Македонија
Јовески до обвинителите: Aпелирам на совесност и чесност, да го вратиме угледот во професијата
Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, денеска одржал онлајн-состанок со јавните обвинители, а тема на состанокот бил последниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2020 година, во кој во делот за Северна Македонија се нотира пречекорување на роковите за истраги, информираат од Обвинителството.
Јавниот обвинител Јовески од јавните обвинителства во државата побара да направат увид во предметите во кои е детектирано продолжување или пречекорување на роковите за истрага со цел да се утврдат причините за тоа, како и можностите за надминување. Според Јовески, оценката изнесена во извештајот на Стејт департментот е недвојбено објективна, а многуте предизвици со кои се соочуваат обвинителите во работата не смее да бидат оправдување за пролонгирање на постапките.
„Апелирам на одговорност, совесност и чесност со цел враќање на угледот во професијата. Тоа можеме да го направиме само со ефикасност на постапките“, истакна Јовески.
Тој побара од сите обвинители да вложат максимални напори за поефикасно гонење на криминалот, а соработката со Министерството за внатрешни работи и со другите институции да се унапреди и да се одржува на високо професионално ниво.
„Современиот вид криминал Обвинителството не може самостојно да го истражува, неопходна е меѓуинституционална соработка“, истакна Јовески.
Токму соработката со другите институции, покрај актуелната епидемиолошка состојба во државата, беше наведена како клучен елемент за долгото траење на одредени истражни постапки. Обвинителите се соочуваат со проблеми поради долготрајни вештачења од определени институции, како и со непочитување на законските рокови од одредени институции за достава на бараните податоци. Исто така, долготрајна е и постапката на меѓународна правна помош, која е неопходна за обезбедување докази во определени предмети.
За да се надминат овие проблеми, јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе иницира средби со надлежните институции од кои ќе побара нивно екипирање и навремена достава на податоците неопходни во истрагата.
Дополнително, од членовите во работната група за претстојните измени на Законот за кривичната постапка од редовите на Јавното обвинителство беше побарано да го дадат својот максимум со цел во новите законски одредби да се надминат проблемите и недостатоците кои во моментот придонесуваат за долготрајност на постапките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Втора вечер од „Новогодишна приказна“ во Кисела Вода: Либеро Бенд, Антониа Гиговска и Оле Поцкова во парк Шопен
По успешниот старт на „Новогодишната приказна“, која вчера ја исполни oпштина Кисела Вода со енергија и убаво расположение, вечерва во паркот „Шопен“ продолжува програмата наменета за сите генерации и вкусови, соопштија од општината.
Настанот е отворен за сите граѓани, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во празничниот амбиент со новогодишни куќарки, украси и содржини наменети за целото семејство.
Втората вечер започнува во 19 часот и ќе ја отвори Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама. Потоа сцената, после 20 часот ќе им припадне на Либеро Бенд, а вечерта ќе ја заокружи настапот на Антониа Гиговска. Водител на настанот е Миро Кацаров. Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани да се приклучат на втората вечер од „Новогодишната приказна“ и да уживаат во празничниот амбиент со своите најблиски.
Македонија
ГП Евзони (Богородица) и ГП Ники (Меџитлија) се пуштени за сообраќај
Од 15:00ч. ГП Евзони (Богородица) и ГП Ники (Меџитлија) се пуштени за сообраќај на сите видови возила, информираат од АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје – Европска престолнина на културата 2028
„Град Скопје денеска направи значаен чекор во насока на целосна и координирана подготовка за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, се воспоставува јасна институционална рамка за партнерска соработка и заедничко дејствување на сите нивоа на локалната самоупр“, соопштија од оваа институција.
Овој чин, како што нагласуваат од Град Скопје, означува нова фаза во процесот на реализација на проектот, во која обединетите институционални капацитети и ресурси ќе бидат ставени во служба на достоинствено, одржливо и успешно претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година.
„Скопје – Европски град на културата 2028! Денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, со што официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа.
Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните“, објави на социјалните мрежи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Потпишувањето на меморандумот, како што истакна, испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено со одговорност и визија да ја понесе оваа значајна европска улога.
„Овој ден е повод за гордост за сите нас, за градот, за општините, за културниот сектор и за граѓаните.
Тој е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар.
Со ова, проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во срцето на идниот развој на нашиот град.
Најдоброто, доаѓа“, порача Ѓорѓиевски.

