Европа
ЕУ: Ковид-пасошите ќе важат за сите вакцини, а и за граѓаните од трети земји

Дигиталните т.н. зелени сертификати, кои треба да станат оперативни во ЕУ до почетокот на летото, ќе бидат издавани за сите вакцини против Ковид-19, а граѓаните на трети земји исто така ќе може да ги имаат, беше објавено денеска во Брисел.
Европскиот комесар за правда, Дидие Рејндерс, на дебата пред Комитетот за слободи и правда на Европскиот парламент рече дека главната цел на дигиталните зелени сертификати е да го олеснат слободното движење во ЕУ и да им помогнат на граѓаните да го вратат своето право на слободно патување на начин приспособен на здравствената состојба.
„Европската комисија предложи дигиталните зелени сертификати да се прошират на државјани на трети земји, кои живеат или легално патуваат во ЕУ. Со текот на времето европските зелени сертификати треба да станат интероперабилни со стандардите на меѓународно ниво. На среден рок системот треба да се усогласи, така што сертификатите издадени од трети земји автоматски ќе се прифаќаат во ЕУ“, рече Рејндерс.
Тој во Европскиот парламент додаде дека сите граѓани на ЕУ ќе добијат ист третман кога ќе бидат укинати ограничувањата за патување и дека сертификати ќе се издаваат за сите вакцини, без оглед дали се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) или не.
„Земјите членки ќе бидат обврзани да ги прифатат вакцините што се одобрени на ниво на ЕУ, но ќе може слободно да ги прифаќаат и сите други вакцини“, нагласи Рејндерс.
Потенцира и дека дигиталните сертификати ќе може да се користат само за слободно движење и дека секоја друга употреба на национално ниво мора да биде законски утврдена, пропорционална и недискриминаторска.
Хрватска и 12 други членки на Европската Унија веќе постигнаа договор за критериумите за издавање на т.н. ковид-пасоши, односно зелени пасоши, кои би го олесниле протокот на туристи за време на пандемијата, беше објавено вчера.
Зелениот пасош ќе обезбедува информации преку QR-код за тоа дали неговиот носител е вакциниран, тестиран или прележал коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Терминал на лондонскиот Хитроу евакуиран поради „опасни материјали“

Терминалот 4 на аеродромот Хитроу беше евакуиран вечерва по инцидентот што пожарникарите првично го опишаа како „можен инцидент со опасни материјали“. По неколкучасовна интервенција на полицијата, пожарникарите и службите за итни случаи, терминалот беше прогласен за безбеден и повторно отворен.
Инцидентот беше пријавен околу 17 часот по локално време, а единици од Фелтам, Хитроу, Вембли и околните противпожарни станици беа испратени на местото на настанот. Патниците беа евакуирани од салата за пријавување на летот на растојание од околу 150 метри од зградата, а сведоци раскажаа како тимови во заштитни одела пристигнале на местото на настанот и биле поставени паравани за заштита на приватноста.
Еден патник, Пол Скот, изјави за Скај њуз дека штотуку се пријавил кога започнала евакуацијата. „Атмосферата беше мирна, но сите бевме збунети бидејќи никој не знаеше што се случува. На луѓето им беа дадени алуминиумски ќебиња бидејќи стануваше ладно“, рече тој.
Лондонската служба за брза помош потврди дека на местото на настанот била укажана лекарска помош на околу 20 лица поради пријавени здравствени проблеми. Сепак, Метрополитен полицијата соопшти дека „не е пронајдена никаква трага од штетна супстанца“.
„Вкупно 20 лица пријавија здравствени проблеми, но ниту една од повредите не е опасна по живот, ниту има трајни последици. Истрагата е во тек“, соопшти полицијата.
Аеродромот Хитроу потврди околу 18:40 часот дека салата за пријавување во Терминал 4 е затворена, а кратко по 20 часот терминалот е прогласен за безбеден и повторно отворен.
„Многу ни е жал за предизвиканиот прекин, безбедноста на патниците и персоналот е секогаш наш врвен приоритет. Правиме сè што можеме за да осигуриме дека вечервашните летови ќе полетаат според планот“, соопшти аеродромот, додавајќи дека другите терминали не биле погодени за време на инцидентот.
фото: принтскрин
Европа
Ќе се обидеме сами да произведеме патнички авион со широк труп, велат Русите

Русија планира да развие сопствен патнички авион со широк труп, бидејќи плановите за заедничко производство со Кина сè уште не се спроведени, изјави шефот на Ростек, Сергеј Чемезов.
„Кинезите одлучија дека засега ќе го произведуваат сами. Ќе се обидеме и ние да произведуваме наш сопствен авион. Откако ќе го произведеме моторот PD-35, ќе изградиме наш сопствен авион со широк труп“, им рече Чемезов на новинарите во Самара.
Русија и Кина разговараа за заедничкиот развој на руско-кинескиот широкотрупен патнички авион CR929 и во 2014 година потпишаа договор за соработка. Основана е Кинеско-руската меѓународна корпорација за комерцијални авиони (CRAIC), која стана главен оператор на проектот.
Комерцијалните испораки требаше да започнат по 2025 година, но пандемијата на Ковид ги принуди партнерите да го одложат рокот за 2028 или 2029 година. Нова пречка беа западните санкции врз Русија, кои го променија форматот на соработка. Кина го презеде проектот, а Русија стана договорен производител само на одредени делови од авионот.
„Го променивме форматот на учество во проектот, па затоа се потребни соодветни промени и во меѓувладините документи. Со други зборови, приближно како во проектот за хеликоптери, односот ги вклучува клиентот и подизведувачот“, објасни првиот вицепремиер на Русија Денис Мантуров пред новинарите во мај 2024 година.
фото: принтскрин
Европа
Ердоган сака да ја замолчи опозицијата: демонстрантите се судрија со полицијата, фрлен е солзавец

Турската полиција се судри со поддржувачите на турската опозициска партија пред седиштето на Републиканската народна партија (ЦХП) денеска, користејќи солзавец за комесарот, назначен од судот, да може да влезе во зградата.
Властите го блокираа пристапот до канцеларијата на партијата во неделата вечерта откако десетици пратеници и членови на ЦХП се забарикадираа таму за да го спречат комесарот да ја преземе контролата со своите соработници.
Судот минатата недела пресуди да го отстрани раководството на партијата во Истанбул поради наводни нерегуларности на конгресот на партијата во 2023 година.
Поранешниот пратеник на ЦХП, Ѓурсел Текин, официјално ја презеде контролата врз партискиот огранок попладнето. Текин, кој се судри со лидерот на ЦХП, Озгур Озел, ја бранеше пресудата, нарекувајќи ја непристрасна и дека „не е дел од проблемот“.
ЦХП ја обвинува владата на претседателот Таип Ердоган за организирање политичка кампања против нив. Озел го замени долгогодишниот лидер на партијата, Кемал Киличдароглу, пред две години и ја предводеше партијата до неочекувана победа на локалните избори минатата година, обезбедувајќи контрола врз поголемиот дел од градските совети во земјата.
Оттогаш неколку градоначалници од опозицијата се уапсени под обвинение за корупција, вклучувајќи го и градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, клучен ривал на Ердоган.
Озел би можел да биде отстранет со судска наредба на 15 септември. Владата негира дека врши притисок врз судството.
фото: принтскрин