Македонија
ДИК го промовира првиот Прирачник за млади гласачи
Инклузивен пристап и мотивирање поголемо младинското учество во сите изборни циклуси е целта на првиот Прирачник за млади гласачи, кој го издаде Државната изборна комисија во соработка Мисијата на ОБСЕ. Прирачникот претставува иницијатива за воспоставување понепосредна и поголема двонасочна комуникација помеѓу ДИК и младите луѓе со цел на лицата што првпат гласаат да им се обезбеди полесен пристап во рамките на изборните процеси, како и соодветно информирање за нивните права, можности и законски обврски.
„Главна цел на ДИК е да ги вклучи сите гласачи во изборниот процес и да ја зголеми свесноста за учеството во општествените активности“, истакна потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.
„Голем акцент ставаме на младите луѓе и ќе бидеме особено среќни доколку секој од нив се вклучи во изборните и другите процеси на одлучување во земјата. Како институција веќе правиме напори овој Прирачник да го издадеме и во други форми, кои се полесно достапни за младите луѓе. Исто така, во соработка со нашите партнери од Мисијата на ОБСЕ веќе организираме разни иницијални обуки базирани на Прирачникот, со кои дополнително очекуваме да ги поткренеме интересот и знаењата поврзани со потребата од учество на избори, особено на младите генерации“, посочи Шеху.
„На младите би им порачал – вашиот глас е важен. На вас е да ги внесете своите идеи, вашите грижи и приоритети и вашата енергија во политиката во оваа земја. Иако постојат и други начини да се чуе вашиот глас, како, на пример, на социјалните мрежи, гласањето е најефективниот начин да се направат политички промени. Особено на локално ниво имате моќ да направите вистинска разлика во управувањето со вашите заедници“, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, посочи дека младите точно знаат во каков свет и држава сакаат да живеат, што им е потребно, каде сакаат да работат, но и колку сакаат и сметаат дека треба да заработуваат.
„Токму затоа е важно младите да се вклучат и да учествуваат во носењето одлуки почнувајќи од користењето на своето право на глас во рамките на изборните процеси. Гласот на младите ќе биде јасна насока какви политики ќе се креираат во однос на нив и нивната иднина. На нашето општество му се потребни младите и тоа е клучното што треба да им го кажеме, потребни сте ни вклучени, активни и влијателни“, додаде Мојсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.

