Економија
Заев и Бесими: Економските мерки дадоа резултат, 100 проценти имплементација на вториот пакет
Буџетските приходи се повисоки во однос на преткризниот период, 4,4% е растот на вкупните приходи, 5% е растот на даноците и придонесите. Вториот пакет економски мерки е имплементиран 100%, а севкупна имплементација од четирите пакет мерки изнесува 82% или 860 милиони евра. Економските мерки го подобрија економскиот резултат за 4,2 процентни поени, беше истакнато на денешната прес-конференција на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими, на која присуствуваа и Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Крешник Бектеши, министер за економија, и Кире Наумов, директорот на Развојната банка.
Премиерот Заев истакна дека сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија.
„Првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1%, вториот пакет мерки е 100% имплементиран, третиот пакет 75,4% и четвртиот пакет 72,7%. Мора да се нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така што вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми, па дури може да достигне и до 99% имплементација. Гледано по компоненти на БДП, доколку не биле преземени мерките како субвенции за плати, придонеси од плати, платежни картички и сите мерки кои ги донесовме, падот на приватната потрошувачка би бил речиси двојно поголем, односно -11,8%, наместо -5,6% колку што изнесува според објавените податоци на Државниот завод за статистика. Во рамките на четирите пакети кои се предмет на анализа, донесени се околу 70 различни мерки, со кои се опфатени и поддржани компаниите и граѓаните погодени од пандемијата. Од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите 4 пакети, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека имплементацијата на 7 мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура и јас се надевам дека пратениците бргу ќе дадат зелено светло и на овие мерки“, изјави Заев и додаде дека имаме позитивни сигнали дека економијата заздравува, а за тоа се потврда позитивните тековни економски движења и тоа: високиот раст на извозот; растот на трговијата; зголемениот број во кредитирањето и растот на просечната плата.
Премиерот Заев потенцира дека извозот има номинален раст од 15,4 отсто во јануари на годишна основа, увозот на стоки раст од 5,3 отсто со што трговскиот дефицит во јануари се намали за 29 проценти. Во јануари прометот во внатрешната трговија има номинален годишен раст од 0,8 отсто, просечната плата има раст од 2,7 отсто, позитивни трендови се утврдени и во кредитирањето на населението и стопанството, така што во февруари вкупните кредити се зголемени за 4,4 отсто на годишна основа, кај стапката на невработеност е забележано постепено намалување, вработеноста е зголемена.
„Согласно последните макроекономски и фискални движења и очекувањата во однос на меѓународното економско окружување, домашната економија е предвидено да се врати на патеката на економски раст во 2021 година и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата. Со закрепнување на глобалната економија, очекуваме дополнително закрепнување и на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и со растот на домашната потрошувачка, поддржан и преку антикризните економски мерки, ќе се придвижи економскиот раст. Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа“, рече премиерот.
Министерот Бесими истакна дека од почетокот на годината имаме позитивни движења во економијата, кои најлесно и најбрзо може да се детектираат преку приходната страна на буџетот.
„Даночните приходи и придонесите се повисоки за 5% во однос на истиот период лани – што е преткризен период, каде нема импакт од ковид-кризата, при што даноците се наплатени во износ од 27,758 милијарди денари и се за 6,2% повисоки во однос на истиот период лани. Растот на даночните приходи е по речиси сите видови даноци, така ДДВ е повисоко за дури 11,4% во однос на првото тримесечје лани, данокот на добивка е на ниво повисоко за 5%, увозните давачки се повисоки за 10,4%, персоналниот данок на доход е на речиси исто ниво како и лани, со раст од 0,8%. Придонесите се на повисоко ниво во однос на истото тримесечје лани за 3,3%“, посочи Бесими.
Министерот за финансии рече дека на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои се одржуваат неделава, е претставен Планот за финансирање на забрзан раст (Growth Acceleration Financing Plan).
„Ова е нов стратешки документ на Владата, кој има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, но и да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг. Планот за финансирање на забрзан раст ќе има важна улога за економијата во Република Северна Македонија и зголемување на бројот на работни места, преку користење на јавните инвестиции и средствата од официјалните кредитори за мобилизирање на приватниот капитал. Очекуваните резултати се двојно забрзување на економскиот раст (од 2,5% на 5% на среден рок), задржување на нивото на јавниот долг и буџетскиот дефицит во рамки на мастришкиот критериум и раст на јавните и приватните инвестиции“, посочи Бесими.
Главната поента на овој план е преку креирање и користење на нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период 2021-2025 ќе се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто-домашниот производ и креирањето нови работни места.
Планот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.
Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.
„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.
„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.
Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.
Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.
Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.
„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.
Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.
Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.
Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.
Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.
На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.
Економија
Николоски: Се работи на нов просторен план на Македонија, стратешки документ за развој на државата
Изработката на новиот просторен план на Македонија треба да ги даде насоките за просторниот развој на државата со што ќе се овозможат бенефити за целокупното општество. Планот кој го изработува Агенцијата за просторно планирање, а во соработка со надлежни институции треба да понуди нов инфраструктурен концепт за развојот на Македонија, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на настанот по повод 20 години постоење на Агенцијата за просторно планирање.
Како што потенцира тој, Агенцијата има централна улога во обликување на идниот развој на државата.
„Би сакал да ја потенцирам важноста на новиот просторен план од следните причини: Македонија како природна крстосница меѓу Југоисточна и Централна Европа, има геостратешка важност која произлегува од положбата на коридорите Исток–Запад и Север–Југ, односноа Коридорите 8, 10 и 10 – д. Понатаму близината на јужните пристаништа и улогата како транзитна земја за транспорт, енергија и трговијата. Гледаме во овие глобални предизвици колку е важно Македонија енергетски да се поврзува и во таа насока изградбата на интерконекторот кој не поврзува со Грција како и планираниот интерконектор со Србија, ќе значи дека Македонија ќе стане и енергетска раскрсница. А во меѓувреме интензивно се работи и на далноводно поврзување и со Албанија преку далноводот Охрид-Елбасан. Тука се автопатите, железничките поврзувања, логистичките центри, мултимодуларните јазли особено јазолот со вкрстувањето на коридор 10 со коридор 8, подобрување на меѓуграничната поврзанот и др. И затоа сметам дека треба да постои добра соработка со сите институции на изработка на тој документ кој ќе се почитува и со кој ќе се следи развојот на државата”, кажа Николоски.
Тој го потенцира институционалното партнерство со Министерството за транспорт во спроведување на стратешките политики на Владата, а најави дека министерството работи на изработка на софтвер за развој и управување со геопросторни податоци. Вицепремиерот упати честитки за јубилејот на Агенцијата.

