Свет
Претседателот на Алжир побара од Франција да ја врати отоманската архива
Алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун ја повика Франција да ги врати архивите кои датираат од отоманската ера, а кои биле прошверцувани надвор од земјата за време на француската колонијална ера од 1830 до 1962 година, пренесува „Анадолија“.
„Архивата е составен дел од нашата историја и треба да ни се врати она што Франција го зеде од отоманските архиви што ги најде во Алжир. Ние сме цврсто решени да ги вратиме нашите архиви“, рече Тебун.
Алжирските власти и историчари велат дека Франција прошверцувала стотици илјади мапи и историски документи, вклучително и материјали што датираат од отоманската ера (1518-1830) од Алжир.
Во 2017 година, алжирската влада соопшти дека Франција држи 98 отсто од шверцуваните архиви на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Швајцарски весник: Џjинпинг вешто ја планираше својата посета за да го продлабочи јазот во Европа
Планот на посетата на Европа на кинескиот претседател Шји Џјинпинг на прв поглед можеби е изненадувачки, но фактот што тој за посета покрај Франција ги избра Србија и Унгарија, покажува дека рутата била многу вешто избрана од кинеска перспектива, пишува швајцарскиот дневен весник „Tages-ancajger“.
„Режимот во Пекинг знае каде се линиите на раздор во Европа и го користи патувањето за уште повеќе да го продлабочи тој јаз“, пишува весникот, истакнувајќи дека Шји не дошол во Европа со пријателски намери.
Весникот наведува дека Шји ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои се „претставници на прорускиот табор на Путин во Европа“.
Посетата на Белград, потсетува весникот, се совпаѓа со 25-годишнината од бомбардирањето на кинеската амбасада во главниот град на Србија за време на воздушните напади на НАТО, за што западната алијанса секогаш тврдеше дека е грешка.
„Сепак, Џјинпинг вешто ќе го искористи настапот на таа 25-годишнина за да го нагласи наративот за агресивен западен сојуз“, пишува Тагес-анцајгер.
Тој ќе биде пречекан во Будимпешта на 8 мај, на 20-годишнината од влезот на Унгарија во Европската унија. „Во меѓувреме таа земја се претвори во центар на руските и кинеските интереси“, пишува весникот.
Тој ќе најави изградба на голема кинеска фабрика за автомобили во Печ, „точно на време за да се заобиколат казнените тарифи на Европската комисија поради поплавата на електрични автомобили од Кина“.
Весникот забележува дека францускиот претседател Емануел Макрон неодамна го „задоволил кинескиот моќник“ во Пекинг со изјавата дека Тајван е внатрешно кинеско прашање и дека Европа не смее да дозволи САД да го вовлечат во конфликтот, а исто така и со своите барања за поголема стратешка автономија за Европа.
„Се што ја ослабува трансатлантската врска меѓу Американците и Европејците е во интерес на Кина“, пишува швајцарскиот дневен весник.
Гостин од Кина не доаѓа во Европа со пријателски намери“, заклучува весникот.
Свет
Американец заработил 100.000 долари и добил данок од 34,6 милијарди долари
Многумина би сакале едно утро да се разбудат како милијардери, но еден Американец кој ја имал таа можност, доживеал шок. Бери Тангерт од Ланкастер бил шокиран откако даночниците пресметале дека треба да им плати 34 милијарди долари.
Овој Американец, кој вообичаено тврдел дека заработува 100.000 долари годишно, целосно се изненадил кога ја видел огромната бројка на својата сметка.
Одделот за приходи на Пенсилванија му испратил сметка, во која пишувало дека и должи на државата 34.576.826.561,47 долари.
Тангерт за американските медиуми изјави дека знаел дека тоа е очигледна грешка, бидејќи не заработува повеќе од 100.000 долари годишно, па нема шанси да должи ни приближно до таа сума.
„Не знам дали се работи за компјутерска грешка во преносот или дали е грешка при внесување на моите податоци“, додаде Бери Тангерт.
Тангерт рече дека се обратил до Одделот за приходи и службеникот рече: „Имавте добра година“, на што рече дека посакувал да има.
Бери Тангерт се уште не добил официјално објаснување од властите, како дошло до грешка што го „задолжила“ за милијарди долари.
Управата за приходи за американските медиуми изјавила дека тоа што се случило е „изолиран инцидент, бидејќи во системот биле внесени погрешни бројки“, пренесува Спутник.
Свет
Јулија Навална: На Путин мора да му дојде крајот
Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, денеска, по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија, изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да му дојде крајот.
„За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен“, рече Навална и го обвини рускиот претседател за сето тоа. Како што рече таа во видеото објавено на ‘Јутјуб’, со секој негов мандат сѐ се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку Путин остане на власт.
„Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови“, им порача Јулија на граѓаните на Русија и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки на жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака, освен него“.
Таа рече дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“ и дека тој го изневери ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога рече дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.
„Пред два месеца Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашни терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија десетици смртни случаи на наши сограѓани. А сепак мирни поединци секојдневно се апсат поради новинарство, мислења или дури објави на социјалните мрежи“, рече Навална. Таа додаде дека мора да се осигури дека никој во светот нема доверба во Путин, ниту во Русија ниту надвор од нејзините граници.
„Нашата земја моментно ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе му дојде крајот. Не откажувајте се, вистината ќе победи“, заклучи Јулија, пренесува „Танјуг“.