Регион
Србите од 14 мај ќе можат да патуваат во Грција преку Македонија
Српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ изјави за телевизијата К1 дека граѓаните на Србија ќе можат да патуваат во Грција под одредени услови од 14 мај, преку Северна Македонија.
Таа рече дека кон средината на овој месец ќе може да се влезе во Грција преку Бугарија, со, како што вели, потврда за вакцинација или негативен тест.
„Работиме на тоа оние кои ќе патуваат на море да можат да се пријават за вакцинација преку туристичките агенции“, рече Тајтана Матиќ, додавајќи дека се чини оти српските граѓани ќе можат да патуваат и во Хрватска и Турција.
Претходно, министрите за туризам на Србија и Грција, Татјана Матиќ и Харис Теохарис, се согласија дека српските граѓани годинава ќе можат да го поминат летниот одмор во Грција, потврдувајќи дека биле вакцинирани со каква било вакцина или со негативен ПЦР или брз тест. Границите за српските туристи најверојатно ќе бидат отворени веќе во средината на април, иако сезоната официјално започнува на 14 мај.
Како што претходно беше прецизирано, граѓаните кои се вакцинирани и кои се упатуваат кон Грција ќе бидат насочени кон зелената лента на границата, што би го намалило метежот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

