Македонија
ССК во Тирана за зголемување на деловната соработка меѓу Македонија и Албанија

Бизнис делегација од Сојуз на стопански комори на Македонија заедно со делегација на Комората на Северозападна Македонија учествува во тридневна економска мисија во Албанија чиј фокус е интензивирање на деловната соработка и воспоставување на нови бизнис релации помеѓу компаниите од двете држави.
Во рамки на економската мисија се остварија состаноци со премиерот на Албанија, Еди Рама како и состаноци со повеќе министри од Владата на Албанија како што се министерот за транспорт и инфраструктура, министерот за економски развој, туризам, трговија и претприемништво, за финансии, за земјоделство, рурален развој и водостопанство, за енергија и индустрија и министерот за иновации и јавна администрација. Дополнително во рамки на посетата ќе се остварат средби и со претседателите на Стопанската комора на Тирана и Сојузот на стопански комори и индустрија на Албанија, градоначалниците на Тирана и Драч, директорот на пристаништето во Драч како и претседателот на Стопанската комора во Драч. За последниот дел од економската мисија е предвидено одржување на голем бизнис и инвестициски форум во Тирана во соработка со Сојуз на стопански комори и индустрија на Албанија и Стопанската комора на Тирана на кој ќе учествуваат компании од Македонија и Албанија, министерот за економија на Албанија, амбасадорот на Македонија во Албанија како и албанскиот амбасадор во Македонија.Целта за организирањето на економската Мисија во Албанија е креирање на конкретни можности за зголемување на деловната соработка и директно соочување со одредени проблематики кои влијаат на условите за водење бизнис помеѓу двете држави. Македонија и Албанија се земји со средно висок доход кои поминаа долг процес на транзиција кон пазарно стопанство и спроведоа голем број реформи насочени кон подобрување на деловното окружување и привлекување на странски инвеститори со цел да се зголеми економскиот раст. Двете држави се членки на Светската трговска организација (СТО) и потписнички на Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) 2006.Македонија и Албанија немаат голем обем на трговска размена. Италија се уште останува најважниот трговски партнер за Албанија. За Македонија, ЕУ е се уште најголемиот трговски партнер при увозот и извозот, а Германија е најважниот партнер. Главните ограничувања што ја попречуваат деловната соработка помеѓу Македонија и Албанија се тоа што има малку информации и анализи достапни за бизнисите на двете страни околу можностите за трговија и инвестиции во другата земја, поголем дел од производите и индустриите во Македонија и Албанија не се комплементарни туку меѓусебно конкурентни, македонските производи не се многу ценовно конкурентни на албанскиот пазар поради високите транспортни трошоци вградени во цената.Сојуз на стопански комори има потпишано Меморандум за соработка со Индустриската Стопанска комора од Драч со кој се охрабруваат и подржуваат иницијативите за унапредување на соработката, промоцијата и развојот на компаниите од двете земји. Дополнително, Сојуз на стопански комори во соработка со Институтот за современи истражувања од Албанија, го реализираше проектот финансиран од ИПА програмите на ЕУ за прекугранична соработка со наслов “Подобрување на бизнис соработката во прекуграничниот регион” во период од 2013 до 2015 година, преку кој беа подготвени и доставени до соодветните институции предлог политики за подобрување и зајакнување на соработката во поглед на размената на информации за економските и трговските активности во двете земји, зајакнување на заедничка туристичка промоција, зајакнување на активностите за промоција на извозот на македонските производи на албанскиот пазар, зајакнување на контролата на квалитетот и лабораториски испитувања, поддршка за подобрување на размената на информации меѓу националните статистички организации, како и поддршка на иновации на малите и средни претпријатија во Македонија и Албанија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.