Поради Навални засилени безбедносните мерки во Покрово
Руската полиција ги зајакна безбедносните мерки во градот Покрово, каде лидерот на опозицијата Алексеј Навални издржува затворска казна, затоа што неговите приврзаници се подготвуваат да одржат протест пред затворот и да испратат барање до властите да му обезбедат соодветна медицинска грижа.
Навални (44) најави штрајк со глад минатата недела бидејќи, како што тврди, властите во затворот му забрануваат соодветен медицински третман за акутна болка во грбот и нозете, пренесува „Ројтерс“.
Раководството на затворот во Покрово објави дека здравствената состојба на Навални е задоволителна и дека му е пружена целата неопходна медицинска нега.
Откако Навални подоцна објави дека тројца затвореници од неговата ќелија се хоспитализирани поради туберкулоза и дека тој ќе го продолжи штрајкот со глад и покрај високата температура и кашлицата, неговите соработници ја информираа јавноста во понеделникот попладне дека ќе одржат протести.
Московскиот дневен весник „Известија“, близу до Кремљ, објави дека Навални е префрлен во изолација и тестиран на коронавирусот, а од утрово, како што објави „Ројтерс“, биле поставени импровизирани полициски контролни пунктови и метални бариери на 100 метри пред портата на затворот Покрово.
„Затворот сега е под посебен режим на безбедност“, потврди руската полиција за „Ројтерс„.
Адвокатот на Алексеј Навални потврди дека рускиот опозициски лидер бил „сериозно болен“ откако имало извештаи дека бил пренесен во одделот за затворска болница поради респираторна болест и дека бил тестиран за коронавирус и други болести.
Адвокатот на Навални, Олга Михаилова, изјави дека член на неговиот правен тим денес го видел и дека тој е „во прилично лоша состојба“.
Тој во моментов отслужува две и пол години затвор под обвинение за проневера, за која рече дека е одмазда за неговото политичко спротивставување на рускиот претседател Владимир Путин.
Руската полиција го чува влезот на затворскиот оддел каде се наоѓа Навални, пред најавените протести за негова поддршка, кои се планирани за денес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: За Русија, Гренланд е данска територија
Русија тргнува од претпоставката дека Гренланд е данска територија, изјави денес портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Забележуваме многу контрадикторна ситуација. Тргнуваме од претпоставката дека Гренланд е територија на Кралството Данска. Слушнавме изјави и од Данска и од самиот Гренланд дека Гренланд нема намера да биде продаден на никого. А слушнавме и изјава од Вашингтон дека Вашингтон формулира парична понуда за стекнување на Гренланд во една или друга форма“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Тој ја нарече ситуацијата околу Гренланд необична и вонредна.
„Ситуацијата е необична, дури би рекол вонредна од гледна точка на меѓународното право. Но, од друга страна, со оглед на тоа што претседателот Трамп е во Вашингтон, самиот рече дека меѓународното право не му е приоритет. Затоа, ситуацијата се развива по поинаков пат“, рече Песков.
Како што изјави, Русија, како и остатокот од светот, ја следи ситуацијата во врска со Гренланд, пренесува Танјуг.
Свет
Рускиот амбасадор во Данска го обвини НАТО дека сака да го милитаризира Арктикот
Рускиот амбасадор во Данска го обвини НАТО дека се обидува да го милитаризира Арктикот поради барањата на САД за контрола врз во голема мера автономната територија Гренланд, која е дел од Кралството Данска.
Земјите на НАТО, вклучително и Данска, користат руски или кинески закани за да го прошират своето воено присуство во регионот, изјави амбасадорот Владимир Барбин за руската државна новинска агенција ТАСС.
Барбин рече дека Копенхаген зазема конфронтациски пристап со вклучување на НАТО, што доведува до зголемување на воените тензии на Арктикот.
– Русија нема агресивни планови против своите арктички соседи, не им се заканува со воена акција и не се стреми да ја окупира нивната територија – рече Барбин. Москва претходно предупреди дека сопствените интереси на Русија во Арктикот не треба да се занемаруваат.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, врши притисок врз Вашингтон да ја контролира богатата со ресурси данска територија, наведувајќи ги регионалните безбедносни проблеми и перципираните закани од Кина и Русија, анализираат медиумите.
По неуспешните разговори во Вашингтон во средата за решавање на спорот околу Гренланд, земјите од ЕУ, вклучително и Германија, објавија дека ќе испратат трупи на островот во мисија за поддршка на Данска.
Свет
Путин разговараше по телефон со Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток
Рускиот претседател Владимир Путин разговараше по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток.
„Беше разговарано за ситуацијата на Блискиот Исток и во Иран. Владимир Путин ги презентираше своите основни пристапи за интензивирање на политичките и дипломатските напори за обезбедување стабилност и безбедност во регионот“, соопшти прес-службата на Кремљ, пренесува РИА Новости.
Како што е наведено, Путин ја потврди подготвеноста на Русија да преземе медијаторски напори за конструктивен дијалог, а двете страни се согласија да продолжат со контактите на различни нивоа, пренесува Танјуг.
Фото: ЕПА

