Македонија
Вработени во обвинителството, медиумите и инспекциските служби ќе се вакцинираат следната недела
Следната недела ќе почне вакцинирањето на вработените во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници.
Со нив, се очекува да заврши вакцинацијата на приоритетните групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата.
Во А1 Арената „Борис Трајковски“, од почетокот на оваа недела со „Спутник“ се вакцинираат припадниците на Армијата и МВР, дел од здравствените работници, наставниците и воспитувачите во градинките.
Досега се вакцинирани 18 261 граѓанин.
Во тек е и вакцинацијата на лица над 77 години со вакцината „Астра Зенека“.
Премиерот Зоран Заев пред два дена најави дека околу 300 илјади вакцини од различни производители се очекува месецов да пристигнат во земјата. Тој образложи дека станува збор за првите вакцини од Европската Унија наменети за Западен Балкан, од кои за Северна Македонија се издвоени 100 илјади дози. Првично, од нив би требало да стигнат 20 – 25 илјади, рече Заев.
Понатаму, се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од „Фајзер“, како и втората пратка преку Ковакс-механизмот. За месецов, планирана е и испораката на 200 илјади кинески вакцини, како и значителна количина „спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози, додаде премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од Управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните дена сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Османи во Стразбур: Мултилатерализмот останува единствен ефикасен одговор кон предизвиците
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, се обрати на 133-тата сесија на комитетот на министрите на Советот на Европа во Стразбур, при што ја истакна улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.
„Покрај сите свои пропусти, мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации и неспоредливи предизвици од разна природа. Советот на Европа останува суштински столб во тој поглед. Сепак, ние, земјите членки, ја носиме одговорноста за неговата ефикасност“, истакна Османи.
На 75-годишнината од постоење, Советот на Европа со нејзините норми и стандарди придонесе за подобрување на животот на граѓаните, чување на човековите права и негување на демократијата и владеењето на правото, рече Османи и го поздрави денешното усвојување на рамковната Конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото, како прв меѓународен инструмент во оваа област.
„Блиската соработка со другите меѓународни организации, особено со ЕУ, ОН и ОБСЕ, при решавање на заедничките проблеми, е од особено значење“, додаде Османи.
За време на престојот во Стразбур, Османи ќе оствари и многубројни средби со свои колеги од разни земји.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.