Свет
Бил Гејтс е најголемиот земјопоседник во Америка, купил 100.000 хектари земја

Гејтс е сопственик на 100.000 хектари обработливо земјиште во дури 18 држави.
Со неодамнешната најнова аквизиција, тој е новиот најголем приватен сопственик на земјоделско земјиште во Америка. Најголемите површини земја има во Луизијана, а потоа следуваат Арканзас и Небраска.
На многумина им е чудно што човекот што стои зад една од најголемите технолошки компании во светот – „Мајкрософт“ – е и најголемиот сопственик на земјиште.
Но, Бил и Мелинда Гејтс објавија во 2008 година дека ќе дадат над 300 милиони долари за промоција на мали земјоделци во Африка и Азија и тоа оние кои се занимаваат со одржливо земјоделство и имаат високи приноси.
Нивната добротворно-инвестициска компанија инвестираше и во развој и ширење на „суперкултурите“ отпорни на климатските промени и во млечните крави кои произведуваат големи количини млеко.
Сè уште не е познато дали тој ќе ја користи целата земја, или за што ќе ја користи. Но, многумина се надеваат дека ќе се користи во согласност со вредностите на нивната фондација за одржливо и еколошко производство и слични цели.
Бил Гејтс е можеби најголемиот приватен сопственик на обработливо земјиште, но тој е далеку од број еден кога станува збор за сопственоста на земјиштето воопшто. На тронот е Џин Малон, извршен директор на „Либерти медија“ и акционер во големите медиумски корпорации, кој поседува 2,2 милиони хектари ранчови и шуми.
На трето место е Тед Тарнер, основачот на Си-ен-ен, со два милиона хектари земја и ранчови во осум американски држави.
Дури и извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, инвестира во земја. Тој поседува 420.000 хектари земја, претежно во западен Тексас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија: Сведоци сме на враќање на нацизмот на Западот

Сведоци сме на враќање на нацизмот на Западот, а Русија сама води борба против целиот тој регион, тврди рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува „Њузвик“.
„Досега – дури и за време на Студената војна – постоеше дијалог, што им овозможуваше на спротивставените блокови подобро да ги разберат намерите на другата страна, со главна цел да се спречи голема војна“, изјави Лавров на Националниот образовен младински форум Terra Scientia, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.
„Меѓутоа, Европа го изгуби тој инстинкт, а исто така, вакцината против нацизмот почна да слабее.“
Рускиот претседател Владимир Путин повеќепати го наведуваше наводниот неонацизам во Украина како една од причините за напдот врз земјата во февруари 2022 година, кој сè уште трае.
„Силите кои во минатото сакаа да ја уништат Русија повторно се раѓаат во Европа и сега за своја ударна точка ја избраа Украина, безрезервно одобрувајќи сè што таа прави“, рече рускиот министер за надворешни работи.
Тој додаде дека овој конфликт се разликува од Првата и Втората светска војна затоа што Русија „нема сојузници на бојното поле“. „Мораме да се потпреме на себе и нема место за слабост“, нагласи Лавров. „Мислам дека секој ден можеме да видиме како Европејците навистина сакаат да ја поразат Русија“, додаде тој.
Трамп вчера изјави дека ќе го скрати 50-дневниот рок што претходно ѝ го даде на Русија за постигнување прекин на огнот, во спротивно ќе се соочи со санкции.
„Многу сум разочаран. Разочаран сум од претседателот Путин. Многу разочаран. Така што, ќе мораме нешто да преземеме и ќе го скратам тој рок од 50 дена што му го дадов“, изјави Трамп пред новинарите.
„Едноставно не гледаме никаков напредок“, изјави Трамп вчера и нагласи дека планира да воведе санкции кон Русија за околу 10 или 12 дена.
Свет
Крвава расправија за паркинг во Атланта: Еден загинат, десет ранети

Едно лице е убиено, а десет се ранети во пукање што се случило рано во понеделникот во Атланта, потврди локалната полиција. До престрелката дошло во популарна четврт позната по ноќниот живот, а инцидентот се случил по викенд обележан со бран вооружено насилство.
Полицијата примила дојава за пукање околу 1:30 по полноќ на улицата Еџвуд, во четвртта Свиит Оборн. На местото на настанот биле затекнати 11 застрелани лица, од кои едно, 27-годишен маж, починало на самото место. Неговиот идентитет сè уште не е објавен. Останатите жртви, на возраст од 18 до 29 години, биле пренесени во болница.
Според зборовите на шефот на полицијата, Дарин Ширбаум, еден 18-годишник е во критична состојба, а уште едно лице било оперирано. Се верува дека трагичниот настан бил предизвикан од бизарна расправија околу паркинг место. Полицијата интензивно трага по тројца мажи и една жена, за кои се сомнева дека го започнале конфликтот, и ги повикува граѓаните да споделат корисни информации.
На местото на инцидентот било пронајдено огнено оружје и 34 чаури. Иако точниот мотив сè уште се утврдува, полицијата засега не се сомнева на поврзаност со банди и верува дека поголемиот дел од жртвите биле случајни минувачи.
Ширбаум истакна дека овој инцидент е дел од црн викенд кој го зафати градот, во кој во 12 насилни инциденти биле повредени вкупно 29 лица, а две починале. Останатите инциденти вклучувале семејно насилство и конфликти поради блокирање на возила.
Регион
(Видео) Турист падна во базен откако му се откопча падобранот за време на парасејлинг во Црна Гора

Турист доживеа опасен инцидент за време на парасејлинг во Бечичи, откако поради силен ветер му се откопча падобранот.
Снимка од инцидентот кој можел да заврши трагично беше објавена на популарната страница Подгорички времеплов, со опис:
„Туристот имал многу среќа што поминал без повреди. Имено, станува збор за странски државјанин кој во Бечичи останал неповреден кога поради силен ветер се откопчал падобранот што го влечел глисер. Туристот паднал во базен. Станува збор за адреналинскиот спорт парасејлинг.“
View this post on Instagram
Полицијата, според досегашните информации, не добила пријава за овој инцидент.