Македонија
Државните функционери ќе имаат ограничување на трошоците за угостителски услуги
Владата на денешната седница ја разгледа и усвои oдлуката за начинот на користење и висината на финансиските средства за угостителски услуги, предложена од кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против коурпцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
„ Со неа, за прв пат се ограничуваат трошоците за услуги во угосителски објекти во државата при одржување на работни состаноци, точно е определен износот што може да се користи по лице присутно на работниот состанок, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на лицето коешто го организира работниот состанок. Истата има широк опфат со кој се опфатени претседателот на Владата, заменик-претседатели на Владата, министрите, заменик-министри, генералeн секретар на Владата, заменик на генералниот секретар, државни секретари, сите директори на институции, како и лицата избрани и именувани од Владата кои раководат со правните лица основани од државата“, велат од кабинетот на Николовски.
Како што додаваат, целта на одлуката е истата да биде дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањето на трошењето на буџетските средства, а предвидени се и соодветни контролни механизми и евиденција за реализираните угостителски трошоци што ги направил одреден функционер за одржување на работен состанок.
„Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картичка, функционерот до секторот за финансии во институцијата задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал. Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци. Во случај на пречекорување на дозволните лимити за угостителски трошоци, лицата кои го сториле пречекорувањето ќе мора да го надоместат пречекорениот износ на финансиски средства, најдоцна во рок од три работни дена од денот кога се одржал работниот состанок“, додаваат од кабинетот на Николовски.
Во насока на зголемена транспарентност и отчетност, државните органи се обврзуваат остварените трошоци за угостителски услуги да ги објавуваат јавно на веб-страниците на институциите.
Во случај на непочитување на одредбите од оваа одлука, се применуваат мерките од член 23 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

