Свет
Во Јемен јужните сепаратисти создаваат сопствена економија во Аден
Сепаратистите на Јужниот преоден совет (СТЦ) во Јемен создадоа посебна економија на југот на земјата и ја попречуваат улогата на јеменската влада, тврди економскиот истражувач Фајсал Абдул-Гани, пренесува „ Ал-Араби Ал-Џадид“.
Абдул-Гани тврди дека по враќањето во привремената престолнина Аден, јеменската влада сфатила дека контролата на СТЦ, подржана од ОАЕ, врз тој и другите региони во јужен Јемен му овозможила да доминира во јавните приходи и да создаде своја економија.
Советот очигледно се инфилтрирал во многу економски, трговски и инвестициски сектори, како што се комуникациите, недвижостите и трговијата со гориво.
Абдул-Гани објасни дека јеменската влада ги ескалира борбите во регионот Мариб во обид да создаде нова рута за извоз на нафта и течен природен гас, особено од побезбедните полиња во Мариб, за да оствари приход. Сепак, борбите на периферијата на нафтената провинција влијаеја на сите планови за експлоатација на најважниот достапен природен ресурс.
Јемен се соочува со силна криза поради значително намалување на расположивите приходи. Ова ја спречува владата да управува со државните институции во привремениот главен град Аден и да ги обезбедува платите на вработените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Договорот меѓу Netflix и Warner Bros. може да биде проблем
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази загриженост во врска со најавеното преземање на Warner Brothers Discovery и популарната стриминг мрежа HBO од страна на Netflix, договор вреден 72 милијарди долари. Трамп предупреди дека Netflix веќе има „голем пазарен удел“ и дека комбинираната моќ на двете компании „може да биде проблем“, пишува BBC.
Двете компании објавија дека постигнале договор што ќе ги донесе иконските франшизи на Warner Brothers како што се „Хари Потер“ и „Игра на тронови“ под капата на Netflix.
Netflix, кој започна како услуга за изнајмување DVD-а во 1997 година, дополнително ќе ја консолидира својата позиција како водечка светска платформа за стриминг со овој договор – најголемиот во филмската индустрија по долго време. Според договорот, глобално популарните франшизи како што се „Луни Тјунс“, „Матрикс“ и „Господар на прстените“ исто така би станале дел од содржината на Netflix.
Договорот сега мора да биде разгледан од регулаторите за конкуренција. Одделот за конкуренција на Министерството за правда на САД, кој ги надгледува големите спојувања, би можел да пресуди дека договорот го крши законот ако процени дека новата, комбинирана компанија би зазела премногу од уделот на пазарот на стриминг.
На настан во Центарот „Џон Ф. Кенеди“, Трамп нагласи дека уделот на пазарот на Netflix „значително ќе се зголеми“ ако договорот помине и објави дека лично ќе биде вклучен во одлуката за негово одобрување.
Интересно е што Трамп, и покрај изразената загриженост, го пофали ко-извршниот директор на Netflix, Тед Сарандос, кој неодамна го посети во Овалната соба. „Имам голема почит кон него. Тој е одлична личност“, рече Трамп. „Тој направи еден од најголемите договори во историјата на филмот“.
Сепак, не сите во индустријата за забава го делат тој оптимизам. Здружението на писатели на Америка повика на блокирање на спојувањето, тврдејќи дека „проголтувањето на еден од неговите најголеми конкуренти од страна на најголемата светска компанија за стриминг е токму она што антимонополските закони се дизајнирани да го спречат“. Во соопштение објавено во петокот, тие предупредија: „Резултатот би ги елиминирал работните места, би ги намалил платите, би ги влошил условите за сите работници во забавата, би ги покачил цените за потрошувачите и би го намалил количеството и разновидноста на содржината за сите гледачи“.
Свет
Кремљ: Кога ќе го отстраниме она што нè иритира и нас и Америка, шансите за обновување на односите се зголемуваат
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, даде нови информации за мировните преговори за Украина за време на редовниот брифинг за медиумите во Москва.
Песков вели дека постои загриженост за промените во националната стратегија на САД под идните администрации, но дека сегашниот пристап ѝ одговара на Русија, објави руската државна новинска агенција ТАСС.
„Страните вклучени во мировните преговори се сè повеќе свесни дека работата мора да се заврши во тишина“, истакнува Песков.
Портпаролот додава дека со „отстранување на меѓусебните иританти“ меѓу Русија и САД, ќе има поголема шанса за обновување на билатералните односи меѓу двете земји, објавува државната новинска агенција РИА.
Кремљ, исто така, очекува да добие информации за резултатите од разговорите меѓу САД и Украина, додаде Песков.
Свет
(Видео) Заврши средбата на Зеленски со европските лидери: „Судбината на Украина е судбина на Европа“
По повеќе од два часа на Даунинг стрит 10 во Лондон, се чини дека разговорите завршија – Кир Стармер, Емануел Макрон, Фридрих Мерц и Володимир Зеленски се збогуваа на влезот во резиденцијата на британскиот премиер.
Потоа Мерц и Макрон заминаа, додека Стармер и Зеленски се вратија на Даунинг стрит 10.
Leaders of Ukraine, United Kingdom, France and Germany are meeting in London today.
Chancellor Merz:
The destiny of Ukraine is the destiny of Europe. pic.twitter.com/VWVGJ9uMhD— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) December 8, 2025
На почетокот на средбата, камерите беа присутни и ги снимија првите изјави на челниците.
Зеленски рече: „Единството меѓу Европа, Украина и САД е она што е важно денес“. Во своите забелешки, тој им се заблагодари на сојузниците за организирањето на состанокот, додавајќи: „Мислам дека е многу важно да се организираат вакви состаноци“.
Емануел Макрон кажа дека руската економија почнува да страда, особено по најновите санкции.
„Сите ја поддржуваме Украина и сите го поддржуваме мирот“, додаде францускиот лидер.
Фридрих Мерц рече дека е „скептичен во врска со некои детали во документите што доаѓаат од САД“.
„Ја поддржуваме вашата земја затоа што сите знаеме дека судбината на Украина е судбина на Европа“, му рече Мерц на Зеленски.
Не се очекува да се одржи прес-конференција за напредокот на разговорите, но се очекува писмена изјава, која треба да даде некои детали за она што беше кажано.
„Разговорите со претставниците на САД за мировниот план за Украина беа конструктивни, но не и едноставни“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во говорот синоќа пред планираните консултации со европските лидери во наредните денови.
Зеленски разговараше во саботата со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Планирани се понатамошни разговори во Брисел.
Трамп го обвини Зеленски дека „сè уште не го прочитал“ предлогот за нов мировен договор и рече дека „не е сигурен дали Зеленски ќе се согласи со предлогот“. Зеленски, од друга страна, вели дека „американските претставници ги знаат основните украински позиции“.

