Македонија
Во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 67 пациенти со компликации од коронавирус
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 67 нови пациенти поради компликации од коронавирусот.
Вкупно 686 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 39 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 8 примени пациенти и 12 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 4 нови болни и 2 пациенти биле примени на Клиниката за детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени двајца пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 44 оздравени пациенти.
Во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 315 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 140 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 152 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти. На Клиниката за детски болести има 9 деца позитивни на Ковид-19 вирусот, а на ГАК има 9 позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 38 болни.
Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово имало 74 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.699 и има околу 300 празни болнички кревети во ковид-центрите.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 124 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 90 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 43 пациенти, во Велес се лекуваат 101 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и суспектни на Ковид- 19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 132 во ковид-центарот во Гостивар 37, а во Струга 22 болен.
Во болницата во Струмица хоспитализирани се 99 пациенти, во Кочани 26 во Кичево 40, Кавадарци 67, а во Гевгелија 22 лица позитивни и суспектни на коронавирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Севдаил Демири и Ресул Шабани добитници на наградата „22 ноември“
Утре во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ ќе ја додели државната награда за признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Северна Македонија, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија.
Добитници на наградата „22 Ноември“ за 2025 година се проф. д-р Севдаил Демири, истражувач, публицист и поет, и Ресул Шабани, писател.
Македонија
Единствена Македонија: Уставниот суд се мајтапи со народот
Единствена Македонија најостро реагира на денешното соопштение на Уставниот суд со кое на отворена сцена се мајтапат со народот пишувајќи дека судијката Добрила Кацарска е судијка со интегритет, самостојност и независност, велат од партијата.
„А што може да се очекува од еден Уставен суд кога сите уставни судии се дојдени во овој суд по линиии кои немаат никаква врска со знаење, способност и достигнување. Цела Македонија знае дека Добрила Кацарска дојде во Уставниот суд преку непристоен и срамен пазар – наменска осуда на лицата за 27 април во замена за функција во Уставниот суд. Добрила Кацарска е дел од поблемот и решението е во нејзиното бркање од судот со што ќе се раскине со темното минато. Цела Македонија знае дека марионетата Зоран Заев ја испорача ветената награда до Добрила Кацарска со претседателско место во Уставниот суд за успешно завршената работа за наменската осуда на македонските патриоти како што се Вилијам Михајловски Гајда и останатите за 27 април на затворска казна од два века затвор“, се наведува во соопштението од Единствена Македонија.
Од таму велат дека изборот на Кацарска за судијка во Уставниот суд ја потврдува и поразителната вистина дека Македонија се држи на линијата на темното минато кога за нарачани судски одлуки следувала награда за судски функции.
Македонија
Во Кочани почна со работа регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка
Во Кочани почна со работа регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка на Црвениот крст.
Министерот Азир Алиу го посети центарот каде информираше дека целта е да се продолжи со организирано обезбедување професионална психолошка помош, советување и поддршка за повредените од пожарот, нивните семејства и целата заедница.
„Центарот за ментално здравје ќе биде место за доверлива и безбедна грижа, со акцент на справување со траумата, загубата и емоционалните последици. Во Центарот, во рамки на првата фаза ќе работат девет психолози, кои ќе обезбедуваат индивидуални и групни сесии, психоедукација и поддршка за волонтерите и вработените. Овој центар е пример за тоа како треба да изгледаат вакви објекти низ целата држава. Министерството за здравство целосно го поддржува проектот и континуирано ќе дава поддршка за оваа иницијатива со која покажуваме дека иста е важноста на менталното здравје, како и физичкото, и заедно со Црвениот крст и нашите партнери ќе продолжиме да градиме систем на грижа и солидарност“, истакна министерот Алиу при посетата.
Тој, исто така, информираше дека во наредните три години, центарот располага со буџет од 150 илјади евра, обезбедени од Црвениот крст на Австрија и на Србија, како и други партнери и донатори. Средствата ќе бидат насочени кон обезбедување современа опрема, едукативни програми и континуирана поддршка за стручниот кадар, со цел граѓаните да добијат најквалитетни услуги.
„Оваа иницијатива го покажува континуитетот во грижата за повредените лица од трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека од самиот почеток трошоците за лекување и рехабилитација на повредените се покриени од државата, а по завршување на болничкото лекување обезбедивме и рехабилитација на повредените лица во објектот на Пониква. Токму таму, покрај рехабилитацијата и 24-часовното присуство на физиотерапевти, овозможивме и континуирана психолошка поддршка, која сега продолжува во овој центар во Кочани. Нашата заложба е сите пациенти да ја добијат потребната здравствена заштита и потребната психо-социјална поддршка“, рече Алиу.

