Европа
Русија ги предупреди САД: Избегнувајте го Крим за сопствено добро

Русија ги предупреди САД американските воени бродови да го избегнуваат Крим за нивно добро, а другите земји добија предупредување да не ја снабдуваат Украина со оружје.
Два американски воени брода треба да пристигнат во Црното Море неделава во контекст на ескалацијата на конфликтот во источна Украина, каде што владините сили се борат против проруските сепаратисти. Во конфликтот досега загинаа 14.000 лица.
Москва го анексира Крим од Украина во 2014 година.
Западот предупредува дека Русија во последно време трупа воени сили во близина на источната граница со Украина и на Крим. Кремљ на тоа одговара дека има право да ги преместува своите сили како што мисли дека е потребно, особено за одбранбени цели.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, ги предупреди американските воени бродови во Црното Море да се држат на дистанца истакнувајќи дека ризикот од инциденти е многу висок, пренесоа руските новински агенции.
„Американските бродови немаат апсолутно ништо да бараат на нашите брегови, тоа е чиста провокација. Провокација во буквална смисла на зборот: тие ја тестираат нашата сила, си играат со нашите нерви. Тоа нема да успее“, рече тој.
„Ги предупредуваме САД дека ќе им биде подобро да се држат далеку од Крим и од нашиот брег на Црното Море. Тоа е за нивно сопствено добро“.
Од Пентагон не сакале да го коментираат испраќањето бродови велејќи само дека американската војска рутински испраќа бродови во регионот.
Руската Црноморска флота е со седиште во Крим, каде што има моќни ракети и радари. Русија исто така предупреди да не се продава оружје на Киев.
„Ги повикуваме сите одговорни земји со кои комуницираме, а Турција е една од нив, дека силно препорачуваме да ја анализираат ситуацијата и постојаните воинствени изјави на Киев и исто така ги предупредуваме да не ги разгоруваат овие милитаристички аспирации“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во понеделникот.
Турција испорача воени дронови во Киев за кои беше потпишан договор во 2019 година.
Шест од нив се веќе доставени, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина: Русија нè бомбардираше и покрај тридневниот прекин на огнот

Украинските власти рано утрово пријавија ново гранатирање и покрај едностраното примирје објавено од рускиот претседател Владимир Путин, кое наводно стапи на сила на полноќ.
Руските авиони постојано фрлаат наведувани бомби над северниот регионот Суми, соопштија украинските воздухопловни сили на Телеграм, предупредувајќи за континуирана воздушна активност во источен правец.
Во меѓувреме, рано утрово беа пријавени предупредувања и напади со беспилотни летала во регионот Липецк во западна Русија, според регионалниот гувернер Игор Артамонов.
Информациите дадени од двете страни не можеа независно да се потврдат.
Едностраното 72-часовно примирје прогласено од Москва стапи на сила веднаш по полноќ, според руската државна новинска агенција ТАСС. Путин го објави прекинот на огнот за време на годишната прослава на Денот на победата во Русија на 9 мај, со што се означува крајот на Втората светска војна во Европа.
Европа
Новиот германски министер за надворешни работи: Украина може да се потпре на Европа

Новиот германски министер за надворешни работи Јохан Вадефул вети европска поддршка за Украина по неговата посета на Варшава вчера, пишува Киев Индепендент.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц положи заклетва на 6 мај, а Вадефул ја презеде функцијата истиот ден заедно со новиот кабинет. Новите германски претставници ветија континуирана поддршка за Украина во услови на руска агресија.
Вадефул се сретна со полски претставници во Музејот на полската армија во Варшава, каде што разговараа за европската безбедност во контекст на војната на Русија против Украина. „Заедно сега правиме повеќе за европската безбедност, вклучително и финансиски“, рече тој.
Вадефул го предупреди Кремљ дека Германија и Европа ќе продолжат да ја поддржуваат Украина. „Секој во Москва мора да знае дека Европа ќе ја поддржи Украина“, рече Вадефул.
Мерц претходно објави дека е подготвен да ја зголеми германската поддршка за Украина, вклучително и испраќање ракети со долг дострел „Таурус“ во Киев.
Да потсетиме дека поранешниот германски канцелар Олаф Шолц постојано ја блокираше испораката на ракетите со долг дострел „Таурус“ поради загриженост за ескалација со Русија.
Европа
Студент со секира упаднал во универзитет во Варшава, убил вработена

Жена е убиена со секира на универзитет во Варшава, соопштија полските власти. Инцидентот се случил вчера околу 18:40 часот. по локално време кога млад човек вооружен со секира нападнал луѓе на кампусот.
Портпаролот на канцеларијата на окружниот обвинител изјави дека еден административен службеник на универзитетот бил убиен на местото на настанот. Обезбедувачот бил префрлен во болница во критична состојба.
Варшавската полиција потврди дека привела 22-годишен Полјак. Според информациите, станува збор за студент.
Ректорот на универзитетот изјави дека четврток ќе биде ден на жалост во институцијата, нарекувајќи го нападот „огромна трагедија“. „Изразуваме голема тага и сочувство до семејството и најблиските“, се вели во соопштението на ректорот.